До: Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан

Честитка по повод празникот Рожденство Христово Божиќ од Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Никола Груевски.

 

Ваше Блаженство,

Со голема радост и задоволство, на овој величествен ден кога го прославуваме најголемиот и најрадосниот настан во историјата, раѓањето на Божјиот син, од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ, Вам, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници од Македонија и дијаспората, Ви го честитам големиот Христијански празник - Божиќ.

Како и секоја година, така и оваа, да се потрудиме на вистински начин да го одбележиме овој ден, да најдеме мир во нашите срца и спокој во нашите мисли за на вистински начин да ја примиме и пренесеме радосната вест за раѓањето на синот Божји. Со радост да го празнуваме денот кој е симбол на големо човекољубие на нашиот Бог и во спокој да го следиме по патот кој тој го има зацртано за нас. Да имаме бериќет, мир и напредок во државата, соживотот е тој кој е нашата најзначајна предност која ги одржала нашите луѓе низ времињата, тоа е вредност која треба да ја почитуваме и негуваме и денес.

Нека Бог биде со сите христијани во светот, нека ги охрабри во своите намери, нека ги поведе преку сите препреки, нека ги згрижи во сите невољи. Нека Бог биде со нас во секој момент од нашиот живот, при секоја љубов, радост, болка или тага. Нека Бог биде со Македонија, нека има љубов, успех и бериќет во секое семејство и во секое поле од значење за граѓаните. Заеднички да градиме, да напредуваме, да се радуваме и да прославуваме за многу години.

Нека е честит и вековит големиот христијански празник - Божиќ !

ХРИСТОС СЕ РОДИ !

НАВИСТИНА СЕ РОДИ !

 

Со почит,

Никола ГРУЕВСКИ,

Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

6 јануари, 2017 - 14:20