Интегрален текст од обраќањето на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Интегрален текст од обраќањето на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

 

 

Почитувани,

Почитувани присутни, почитувани дами и господа, драги пријатели,

Здравството е област во која во минатото многу малку, пред нашето доаѓање, се инвестираше, многу малку проекти се правеа и многу млаку фокус имаше на тој дел. По доаѓањето на политичката гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ работите се променија, започнаа многу инвестиции многу новини, многу работи кои што почнаа радикално да ги менуваат од корен работите.

Во минатото многу малку се посветуваше внимание на карактеристичните болести кај луѓето и третманот на истите. Бројките говорат дека кардиоваскуларните болести се хронични болести кои се јавуваат како една од водечките причини за смрт кај луѓето во Македонија. Во најголем број случаи долго време остануваат недијагностицирани и во моментот кога ќе се појават првите манифестации, истите се јавуваат во вид на ургентни акутни коронарни состојби, во вид на срцев удар, инфаркт или мозочен удар. Ваквите манифестации настапуваат неочекувано брзо и во многу голем број случаи завршуваат со фатален исход,  пред воопшто да може се примени било каков медицински третман. Медицинските лица, иако имаат знаење, немаат целосни ресурси за да се борат против овие појави, а дополнителен значаен фактор е што во ова поле драматично брзо се менуваат работите и секоја година технологијата во превенцијата оди се понапред. Ако не се вложува во врвна опрема се испушта чекорот кој би значел следење на современите текови.

Со навремено откривање на потенцијалните ризик фактори и со нивна благовремена промена, и промена на технологијата значително може да се спречи појавата на ваквите ургентни кардиоваскуларни манифестации, а со тоа и прераната смрт на населението. Токму од тие причини, по препорака на стручни лица  планираме воведување на еден повисок степен на систематски пристап кон благовремено откривање на пациентите со зголемен ризик од кардиоваскуларна болест кај кои навремено ќе се пристапи кон третирање на ризик факторите кои доведуваат до различни кардиолошки заболувања.

Во делот на здравството, денеска во првиот сегмент од ова мое обраќање, сакам посебно да се осврнам на група проекти, сет мерки за унапредување на третманот на кардиоваскуларните заболувања, имајќи ја предвид зачестеноста на појава на овие заболувања во Македонија, но и во светски рамки.

Во оваа област на здравствената заштита и изминатиот период вложивме многу, реализиравме крупни проекти и сериозно се доближивме до врвните европски и меѓународни стандарди на третман на кардиоваскуларни заболувања.

Потсетувам, дека за првпат во Македонија отворивме Универзитетска клиника за државна кардиохирургија. Проект кој во изминатите 40-50 години за докторите беше само сон. Воспоставивме и успешно функционира мрежа на центри за интервентна кардиологија, и тоа покрај клиниката за кардиологија и болницата во Охрид, се создадоа услови и за интервентна кардиологија во Битола, во Штип, во Тетово, во Струмица и во ГОБ “8ми Септември“ во Скопје. Продолжуваме со несмалено темпо да реализираме проекти и нови мерки во секој сегмент на здравствената заштита.

Една од низата мерки која ќе ја реализираме во наредниот период е комплетно реновирање и адаптација на објектот на Универзитетската клиника за кардиологија.

Ова е многу значајна инвестиција, имајќи предвид дека постојниот објект на Клиниката е стар околу 40-тина години и ова ќе биде прв поголем градежен зафат на оваа клиника. Ќе се изврши комплетно обновување на инфраструктурата и на ентериерот на објектот, опфаќајќи ги одделот за интензивна нега, стационарот и други содржини, со цел овозможување посовремени услови за третман на овие пациенти. Со комплетното реновирање на објектот ќе се овозможи и унапредување на функционалноста на лифтовите, енергетската ефикасност, затоплувањето, вентилацијата, водоводот, канализацијата, противпожарната заштита, а ќе бидат комплетно обновени и прозорците, вратите, подовите, плафоните, ѕидовите, покривот.  Оваа инвестиција ќе изнесува околу 180 милиони денари и по завршување на комплетната реконструкција ќе се добијат современи услови за работа на македонските лекари.

Покрај инвестирањето во здравствената инфраструктура, како и досега, продолжуваме да инвестираме и во нова медицинска опрема, имајќи предвид дека тоа се едни од главните носечки столбови на секој квалитетен здравствен систем. Токму во таа насока, предвидуваме една исклучително значајна инвестиција во нова опрема, а тоа е формирање на хибридна сала во рамки на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија. Ова е крупна инвестиција од околу 2 милиони евра, значи претходното споменато реновирање е инвестиција од 3 милиони евра, набавувањето на Хибридна сала е инвестиција од 2 милиони евра, со што Клиниката за кардиохирургија ќе добие комплетно опремена хибридна сала, која ќе биде единствена од ваков тип во поширокиот регион на југоисточна Европа, се до Будимпешта каде неодамна се отвори ваква сала.

Целта е со формирањето ваква сала да овозможиме комплетен третман на пациентите на едно место, без да се упатуваат на други клиники, имајќи предвид дека станува збор за комплексни случаи кои наметнуваат интердисциплинарен пристап. На пример, кај некои пациенти е потребно да се примени и кардиохируршки зафат и одредена процедура од интервентна кардиологија, што значи наместо како досега да се упатува пациентот од една на друга клиника, ќе  биде комплетно третиран во хибридната сала, што ќе значи олеснување и за медицинскиот кадар и пред сè за пациентите. Во иднина, оваа сала би можела да се користи и од други специјалности, кои исто така бараат еден посложен и покомплексен пристап во третманот, како на пример неврохирургијата. Хибридната сала ќе даде високо софистицирани можности за работа и комплицирани оперативни зафати.

Инаку, побрзото закрепнување на пациентите по третман во хибридната сала, истовремено значи и помал број на болнички денови. Намалувањето на бројот на болнички денови е значајна корист и за пациентот како работоспособен кадар кој побрзо ќе се врати на секојдневниот начин на живот, а воедно значи и заштеда за здравствениот систем, со што овие средства може да се пренаменат за други инвестиции во здравството. На пример, кај одредени интервенции во ваков тип на сала, пациентот по само неколку часа од интервенцијата веќе е подвижен и активен, а за неколку дена веќе може  да биде пуштен дома. Значајно е што оваа сала овозможува комбиниран пристап од страна на медицинскиот тим, при што може во еден дел пациентот да се реши со мал хируршки рез, а во дел да се стави стент.  Во хибридна сала може да се третираат и исклучително тешки случаи, како на пример случај на раслојување на аортата, кој во светски рамки се оперира со 40% смртност, а во хибридните сали како најсовремен дострел на кардиохирургијата се оперираат со најниска смртност од само 1%.

Паралелно со овие инвестиции, со цел унапредување на превентивната здравствена заштита во делот на кардиоваскуларните заболувања, предвидуваме уште една новина, а тоа е формирање на Национален центар за кардиоваскуларни заболувања.  Идејата е овој центар да функционира како координативно тело и тело кое ќе предлага креирање на политики во овој сегмент на здравствената заштита. Во ова тело ќе членуваат директорите на Универзитетска клиника за кардиологија, Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, раководителите на кардиолошките одделенија од јавните здравствени установи низ цела држава и директорите на приватните здравствени установи од дејноста, кои се во мрежата. Ова е пракса во развиените европски и од земји низ светот, да се основаат вакви центри кои практично ја анализираат состојбата во сите кардиолошки центри и заеднички предлагаат мерки за постојано подобрување на состојбата. Со ова тело ќе се подигнат активностите на многу повисоко ниво.

Инаку, на Клиниката за државна кардиохирургија за 2 години се извршени окулу 450 интервенции, од кои поголем дел се интервенции на отворено срце, така што Клиниката е пример за установа која одлично се развива.  А со ваквите мерки ќе се постигне уште позначаен развој во негата и третманот на кардиолошките заболувања.

Како што споменав, сите овие проекти се фокусирани на унапредување на условите за третман на лицата со кардиоваскуларни заболувања, што секако ќе придонесе за спасување човечки животи, поуспешно излекување и поквалитетен третман за пациентите.

Тоа е првиот сегмент за кој што денес сакав да информирам, поврзан со кардиолошките и кардиоваскуларните заболувања, со кардиологијата и со Државната кардио хирургија, со Националниот центар за кардиологија и со сите сегменти поврзани со оваа дејност и новините кои што ќе се во насока на подобрување на третманот на пациентите и олеснување на работата на лекарите, не само преку реновирање на постојните објекти, туку и преку набавка на најсовремена опрема.

Вториот сегмент на кој денес ќе се осврнам се реконструкциите и изградбите на здравствените капацитети.

Веќе е познато дека активно се работи на повеќе стратешки проекти во здравството што имаат капитална вредност. Пред петнаесетина дена од страна на Банката на Советот на Европа во официјалниот гласник на Европската унија е објавен тендерот за изградба на новиот Универзитетски Клинички Центар „Мајка Тереза“ во Скопје. А пред извесен период е објавен и тендерот за надзор на оваа изградба. Ова е еден од капиталните проекти во македонскиот здравствен систем, со кој ќе се поставува нов стандард за квалитетот на здравствените услуги во Македонија. Инвестицијата само за изградба чини околу 70 милиони евра, а целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот е во вкупна вредност од 128 милиони евра. По спроведување на законските процедури, ќе отпочнат градежните работи, кои е предвидено да завршат во неколкугодишен циклус. Проектот предвидува изградба на нов Клинички Блок, нова зграда на Лаборатории, во кој што ќе влезат нови простории на 23 клиники, односно очна клиника, клиника за уво нос и грло, клиника за радиологија, ургентен центар, за дерматологија, неврологија, пулмологија, гастро, ендокринологија, ревматологија, завод за слух, говор и глас, клиника за анестезија и интензивно лекување, невро хирургија, трауматологија, психијатрија, токсикологија, ортопедија, неврологија, хематологија, нефрологија, трасфузиологија, микробиологија и нуклеарна медицина. Ќе следи и адаптација и реконструкција на Зградата на Хируршките Клиники во кои и сега се сместени урологија, дигестивна клиника, пластика и торакална клиника . Изградбата на новиот Клинички Центар ќе овозможи корист за сите граѓани, имајќи предвид дека на годишно ниво во клиниките минуваат повеќе од 800.000 посетители, односно околу 2.200 посетители дневно.

Ќе изградиме и нов современ Ургентен хируршки центар за потребите на Општата болница во Куманово, со што ќе се обединат интернистичките и хируршките ургентни амбуланти, а во објектот се планира да биде поставен и апаратот за компјутерска томографија, што значи дека пациентите на исто место ќе ја добиваат потребната дијагностика и комплетен третман.

Оваа инвестиција е проценета на 48 милиони денари. Ургентниот хируршки центар ќе се простира на површина од околу 750 м2 (бруто), на приземје и кат. Корист ќе имаат голем број пациенти од Куманово и поширокиот регион, имајќи предвид дека кон Општата болница Куманово гравитираат над 200.000 жители од оваа општина и околината. Рокот за реализација е првиот квартал од 2018-та година.

Дополнително, продолжуваме да работиме на еден од најголемите проекти во историјата на македонскиот здравствен систем, а тоа е изградбата на Клиничката болница во Штип.

На овој комплексен проект од витално значење за жителите на Источна и Југоисточна Македонија, посветено работевме во изминатите две години, за негова подготовка ,за што говори и фактот дека само проектната документација опфаќа околу 30.000 страници. Капацитетот на новата Клиничка болница ќе изнесува 354 болнички кревети, од кои 300 болнички кревети ќе бидат сместени во новиот болнички објект. Бенефит ќе имаат над 200.000 жители од источниот регион на Македонија кои гравитираат кон оваа болница. Вкупната инвестиција за овој проект е приближно 56 милиони евра во бруто износ каде што спаѓаат и средствата за градежните работи, тоа се 37 милиони евра, како и средствата за нова опрема, проектирање и други инфраструктурни зафати, кои што се остатокот од средствата до 56 милиони евра.

Клиничката болница во Штип ќе прерасне во еден од најсовремените медицински центри во поширокиот регион надвор од Македонија, кој ќе постави нови стандарди во македонскиот здравствен систем. Рокот за изградба на објектот е до крај на октомври 2017 година, значи за помалку од една година, имајќи предвид дека веќе е започнато.

Исто така, започнавме со реновирање и адаптација на објектот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, со што е опфатено и преселувањето на Заводот за кардиоваскуларни заболувања. Инвестицијата е во вредност од 215 милиони денари. Рокот предвиден за реализација е јули наредната година.

Во тек се и градежните работи за дооформување и адаптација на постојниот болнички објект на Општа болница Струмица. Од оваа инвестиција корист ќе имаат над 230 илјади жители од регионот на Радовиш, Валандово, Дојран, Богданци, Пехчево и  Берово. Инвестицијата е во вредност од 257 милиони денари. Овој објект е изграден до фаза на карабина во далечната 1985 година.  Според потребите во објектот предвидено е да се сместат следните содржини: Ургентен центар, приемен дел за стационирани пациенти, стационари за различни медицински специјалности, како и оперативниот блок – составен од 3 операциони сали за општа и дигестивна хирургија, за трауматолошко-ортопедски интервенции и други чисти оперативни зафати, урологија и пластична хирургија, офталмологија и ОРЛ, како и интензивна нега, централна стерилизација, и лабораторија за патологија. Рокот за завршување  е октомври 2017 година, знчи исто така неполна година од сега.

Исто така, сакам и да истакнам дека веќе во завршна фаза, односно завршени се 80% од работите,  е реновирањето и адаптацијата на објектот на Општата болница во Прилеп, во вредност од 70 милиони денари. Ова е прва комплетна реконструкција на болницата од 1980 година, од која корист ќе имаат околу 120.000 жители кои гравитираат во тој регион. Започнавме со градежни работи за реконструкција на Општата болница во Велес, со што ќе овозможиме унапредување на квалитетот на здравствените услуги во оваа јавна здравствена установа. Ќе се изврши комплетна замена на фасадата со енергетски ефикасна фасада, реконструкција на покривот на објектот, реконструкција на болнички одделенија, како и изградба на нов оддел за интензивна нега во одделението за интерна медицина, со цел дополнително подигнување на стандардите во оваа област. Инвестицијата е во вредност од 21 милион денари. Реконструкцијата ќе заврши следната 2017 година.

Почитувани присутни, ние не застануваме тука, во продолжение би сакал да истакнам и други нови инфраструктурни проекти кои ќе ги реализираме во претстојниот период.

Прво, ќе се изврши комплетна реконструкција на Градската општа болница „8-ми Септември“ која е еден од столбовите на болничката здравствена заштита во Скопје и поширокиот регион кој гравитира околу Скопје. Се работи за објект кој е финално изграден во 1971 та година. Реконструкцијата ќе опфати комплетно реновирање на фасадата и замена на сите прозорци во установата, реновирање на операционите сали и одделот за интензивна нега, реновирање на амбулантите, како и изградба на дополнителни амбуланти согласно потребите и динамиката на амбулантски прегледи кои секојдневно се реализираат во оваа јавна здравствена установа. Инвестицијата за оваа болница е во износ од 260.000.000 денари. Во однос на бенефитот од овој проект, сакам да потенцирам дека во континуитет се зголемува бројот на услуги што ги обезбедува ГОБ „8-ми Септември“.  Во изминатите неколку  години за над 200 проценти е зголемен бројот на амбулантски прегледи.

Оваа година се реализирани над 200 илјади амбулантски прегледи споредено на пример со 2009 година кога биле прегледани 65.000 амбулански пациенти. Исто така, процентот на хоспитализирани пациенти бележи пораст од над 100 проценти, така на пример, во 2009 година имало околу 6.500 хоспитализации, а годинава тој број е над 14 илјади хоспитализации.

Инаку, како што беше објавено веќе започнаа градежните работи за оформување бункер за акцелератор во рамки на Градската општа болница „8 Септември“, со што ќе овозможиме поголема достапност за радиотерапијата за лицата со малигни заболувања. Само оваа инвестиција е во вредност од 50.000.000 денари. Покрај ова, продолжуваме да вложуваме во најсовремена инфраструктура за терцијалното ниво на здравствена заштита – универзитетските клиники каде се третираат најкомплексните и најсложените здравствени состојби.

Втор многу важен градежен зафат кој сакам да го објавам е проширувањето и унапредувањето на условите за третман на пациентите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, со што ќе придонесеме кон значително унапредување на условите за третман и лекување на пациентите со малигни заболувања, а со тоа и подигнување на квалитетот на здравствените услуги во областа на радиотерапијата и онкологијата. Тоа значи воведување нови содржини за лекување и третман на лицата со малигни заболувања, од што корист ќе имаат и медицинскиот кадар, и пред сè пациентите. Оваа инвестиција ќе изнесува 20 милиони денари. Ова е инвестиција што ќе овозможи корист за една поголема категорија пациенти, имајќи предвид дека на годишно ниво минатата година на оваа Клиника се реализирани 77.000 здравствени услуги  вклучувајќи хистопатолошки услуги, лабораториски, биохемиски услуги, болнички третмани итн., а воедно со оваа инвестиција ќе се зголеми болничкиот капацитет на Клиниката за над 60 места.

Трето, предвидуваме комплетно реновирање на објектот на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби кој е изграден во 1985 година. Ќе биде даден посебен фокус на поставување на автоматски систем за повик на пациент во амбулантите, поставување систем за компримиран воздух и вакум до секоја соба за пациенти, како и реновирање на стационарот и амбулантите. Нашата намера е постојано унапредување на условите за лекување на пациентите со инфективни заболувања, и за таа цел ќе инвестираме 200 милиони денари само за градежните работи на оваа Клиника. Ова е една од клиниките со прилично голема фреквенција на пациенти, во која според податоците во 2015 година се прегледани над 21.400 пациенти, а вкупно 2.900 пациенти се хоспитализирани. Тоа значи дека инфраструктурните зафати ќе овозможат корист за огромен број на пациенти.

Нашите инвестиции не застануваат тука, и не застануваат само кај главниот град, туку продолжуваме да инвестираме во секој град во државата, со цел континуирано постојано унапредување на достапноста на здравствените услуги до секој еден граѓанин, без оглед дали живее во урбана или рурална средина.

Четврто,ќе извршиме комплетно внатрешно реновирање на објектот на Клиничката болница Битола– инвестиција вредна над 10 милиони евра.

Ова е болница кон која гравитираат жители од поширокиот регион на Југозападна Македонија, и оттука е многу важно да инвестираме во унапредувањето на условите за третман и лекување на пациентите. Во оваа болница во 2015 година на годишно ниво се реализирани 315.000 амбулантски прегледи, а болнички се третирани над 15 илјади пациенти. Ова само објаснува дека конкретна корист ќе имаат голем број на граѓани од реконструкцијата која ќе ја превземеме.

Реновирањето на битолската болница ќе опфати: во првата фаза – реновирање на стационарот и амбулантите, а во втората фаза реновирање на операционите сали и инфективното одделение. Ова е прва внатрешна комплетна реконструкција на болницата, која датира од 70-тите години на минатиот век. Почетокот на реализација на првата фаза ќе започне некаде во 2018 година.

Петто, ќе извршиме реконструкција на објектот на Психијатриската болница во Демир Хисар, со цел унапредување на условите во установата, според сите стандарди на болнички објекти од ваков карактер. При проектирањето, особено внимание ќе се посвети на стандардите, со висок приоритет кон грижата за менталното здравје имајќи предвид дека тоа е една од клучните компоненти која директно влијае на успешноста во лекувањето. За оваа инвестиција се предвидени 24 милиони денари, а рокот на реализација е до крајот на 2017 година.

Шесто, предвидуваме реализација на втората фаза од целосната реконструкција и адаптација на објектот на Општата болница во Кичево, со што ќе се комплетира новиот болнички објект на површина од 7.000 квадратни метри, кој што ќе содржи пет одделенија од секундарната здравствена заштита, десет специјалистички и четири дневни болници. Само ќе напоменам дека објектот на Кичевската болница беше стар 80 години. Сега објектот се гради согласно најсовремените стандарди, со поставување нови современи лифтови, тоалет во секоја соба, простран паркинг-простор и целосно партерно уредување на околината на овој објект. Реконструкцијата ќе започне наредната година, а ќе заврши најдоцна до 2019-та година за што ќе бидат инвестирани 130 милиони денари. Зборувам за втората фаза во Кичевската општа болница.

Почитувани присутни,

Ова ќе биде значителен инвестиционен циклус во македонското здравство. Ова ќе биде инвестициски бран кој треба да надокнади многу од она што со децении во минатото било пропуштено или воопшто не било реализирано до крај. По повеќе години и децении, во оваа деценија зад нас имаме ситуација на големи вложувања во здравството. И во опрема и во реконструкции и градби и во специјализации на лекарите надвор од државата и овој тренд ќе продолжи и во наредниот период. Овој тренд што започна пред десетина години силно ќе продолжи и во наредните четири години. Во наредните четири години, како што напоменав на минатото обраќање, се планираат 33 милиони евра во набавка на над 13 илјади парчиња опрема и апарати, а во денешното излагање образложив за две компоненти. Компонентата за кардиолошката и кардиоваскуларната област и областа на кардиохирургијата. Сегмент во кој што ќе има посебен фокус, дополнителен посебен фокус во правец на понатамошно зголемување на стандардите во оваа област и што го објаснив во претходниот дел. И посебен сегмент кој што денес го објаснив во правец на започнување, довршување на реконструкции и градба на нови болници, нови клиники онаму каде што се премногу стари и онаму каде што реновирањето не е исплатливо. Така што од овој аспект сакам да завршам дека нашата цел е да решиме што е можно повеќе проблеми и да придонесеме за подобар и подостоинствен живот. Од нас нема да слушнете празни зборови, обвинувања и клевети, затоа што тоа не е наша одлика, туку конкретни и издржани дела затоа што ние имаме лице и знаеме како преку многу работа, преку многу труд и посветеност да создаваме дела кои ќе бидат од корист на сите граѓани на државата независно на нивната политичка или било каква друга припадност. Ние и така ќе продолжиме во иднина. Ова е само сегмент од делот на здравството. Еден сегмент минатата недела, еден сегмент денеска, а во иднина ќе слушнете нови работи поврзани со натамошни инвестирања во здравството и во подигнување на стандардите во здравството, како за пациентите, така и за здравствениот персонал.

 

Ви благодарам на вниманието

21 ноември, 2016 - 12:59