Општина Дебарца ќе финансира инфраструктурни проекти во вредност од 77,3 милиони денари

Градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајковски денеска пред медиумите го презентираше спроведените активности на локлната самоуправа во изминатата 2016-та година, како и проектите што општината ги има предвидено за реализација во тековната 2017.

Според Трајковски, во изминатата година се реализирани проекти за подобрување на инфраструктурата во селата во атарот на општината во вкупна вредност од 76,7 милиони денари.

За оваа година се предвидени средства во износ од 77,3 милиони денари, за реализација на повеќе проекти меѓу кои санација на фудбалско игралиште за голем фудбал во селата Волино и Лешани, реконструкција на Културниот дом во Злести, санација и реконструкција на Основно училиште во Ботун, доизградба на фекална канализација во Мешеишта, набавка на комунално возило за собирање на отпад, фекална канализација во селата Лешани и Велмеј со пречистителна станица, уредување на просторот кај изворите Долни исток кај Велмеј, санација на каптажа на извор „Тројане“ во Оровник, санација и реконтрукција на пумна станица за водоснабдување “Св. Еразмо”.

За оваа година уште е предвидена и изградба на плоштади во селата Велмеј, Лешани, Злести, Белчишта, Ботун, Климештани, Мешеишта, Требеништа, Волино, Горенци и Оровник, како и асфалтирање и тампонирање на локални улици во селата Оровник, Горенци, Требеништа, Мешеишта, Ново Село, Врбјани и Брежани.

17 февруари, 2017 - 15:57