Владимир Нелоски:

Изградба на тениска арена, гимнастичка и сала за боречки вештини, дел од проектите за младите

На територијата на СЦ „Борис Трајковски“ пред десетина години беше само базенот Карпош. Од 2005-та наваму на ова место веќе ја имаме спортската арена која има една сала со 6.000 седишта и уште една помала со 500 седишта. Се направи аква паркот за најмладите категории, комплетно се реновираше базенот Карпош, се изградија 4 тениски терени на отворено, се направи теренот за хокеј со што „Борис Трајковски“ стана бисер за македонскиот спорт, институција која е најголема во Република Македонија од ваков вид, истакна Владимир Нелоски кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

-Во новата програма „Реално“ има најмногу проекти за млади. Ние во моментов ја имаме најобемната и најквалитетна младинска програма. Има над 50-тина проекти поврзани со младите, за спорт, образование, вработување. Во 2017 предвидено е да започне со реализација изградба на спортско-тениска затворена арена. Со оваа арена младите во Скопје и Македонија за прва пат ќе добијат три нешта: затворена тениска арена бидејќи нема таква. Во затворената тениска арена ќе има три тениски терени и терен за падел тенис. На трите терени ќе има можност да се одржуваат натпревари на затворено, но и меѓународни натпревари бидејќи ќе има 500 седишта за публика. Второ, ќе има затворена гимнастичка сала според светски олимписки стандарди со целосна опрема, а ќе има и 500 седишта за интернационални натпревари. Трето, за прв пат младите ќе добијат сала за боречки вештини која ќе се наоѓа под тениската арена ќе се состои од 4 сегменти. Ќе има душеци за борење, 5 бокс ринга за бокс и кик-бокс, како и дел каде ќе има справи за вежбање за да може младите професионално да вежбаат. Заедно со овој дел од салата ќе има и трим патека каде младите ќе може да се загреваат, објаснува Нелоски.

Тој додава дека со овие проекти ќе дојде подобро време за спортистите во Македонија. Нелоски потсети дека во изминатиот период се најавени и 40 проекти за млади од кои дел се спроведуваат, како „Купи куќа за млади“, проектот за бесплатен превоз на студентите, бесплатен железнички викенд, проектот за фитнес зони, проектот за обуки за англиски јазик и ИТ вештини.

29 ноември, 2016 - 16:18