Интегрален текст од обраќање на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Интегрален текст од обраќање на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани присутни, дами и господа,

Пред десетина години кога ја добивме одговорноста од граѓаните, постоеше децениска запоставеност во неколку клучни области и сфери. Една од најзапоставените беше токму здравството. Децениски стари објекти, во најголем број случаи немање најосновна опрема и апарати, а и она што се имаше беше застарени апарати, повеќето добиено како донација, апарати вон употреба и долги листи на чекање, корупција вклучувајќи и корупција за најелементарни работи од типот да дојдеш на ред за некој апарат, недостиг на лекови, континуирано запоставување на кадровски план е на кратко сликата која беше затекната во овој ресор. А токму здравството е еден од клучните сегменти за граѓаните, бидејќи тука се работи за здравјето на луѓето, нешто што е од непроценлива важност за секое општество, и за секој човек. Постигнувањето на квалитет не е возможно без инвестиции во нова опрема, во нова апаратура и во висока технологија, нешто што како процес го отпочнавме пред неколку години  и се одвива паралелно со зајакнувањето на кадровскиот потенцијал и создавањето на современи просторни услови.

Опремата која ја набавивме ги следи најсовремените стандарди. Со тоа драстично се влијае на подигнувањето на квалитетот, но и прецизноста во дијагностицирањето на многу болести, но и возможноста воопшто да се прават некои интервенции, намалувањето на долгите листи за чекање,  кои во минатото значеа загубено здравје за луѓето, но и пари од буџетот, бидејќи колку подоцна се дијагностицираат некои болести толку поскапо е лекувањето, како и маките на болните од секој аспект. Набавката на нова опрема продолжи и во периодот на најголемата политичка криза, затоа што навистина има многу да се надомести.

Во овие две и пол години, само во овие две и ппол години набавивме 11 нови дигитални мамографи од најновата генерација и најсовремена технологија, со што значително ја унапредивме оваа дијагностика и ја доближивме до женската популација, со цел рано откривање и навремено третирање на карциномот на дојка. Во тек е и набавката на уште 3 дигитални мамографи, од кои бенефит ќе имаат жителите на едни од најголемите градови во државата, меѓу кои се Битола и Куманово.

Обезбедивме 3 нови апарати за компјутерска томографија, кои веќе функционираат и опслужуваат голем број пациенти во Универзитетската клиника за неврологија, Градската општа болница „8 Септември“, и за првпат оваа дијагностичка процедура ја воведовме на ниво на Здравствен дом Скопје, во поликлиниката Јане Сандански.

На Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина набавивме најсовремена CT гама камера, која овозможува многу попрецизна и побрза дијагностика кај пациентите.

Со набавката на нови ангиографи во изминатите неколку години, ја проширивме и зајакнавме мрежата на интервентна кардиологија ширум државата, и овозможивме пациентите со инфаркти да добијат навремен третман, најблиску до местото на живеење, бидејќи во таквите случаи и секундите значат живот. Со новиот ангиограф во ГОБ „8 Септември“ овозможивме покрај интервентна кардиологија, да се работи за првпат во установата и интервентна радиологија.

Воспоставивме и успешно да функционира мрежа на центри за интервентна кардиологија. Нашата тенденција е да ги доближиме до граѓаните интервенциите како коронарографија и стентирање, кои се клучни за спасување животи кај лица со срцеви инфаркти, и на тоа посветено работевме изминатиот период. Овозможивме овие интервенции покрај дотогаш на Клиниката за кардиологија во Скопје и во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид, да се вршат и во болниците во Штип,Тетово, Битола, Струмица и во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Бројот на третирани пациенти во центрите за интервентна кардиологија низ државата е показател за бројот на спасени човечки животи. Само во новите Центри во изминатите три години се третирани околу 4.000 пациенти.

Инаку, само во ГОБ „8 Септември“ изминатиот период од три години се инвестираа околу 5 милиони евра за набавка само за најсовремена медицинска опрема. Исто така во трите клинички болници во Тетово, Битола и Штип, набавена е нова медицинска опрема. Со набавката на линеарни акцелератори, во Македонија нема веќе листа на чекање за радиотерапија, односно сите пациенти на кои им е потребна ја добиваат за најмногу 3 дена. За споредба, во земјите во поширокиот регион (вклучувајќи ги и соседните земји) за зрачна терапија се чека и до 10 месеци. За користењето на сите овие апарати се обезбеди и добра обука за нивно правилно и најефикасно користење од различен вид.

Почитувани, со ова направивме добра база односно основа, но ние одиме понатаму со овој проект. Нашата цел е овозможување на траен капитал во македонското здравство за набавка на најсовремена опрема со која што ќе се фати тек со голем број на други напредни здравствени системи и ќе се одговори на најголемиот дел на потребите на здравствените установи кои што преставуваат всушност потреби на граѓаните пред се.

Затоа денес, денес сакам да објавам дека предвидуваме набавка на нова медицинска опрема во секој град во државата, во вкупна вредност од околу 33 милиони евра. Во секој град во државата ќе набавиме нова медицинска опрема за секоја јавна здравствена установа, болница (клиничка, општа или специјална), здравствен дом, како и за болниците и клиниките во Скопје.

Станува збор за прецизен план за набавка на околу 3.700 апарати наменети за повеќе од 100 јавни здравствени установи низ државата, кои ќе бидат доопремени со најсовремена медицинска опрема. Кај дел од установите ќе се замени постојната постара и дотраена опрема со нова, а кај поголем дел од нив ќе обезбедиме опрема каква што претходно воопшто немало во установите со цел што е можно поголем број здравствени услуги да ги доближиме до местото на живеење на граѓаните.

1. Генерално околу неопходните апарати кои ќе се набават:

Прво, сакам да истакнам дека комплетно ќе ја обновиме стерилизацијата во сите јавни здравствени установи, со набавка на нови апарати за механичко миење на хируршки инструменти, како и нови апарати за стерилизација и автоклави. Исто така во повеќе јавни здравствени установи ќе набавиме и нови инфузиомати и перфузори (за апликација на терапија). Само овој сегмент од набавката чини околу 5.8 милиони евра и е многу важен од аспект на безбедноста и хигиената при пружање на здравствените услуги.

Еден посебен дел од набавката е фокусиран на нови мамографи и дијагностика на најчестото малигно заболување кај жените – карцином на дојка. За таа цел, издвојуваме над 600.000 евра за набавка на 8 најсовремени дигитални мамографи за повеќе јавни здравствени установи во различни градови низ државата.

Исто така значајно е да се напомене дека во рамките на овој циклус на набавка сериозно место зазема и обезбедувањето на нови дигитални рентген апарати кои ќе бидат лоцирани во поголем број на клинички и општи болници во разни градови и за која цел инвестираме околу 1 милион и 300 илјади евра. Дигиталните рентген апарати имаат значително помало зрачење од старите и овозможуваат издавање на прецизна слика во дигитална форма.

Во продолжение би сакал да истакнам некои значајни генерални примери за користа од оваа голема набавка за конкретна установа односно конкретен град.

На пример, за првпат во Општата болница во Кавадарци, ќе набавиме нов апарат за компјутерска томографија. За првпат Кавадарци ќе добие ваква дијагностика, од која потреба имаат повеќе од 500 пациенти од овој регион годишно. Ова ќе биде значајна инвестиција за Кавадарци, имајќи предвид дека досега за оваа дијагностичка процедура пациентите се упатуваа во Велес или во Скопје, значи патуваат по неколку десетици или стотина километри во еден правец. Со новата опрема која ќе ја набавиме, пациентите оваа здравствена услуга ќе ја добиваат во своето место на живеење, што значи побрза дијагностика и побрз третман доколку се дијагностицира одредено заболување. Ваков апарат ќе добие за прв пат и болницата во Кочани. Практично до сега компјутерска томографија постоеше во болницата во Штип, а со новата набавка во Кочани ќе бидат покриени голем дел од потребите за Источна Македонија.

На Универзитетската клиника за радиологија ќе набавиме нов апарат за компјутерска томографија, имајќи предвид дека дневно оваа дијагностика ја користат 40 – 50 пациенти само во рамките на оваа установа. Ќе се набави и уште еден апарат за магнетна резонанца во вредност 1 милион 600 илјади евра со што двојно ќе се зголеми капацитетот на клиниката за вршење на најсовремени испитувања и снимања на пациентите.

Во Клиничка болница Битола, предвидена е набавка на трансректална сонда за биопсија на простата, со што ќе се овозможи воведување нова метода која досега воопшто не се работела во болницата и пациентите биле упатувани во Скопје. Ова е многу значајна метода, имајќи предвид дека се применува кај секој пациент кој е сомнителен на карцином (на месечно ниво, во просек по 70 – 80 пациенти). На овој начин, евентуални карциноми во областа на урологија многу побрзо ќе се дијагностицираат и третираат. Особено е важно што во целиот Југозападен регион не се работела досега оваа метода, што значи дека корист ќе имаат огромен број жители од регионот.

На Универзитетската клиника за инфективни болести со новите апарати за првпат ќе се воведе нова технологија од молекуларна дијагностика. Станува збор за апаратура што е побрза, специфична, со висока сензитивност и со поголема точност во дијагностиката. На пример, апарат IRIDICA - апарат за комбинирана автоматизирана молекуларна метода за идентификација на широк спектар на бактерии, вируси и габички. Корист ќе имаат сите пациенти со сомнеж за инфективно заболување, особено тешки имунокомпромитирани болни, како што се пациенти на интензивна нега, по извршена трансплантација, со малигноми, пациенти со инфекции и со хематолошки заболувања и др. Ќе се набават и посебни серолошки тестови за инфективни заболувања по нова методологија, со која полесно ќе се докажува етиологијата на болеста и ќе се дава побрза и точна терапија. На пример, сега се чека по 2-3 дена за микробиолошки тестови, а со новиот апарат за 1 час може да се детектира причинителот на болест. На Инфективната клиника сега има многу послаб модел стар 15 години.

За прв пат во историјата ќе се набави нова хибридна сала на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија во вредност од 2 милиони евра.  Со ваквата сала значително ќе се подобрат можностите за лекување на луѓето со срцеви болести, и можностите за делување на кардиохирурзите,кој ќе може да дејствуваат со голема прецизност и да реализираат широк спектар на оперативни зафати. Со ваквата опрема ќе се отвори можност за изведување на операциски и ендоваскуларни хибридни зафати. За потребите на Универзитетска клиника за кардиологија ќе се инвестира во набавка на најсовремен ангиограф за што ќе бидат инвестирани околу 650 илјади евра, со што ќе се применат најсовремените методи за кардиолошки интервенции при вградување на стентови кај пациентите.

Исто така на универзитетската клиника за кардиологија ќе се набави С-arm рентген апарат за скопија, на Универзитетска клиника за очни болести - Ласер апарат за корекција на диоптрија, нова опрема за оперативниот блок-(оперативен стол, оперативни маси, оперативни кревети, и  рефлектори).

На Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија  ќе се набават два апарата за видеоколоноскопија, електро хируршка единица за полипектомија, а на Универзитетската  клиника за  дерматологија ќе се набави нова  кабина за фототерапија на цело тело во стоечка положба, фототерапија за парцијална uv радијација и фототерапија за различни делови на телото

На Универзитетска клиника за детски болести ќе се набави апарат за ехографија со спецификации за педијатриска кардиологија со две сонди неонаталошка од и педијатриска, Дигитален рентген апарат за снимање на мали бебиња).

За потребите на Универзитетска клиника за урологија ќе се набави најсовремен столб за лапароскопска хирургија со hd- камера и снимач за прецизна и полесна хирургија и вршење на таков вид на хируршки зафати за што ќе бидат инвестирани 95 илјади евра.

За клиничката болница во Тетово ќе се инвестира во набавка на ендоскопски столб вреден 200 илјади евра за сите видови ендоскопски снимања и испитувања.

За потребите на заводот на нефрологија во Струга, за прв пат ќе се набави апарат за екстра корпорална литотрипсија вреден 200 илјади евра со кој што ќе се овозможи остранување на камен без операција со негово разбивање со ултразвук. Во Заводот за нефрологија сеуште се третираат болнички пациенти кои се на дијализа, и оттука произлегува потребата да се инвестира во нова опрема и во оваа јавна здравствена установа, со цел да се подигне квалитетот на медицинска нега и третман на пациенти на дијализа кои се лекуваат болнички.

На скопската клиника за нефрологија ќе се инвестираат апарати во вредност од 115 илјади евра при што ќе се набават комплет хируршки инструменти за васкуларна хирургија, призмафлекс систем за прочистување на крвта при откажување на бубрежните функции, апарат за анализа на телесните течности кај пациент со хронична бубрежна болест, два автоклави и други апарати.

За Клиниката за неврохирургија ќе се набави нова опрема со проценета вредност од 674 илјади евра со што ќе се обезбедат - мобилен моторизиран детектор, апарат за невронавигација, оперативен современ стол, перфузиоди и друга опрема.

Во општата болница во Прилеп ќе набавиме нов мобилен рендген апарат, нов апарат за лапароскопија (со кој на годишно ниво се вршат околу 100-тина интервенции, претежно на жолчка), како и стол за артроскопија со колен инструментариум, со кој исто така се вршат по 100-тина интервенции годишно.

Општата болница Велес, првпат ќе добие дигитален најсовремен рендген апарат. Сега во оваа болница има само класичен рендген апарат на кој се вршат 18.000 снимки годишно. Со новиот РТГ апарат снимките ќе бидат со подобар квалитет, ќе се зголеми бројот на пациенти што ќе може да ги опслужи апаратот и со тоа ќе намали времето на чекање, а воедно ќе се овозможи поголема точност во поставување на дијагнозите и помало зрачење. Се планира и набавка на нов ФАКО апарат, со кој годишно би се вршеле од 200 до 300 интервенции, а воедно со новата опрема се планира и развој на одделението за ортопедија, со посебен акцент на вградување колкови, за што потреба имаат од 80 до 100 пациенти од регионот на Велес.

Почитувани,

Она што би сакал посебно да истакнам при подготвувањето на програмата и плановите за обезбедувањето на оваа медицинска опрема се водеше особено сметка за регионалниот аспект односно таа да биде застапена и подеднакво достапна за граѓаните од сите региони и населените места во државата.  Односно оваа опрема ќе биде инсталирана во сите градови на нашата земја и тоа согласно приоритетите за секоја болница и здравствена установа во секој град.

2.Ова е планот за набавка на опрема во поголемите градови и болници:

Во Скопје опфаќајќи го Клиничкиот центар, општите болници, здравствените домови, специјалните болници, заводите и институтите ќе бидат обезбедени нови 1.318 медицински апарати, со проценета вредност од околу 13 милиони и 500 илјади евра.

Во Битола опфаќајки ја Клиничката болница, здравствениот дом, и заводот за рехабилитација на слух, говор и глас ќе бидат обезбедени 149 нови апарати  во вкупна вредност од 1.230.000 евра меѓу кој дигитален ренген апарат, трансректална сонда за биопсија на простата, модерен апарат за ехографија со кардилошка и конвексна сонда, како и стоматолошки ренгенски апарат ПАНОРАМИКС и голем број на други апарати.

Во Тетово опфаќајки ја Клиничката болница, здравствениот дом, и специјалната болница за белодробни заболувања Лешок ќе бидат обезбедени 290 нови апарати во вредност од 2.041.900 евра меѓу кој што и дигитален апарат за флуороскопија, дигитален ренген апарат (графија), ресектоскоп за ендоскопски столб, како и 55 електрични болнички кревети и голем број на потребни апарати.

Во Штип опфаќајќи ја Клиничката болница, Здравствениот дом, и медицинскиот факултет ќе бидат обезбедени 252 апарата во вредност од 2.116.300 евра, меѓу кој ренген апарат за скопија со тв ланец, преносен ренген апарат, апарат за ехографија со колор доплер, апарат за ехографија со ректална сонда, апарат за електро мионеурографија, апарат за анестезија, и голем број на други потребни медицински апарати.

Во Охрид опфаќајки ја општата болница, специјалната болница за ортопедија и трауматологија СВ Еразмо, заводот за превенција лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања и здравствениот дом ќе бидат обезбедени 496 нови медицински апарати со проценета вредност од 3.028.000 евра меѓу кој најсовремен операционен стол, пенданти за интензивна нега, плазма стерилизатор, апарат за ехографија 4Д, апарат за анестезија,  апарат за дијализа, хируршки инструменти за гинеколошки операции, транспортен респиратор, абдоминална и трансректална ултразвучна сонда, прирачен автоклав како и голем број на други неопходни медицински парати.

Во Прилеп опфаќајки ја Општата болница и здравствениот дом ќе се набават 161 медицински апарат со проценета вредност од 1.214.000 евра, меѓу кој два нови автоклави, два апарати за анестезија, биполарен ресектоскоп, апарат за ехографија со кардилошка и линеарна сонда, хируршки механизми, апарат со лапароскопија, апарат за ехографија на абдомен, столб за лапароскопија, како и нов доплер за крвни садови и многу други апарати.

Во Кавадарци во општата болница и здравствениот дом ќе бидат обезбедени 58 нови апарати во вкупна вредност од 865.000 евра меѓу кој анестезиолошки апарат, два автоклави, ултрасонографски апарат со 4 вида сонди, апарат за ехографија со 4 вида доплер, колор доплер сонограф, плазма стерилизатор, апарат за колоноскопија, три нови инкубатори и голем број други медицински апарати.

Во Струмица, во општата болница и здравствениот дом ќе бидат обезбедени 125 нови медицински апарати со проценета вредност од 987.000 евра меѓу кој апарат за остеопороза, два нови автоклави, лапароскопски столб за абдоменални операции, апарат за електромиографија, фако апарат за операција на катаракта, оперативен мобилен стол, два плазма стерилизатори, доплер на каротиди и вертебрални артерии, апарат за ехографија со кардиолошка и конвексна сонда, апарат за ехографија со две сонди и голем број на други апарати.

Во општатата болница и здравствениот дом во Велес, како и во специјалната болница во Јасеново ќе се обезбедат 80 нови медицински апарати во вредност од 921.000 евра меѓу кој апарат за анестезија, два нови респиратори, автоклав, централна мониторинг станица за мерење на витални функции, апарат електомиографија, апарат за ехографија со секторска и конвексна сонда, апарат за видео колоноскопија и голем број други апарати.

Во општата болница во Кочани ќе се инвестира во набавка на 39 нови медицински апарати во вредност од 477.000 евра меѓу кој апарат за ехографија, апарат за абдоменална сонда за надоградба на постоечкото кардилошко ехо, апарат за траснкранијална магнетна стимулација, автоклав, нови дефибрилатори и голем број на други потребни медицински апарати.

Во општата болница и здравствениот дом во Куманово ќе инвестираме во 137 нови апарати во вредност од 902.000 евра, меѓу кој дигитален рендген апарат, два апрати за гастроскопија, апарат за ехографија со три сонди, апарат за колоноскопија, три нови автоклави, два апарати за анестезија, плазма стерилизатор, оперативен микроскоп, апарат за ехографија и апарат за ехографија на абдомен, и голем број на други потребни медицински апарати.

Во општата болница и здравствениот дом во Гевгелија ќе се обезбедат нови 49 апарати во вредност од 421.000 евра меѓу кој дигитален рендген апарат, апарат за ултразвучна дијагностика, апарат имунилошки анализатор, нов плазма стерилизатор, апарат за електро енцефалографија, хематолошки бројач и други видови на апарати.

Во општата болница и здравствен дом во Гостивар обезбедуваме 88 нови апарати во вредност од 785.000 евра меѓу кои дигитален рендген апарат, нов плазма стерилизатор, анестезиолошки апарат, апарат за електромиографија, апарати за ехографија, ултразвучен доплер за екстремитети, апарат за електроенцефалографија,  и многу други потребни медицински апарати.

Во општата болница и здравствениот дом во Кичево обезбедуваме 74 нови апарати во вредност од 540.000 евра меѓу кој дигитален рендген апарат, апарат за анестезија, апарат за ехографија со 4 сонди, апарат за колоноскопија, нов плазма стерилизатор, и голем број на други потребни медицински апарати.

Во општата болница, здавствениот дом во Струга и во заводот за нефрологија ќе набавиме нови 111 парчиња опрема во вредност од 943.000 евра меѓу кој апарат за анестезија, столб за лапароскопска ендоскопска хирургија, апарат за дијагностика за бурег и крвни садови, апарат за бронхоскопија, апарат за ехографија со кардиолошка сонда, апарат за колпоскопија, три 12 канални екг апарат, три хируршки апсиратори и голем број на други апарати.

Во Дебар, опфаќајки ја општата болница и здравствениот дом ќе набавиме 43 нови медицински апарати во вредност од 374.000 евра меѓу кој апарат за ултразвук, колор доплер ехо апарат со абдоменална и кардиолошка сонда и апарат за ехографија и апарат за ендоскопија.

Во здравствениот дом во Радовиш ќе набавиме 9 нови апарати во вредност од 89 илјади евра меѓу кој и имунолошки анализатор, медицински периметар, нови Екг апарати кои се 12 канални, нов дефибрилатор, нов апарат за спирометрија, апарат за риноманометрија и други медицински апарати.

Во здравствениот дом во Берово ќе набавиме 6 нови медицински апарати во вкупна вредност од 76 илјади евра меѓу кој апарат за ехографија со кардиолошка линеарна и конвексна сонда, компјутерски периметар, два холтер апарати за мерење на екг и крвен притисок, хематолошки бројач,  како и нов апарат за спирометрија, а нова опрема во вредност од 33 илјади евра ќе набавиме и во здравствениот дом во Делчево меѓу кој флексибилен риноларингоскоп и апарат за елекроенцефалографија.

Во Здравствениот дом во Крива Паланка ќе набавиме 13 нови апарати во вредност од 125 илјади евра меѓу кој апарат колор доплер на крвни садови, апарат за ехографија со 2 сонди, апарат за гастроколоноскопија, нов хематолошки бројач, компјутерски авторефрактометар, дефибрилатор, апарат за спирометрија и други медицински потребни апарати.

Во здравствениот дом во Здравствениот дом Маврово и Ростуше ќе се набави медицинска опрема во вкупна вредност од 130.000 евра, меѓу кој дигитален ренген апарат за мамографија, апарат за ехокардиографија, апарат за биохемиска анализа, хематолошки бројач, холтер апарат за мерење на крвен притисок и други апарати.

Во Ресен, опфаќајки го здравствениот дом и задоводот за рехабилитација на белодробни заболувања во Отешево ќе се набават вкупно 33 медицински апарати во вредност од 148.000 евра, меѓу кој апарат за дезитометрија, хематолошки бројач, апарат за криотерапија, дерматоскоп, апарат за ехографија, апарат за ринометрија, како и абдоменална сонда и многу други потребни апарати.

3. Покрај овие што ги споменав, нови апарати ќе има и во сите останати здравствените домови во државата како што се здравствените домови во Валандово, Вевчани, Виница, Демир Хисар, Кратово, Крушево, Липково, Македонски Брод, Неготино, Пехчево, Пробиштип, и Свети Николе  меѓу која опрема се и апарати за ехографија на срце и крвни садови, апарати за ехографија со три вида сонди, апарат за доплер за крвни садови, апарат за гастроколоноскопија, дигитален мамограф, биохемиски и имунолошки анализатор, преносни екг апарати,  и голем број на други апарати во делот на здравството.

Оваа голема набавка ќе ја спроведеме преку повеќегодишни набавки во следните 4 години, но очекуваме дека бенефитот, користа ќе се почувствува веднаш по обезбедувањето и ставањето во функција на овие апаратите, со што самите граѓани ќе почувствуваат унапредување и во квалитетот и во достапноста на здравствените услуги.

Дополнително со секој покомплексен апарат ќе следи и обука за користење обезбедена од производителот и доколку има потреба и подолга обука обезбедена од министерството за здравство и од Владата на Македонија.

Почитувани присутни,

Јас набројав само стотина, само стотина од предвидените 3.700 апарати кои наскоро при промоцијата на новата програма ќе ги објавиме. Со набавката на ваквата опрема Македонија ќе отиде значаен чекор понапред во областа на здравството. За секој апарат имаме прецизни рокови и средства со кои што ќе биде набавен. И сето ова ќе биде дел од нашата нова програма. 33 милиони евра само за околу 3700 нови медицински апарати и опрема. Плус многу други видови на инвестиции во здравството кои не се предмет на оваа прес конференција, а се многу значајни нема да изостанат. Напоменувам дека денес свесно фокусот го ставаме само на еден сегмент во здравството, а тоа се  опремата и апаратите.

Ова е нашиот придонес за подобра Македонија. Граѓаните знаат дека ние нашиот збор го остваруваме и дека може да ни веруваат. Заедно ќе направиме многу повеќе. Нашата борба за напредок во секое поле продолжува. На овие избори граѓаните ќе одлучуваат помеѓу оние кои даваат лажни и нереални ветувања, кои шират манипулации, деструкција и секој ден се натпреваруваат во тоа која поголема лага и невистина ќе ја објават, и нам кому граѓаните може да ни веруваат, кои имаме програма, имаме цел и принципи до кои се држиме. Но и минат труд кој е гаранција дека ќе оствариме многу и многу повеќе од она што го ветуваме. Затоа нашата визија е патот за напредок. Заедничкиот пат за нашата Македонија.

 

31 октомври, 2016 - 14:27