Интегрален текст од обраќање на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Интегрален текст од обраќање на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани присутни, Дами и господа,

Креирањето на политики подразбира отворена врата за сечие мислење и сугестија која е издржана и која нас не прави подобри и поквалитетни во спроведување на тие политики. Откако ВМРО-ДПМНЕ ја има одговорноста пред граѓаните, на транспарентен начин и низ партнерски однос со различни целни групи искреиравме многу заеднички мерки и политики со кои што решивме многу отворени прашања и барања на граѓаните.

Суштината на нашето делување се состои во три основни работи: прво, постоење на обемна и квалитетна програма, која подразбира прецизни рокови, и план за реализација, и затоа велиме оценувајте не според она што реално го нудиме, второ, отчетно и транспарентно работење и токму затоа нашата програма секогаш има вредност, затоа што ние ќе создадеме дела и проекти кои се дел од нашиот отчет пред граѓаните, и трето, дадениот збор се исполнува со многу работа и пожртвуваност, со чесност и принципиелност.

И на тој пат ние никогаш не велиме дека сме безгрешни ниту совршени, но она што можеме со сигурност да го тврдиме е дека со целата наша енергија се трудиме да решиме што е можно повеќе проблеми и повеќе предизвици. И тука ни се важни предлозите и сугестиите на различни целни групи затоа што тој партнерски однос доведува до резултати.

Токму затоа денес ВМРО-ДПМНЕ потпишува меморандум за соработка со уште 5 здруженија проширувајќи ја основата за дејствување и реализирање на соработка сo:

 1.   Федерацијатa на фармери на Република Македонија,

2.   Асоцијацијатa на земјоделци,

3.   Здружениетo на припадници на безбедносните сили – БЕДЕМ,

4.   Горанско друштво, и

5.   Здружениетo на Македонци со исламска вероисповед, Скопје

Почитувани присутни,

ВМРО–ДПМНЕ останува главната моторна сила која го обединува граѓанското ткиво и интересите на граѓаните на Република Македонија. Константното ширење и растење покажува дека граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаваат обединувачка сила која што е креатор на општествениот и економски напредок. Зад секој меморандум има добра основа зошто тој се воспоставува:

- Со фармерите и земјоделците соработуваме затоа што тие секогаш се и ќе останат нашиот приоритет, и кога треба да се делат субвенции, и кога треба да се даде поддршка за земјоделска механизација, да се обезбеди државно земјоделско земјиште, услови за почеток на развој на земјоделскиот бизнис, но и онојпат кога ќе бидат погодени од природна непогода, кога ќе се јави проблем со приносот, или пак ќе треба Владата да помага при пласманот. И во добро и во лошо. Најдобро знаат земјоделците дека секогаш сме први да помогнеме и се трудиме онолку колку што имаме капацитети и можности да ги решиме заеднички сите предизвици. И на овој план е направено многу, и во иднина ќе продолжиме заеднички да придонесуваме уште повеќе.

- Бранителите најдобро знаат дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш е чуварот на националните и државните интереси. Работиме и дејствуваме за заштита на државните интереси и промоција на вредностите кои ќе ни обезбедат напредок. Како партија секогаш оваа категорија на граѓани го имаат нашето почитување.

- Секако ВМРО-ДПМНЕ особено внимание посветува и на македонците муслимани кои се дел и од нашите партиски органи. Таквата отвореност и заложба за заштита на традицијата и културата како нераскинлив дел од нашата држава и народ ја надоградуваме со соработка со здруженија кои ги преставуваат нивните интереси.

Сите нас она што основно не обединува е желбата за напредок и работењето за подобар живот. Денешниот настан е добра основа да ја продолжиме досегашната соработка со уште позасилено темпо.

ВМРО-ДПМНЕ цврсто ја подава раката за сите кои се отворени за соработка, кој со своите идеи и предлози сакаат да се вградат во заедничката изградба на подобра иднина.

ВМРО-ДПМНЕ останува централна и водечка, движечка сила која ги обединува граѓаните, движење чија цел е подобра Македонија. Ваквото постојано зголемување е и наша сатисфакција дека капацитетите се препознаени од страна на граѓанските здруженија, но и одговорност повеќе во исто време, да ги оправдаме очекувањата на граѓаните. На овие избори одлуката на секој граѓанин ќе биде одлука за себе, за тоа кој може да одговори на потребите и да обезбеди повеќе можности, но тоа е и одлука за Македонија, за тоа каква држава ќе продолжиме да градиме.

Со сигурност можам да потенцирам дека ние ќе продолжиме заеднички и силно да работиме на обезбедување на тој напредок. Македонија мора да продолжи да чекори по патот на напредокот.

 

21 ноември, 2016 - 13:21