Стара Градска болница дел од најголемиот инвестициски циклус од 74,6 милиони евра во здравството

Активностите за реконструкција на ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св Наум Охридски“ Скопје се во полн ек. Внатрешноста на болницата не била реконструирана повеќе од 80 години, токму затоа ваквата инвестиција е од голем бенефит за македонското здравство и пациенти бидејќи сериозно ќе се подобри квалитетот на целата болница.

Оваа инвестиција е во вредност од 2 милиони евра и претставува дел од големиот инвестициски циклус за реконструкција на здравствени установи во вредност од 74,6 милиони евра, циклус кој што е во тек и со кој што се опфатени поголем број на здравствени установи во државата, истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска оствари посета и увид на градежните активности во болницата.

Тодоров подвлече дека станува збор за комплетна и темелна реконструкција на внатрешноста на Градската клиничка болница.

Благодарение на овој реконструктивен зафат, целиот трет кат е во завршна фаза и ќе се продолжи кон останатите два ката, со делот од операционите сали кои што се многу важни за нашата институција, каде што ќе има целосна реконструкција и на одделот на стерилизација и интензивна нега.

Се очекува реконструкцијата да заврши до крајот на оваа година со што старата Градска болница ќе добие комплетно нов лик.

 

10 јануари, 2017 - 13:58