Интегрален текст од обраќање на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Интегрален текст од обраќање на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани дами и господа, драги пријатели

Почитувани присутни,

За ВМРО-ДПМНЕ еден од најголемите приоритети е обезбедувањето на работа за граѓаните и услови за пристоен живот. За секоја мерка и за секој проект кој го реализираме особено ни е важно мислењето на оние на кои најмногу се однесува, за кој е наменет таквиот проект. Практично програмата на ВМРО-ДПМНЕ секогаш била и ќе продолжи да биде соединување на најдобрите реални проекти и одговор на барањата и реалните потреби на граѓаните. Ние во тој процес на реализација на политиката секогаш го почитуваме издржаното мислење, и затоа сме отворени за нови идеи, секогаш во потрага по најдобрите предлози кои носат нов квалитет во нашето работење. Таквата одговорност создава и услови за растење и созревање, но и е добар коректив во нашата работа.

Довербата добиена од граѓаните не е константа, туку напротив таа за ВМРО-ДПМНЕ е суштинска одговорност која мора да се оправдува со секој изминат ден, со секој направен чекор. Нашата отвореност за нови идеи и предлози, за нови соработки не прави најголемата политичка сила во која најсилниот елемент околу кој се креираат политиките е токму граѓанинот. Обединувањето на сите прогресивни сили и фактори во општеството, на сите расположливи капацитети кои преставуваат додадена вредност е токму еден од најважните квалитети на ВМРО-ДПМНЕ кој го препознаваат граѓаните, тоа обединување во суштина е соединување околу заедничката идеја и заложба за општествен напредок, постигнување на нови повисоки стандарди и решавање на проблемите со кој се соочува нашиот граѓанин.

Токму затоа на мое големо задоволство денес ја продолжуваме таа практика на постојано зголемување на потенцијалите потпишувајќи меморандум за соработка со:

1.Сојузот на синдикатите на Македонија

2.Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија

3. Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, и

4. Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија

Основата на рамката за соработка која денес ја поставуваме е продолжување на двостраната комуникација и размена на идеи, сугестии и предлози кои што се од огромно значење во понатамошното спроведување на нашите политики, како во креирањето така и во спроведувањето на политиките.

Нашата задача и основна фокусираност беше и останува отворањето на нови работни места. Резултатите кои ги постигнуваме на тој план се забележителни, новоотворени се над 160 илјади работни места и имаме пад на невработеноста од 38% на 24%. Нашата девиза од самиот почеток беше дека најдобрата социјална политика е политиката на отворање на нови работни места. Ако пред извесен период главната тема која што се наметнуваше е потребата од обезбедување на работа, сега преминуваме на следна фаза каде се говори за дополнително унапредување на стандардот, примањата, говориме за условите за работа.Тоа значи дека процесите се движат напред, дека стандардите се зголемуваат исто како и очекувањата, и ние сме подготвени да говориме и за тоа, и низ еден заеднички дијалог со синдикатите убеден сум дека ќе постигнеме повеќе на планот на работничките права и понатамошно унапредување на условите за работа.

Работниците се носителите на развојот на сите главни процеси во едно општество. Ние како политичка опција први ветивме но и реализиравме воведување на загарантирана најниска плата. И низ еден континуиран процес од 8.050 денари се дојде до сума од 10.080 денари. Исто така и просечната исплатена плата бележи тенденција на континуиран раст, а во соработка со синдикатите отворени сме да донесеме и други мерки кои што ќе влијаат на унапредувањето на состојбите во различните сфери и области значајни за работниците како во образованието, во администрацијата, индустријата, градежништвото, здравството, финансискиот сектор, туризмот, занаечиството и итн.

Наш приоритет во досегашното и понатамошното работење се и пензионерите. Периодот зад нас е период кога преку голем број на мерки и проекти покажавме што значи искрена грижа и поддршка за пензионерите. Мерки и проекти кои значеа изградба на сеопфатен систем кој овозможува достоинствен, посигурен и посреќен живот на нашите сограѓани – пензионерите, и со кои јасно се покажува нашата определба да им се помогне на овие граѓани. Во период на сериозна политичка криза продолживме со зголемувањето на пензиите. Минатата година тие се покачија за 5%, а исто толку ќе се покачат и оваа година со исплатата на овомесечните ноемвриски пензии на почетокот на декември. Од 2006-та до денес во просек пензиите се зголемени за 70%. А, најниската пензија за над 90%.

Дополнително продолжуваме и со реализација на цела низа други мерки насочени кон пензионерите како што е проектот пензионери на бања кој до сега го искористија над 38 илјади пензионери, или бесплатниот туристички викенд кој го искористија над 5.500 пензионери. Ова е само потврда за грижата и искрената посветеност кои ја имаме кон оваа категорија на граѓани, но и доказ дека со заедничка соработка ќе постигнеме уште многу повеќе.

Почитувани притустни,

Се наоѓаме во период пред избори, постојат политичари кои секогаш ќе ви кажат дека ќе направат многу работи, многу работи и ќе бидат ветени, но тоа се зборови. За разлика од ова, ние не само што кажуваме што ќе направиме, ние прецизно наведуваме и како тоа ќе го направиме. Затоа што ние нудиме реални и обмислени проекти и мерки кои се со прецизни рокови и динамика на остварување. Ние ветуваме работи за кои сме сигурни дека можеме да ги реализираме. Тоа сме го правеле секогаш досега и во соработка со различните здруженија и целни групи кои ги преставуваат интересите на граѓаните ќе продолжиме да исполнуваме уште многу други проекти. Нашата огромна предност е тоа што досега ветеното сме го реализирале, честопати и повеќе од ветеното. Нашиот даден збор сега има далеку поголема вредност одколку на другите политичари заради исполнетото во минатото.

ВМРО-ДПМНЕ останува главната обединувачка сила чија крајна цел е напредокот и подобриот живот на граѓаните. Тоа е разликата која граѓаните ја препознаваат.

21 ноември, 2016 - 13:33