Јолевски: Мировните мисии ни помогнаа да се справиме со мигрантската криза

Нашиот придонес во мисиите е двонасочна авенија. Со учеството во овие мисии, од една страна придонесуваме за стабилноста, безбедноста, мирот и слободата заедно со земјите членки и партнери на НАТО, на европските сили и на мировните сили на Обединетите нации. Со ова се покажуваме како респектабилен партнер на меѓународната заедница. Од друга страна, нашите припадници стекнуваат соодветна обука и квалификации да можат заедно со останатите да партиципираат во овие мисии. Ова е можност за мошне квалитетна обука на припадниците на АРМ. По учеството во овие мисии тие стануваат поквалитетни и подобро обучени офицери, подофицери и војници.

Повеќе од две години сте на оваа позиција министер за одбрана, и верувам дека мошне добро сте запознаени со севкупната состојба во Армијата на Република Македонија, но она што нас не интересира се обвинувањата од страна на Синдикатот за одбрана и безбедност и независниот синдикат во однос на платите, стандардот на припадниците на Армијата и барањата да се изедначат истите со Министерството за внатрешни работи.

Уште пред да стапам на оваа функција, јас за АРМ сум слушал и споделувал само убави зборови. По моето стапување, за припадниците на Армијата на Република Македонија можам да зборувам од личен аспект, но она што ќе го кажам е дека тие се повеќе од професионалци и повеќе од херои. Припадниците на АРМ се лица кои имаат постигнато и постигнуваат врвни резултати, тие се нашите амбасадори на мирот и секогаш подготвени да им помогнат на граѓаните. За мене тие се едноставно, најдобри.
Владата на Република Македонија перманентно работи на подобрување на стандардот на припадниците на АРМ. Тука ќе се осврнам на неколку проекти:
Прво минатата година го решивме проблемот со поранешните професионални војници на кои согласно Законот за служба во АРМ им беше престанат работниот однос во Армијата со навршување на 35, односно 38 години старост. Сите кои изражија желба беа вработени во нашата и во институциите каде се потребни. Тоа јасно кажува дека ние ги решаваме проблемите.
Го почнавме проектот "АРМ мој вистински дом#, со кој по многу поволни услови припадниците на АРМ ќе можат да го решат станбеното прашање. Имено, Министерството ја обезбедува локацијата, односно земјата каде ќе се градат становите, ги плаќа комуналиите, и ќе ја плаќа каматата на кредите што ќе ги земат припадниците на АРМ во траење од 20 години. Како што кажав во неколку наврати тие ќе можат да купат стан за месечна рата меѓу 4.500 и 11.500 денари, во зависност од големината на станот. Минатата недела. претставник на опозицијата беше на местото каде се гради зградата и истакна дека нема механизација. Механизацијата оваа недела ќе биде на терен. Беше повлечена бидејќи со геолошките испитување направени пред две години, водата беше на длабочина од 5 метри, сега се појави на 1,5 метри. Требаа да се направат соодветни консултации и промени во проектот и тие ги очекуваме во текот на оваа недела. Покачувањето на нивото на подземните води претпоставуваме дека е резултат на обилните врнежи што ги имаше во Скопската котлина последниве 12 месеци. Најодговорно тврдам дека има дозвола за градба од Општина Карпош, избран е изведувачот уште во почетокот на септември и надзорот при крајот на септември.
Сите припадници на армијата кои сакаат да го решат своето станбено прашање преку овој проект ќе имаат можност тоа да го сторат. Веќе следната година ќе започнеме со градба на дополнителни 200 стана.
Понатаму би потенцирал дека јас како министер, но и министерството во целина се залагаме за поголеми плати и повисок стандард, а тоа луѓето од Синдикатот мошне добро го знаат. Во меѓувреме, го зголемивме трупниот додаток при упатување на јужната граница за 30 проценти и исплатите на истите се навремени.
За да ги подобриме условите на припадниците на АРМ кои се ангажирани на јужната граница, изнајмен е и втор објект, кој е целосно реновиран, ставени се и климатизери и појачана е исхраната.
Она што би сакал да го истакнам е дека не сакам да споредувам две различни институции и не сакам да ја омаловажувам ниту пак повеќе да ја вреднувам работата на некој кој не работи во нашата Армија. Секоја работа има своја тежина. Припадниците на Армијата и припадниците на Министерството за внатрешни работи се професионалци пред се, кои своите задачи ги извршуваат беспрекорно, и едните и другите се грижат за безбедноста на граѓаните на Македонија согласно законите, а нивната соработка се гледа на нашата јужна граница каде заеднички спречуваат илегални преминувања и криумчарења на мигранти низ нашата територија (изминатава година се спречени околу 20.000 нелегални обиди за премин).

Кога, ете, ги споменувате проектите, кои се проектите кои се реализирани и кои планирате да ги реализирате во иднина? Преземате ли мерки за дополнително образование, едукација и соодветна обука на кадарот? Ќе продолжите ли со прием на нови припадници во Армијата на Република Македонија?

Неколку години наназад Министерството за одбрана работи на повеќе проекти. Тука се Проектот "Балкански медицински наменски сили (БМНС) чија Команда неодамна беше отворена во Скопје и која е првиот регионален проект со седиште во Македонија. Проектот е во духот на концептот "паметна одбрана#, и има за цел да ги зајакне националните военомедицински капацитети за брз одговор во разни ситуации на национално и регионално ниво при природни катастрофи и на меѓународно ниво во меѓународни опрерации за поддршка на цивилната заедница, како и обезбедување нивна интероперабилност со ОН, НАТО и ЕУ. Развојот на регионалната соработка е од особено значење не само за нас туку и за целиот регион.

Минатата недела на состанокот на СЕДМ во Рим се донесе одлука Командата на Бригадата за земјите од југоисточна Европа од 2020 -2026 да се префрли во Скопје. Тоа јасно покажува дека сме подготвени да одговориме на предизвиците и да преземеме одговорност за ваква сериозна иницијатива.

Проектот "Центар за обука на пилоти# чија иднина е заедничко продуцирање на пилоти со Воздухопловната академија во склоп на Универзитетот "Дамјан Груев. Истиот веќе прераснува во регионален центар за обука на пилоти, а ние преземаме активности за привлекување на слушатели во овој Центар од повеќе европски земји.

Едукацијата и обуката на припадниците на АРМ, но и на вработените во МО, се од особено значење. Токму и затоа посветуваме посебно внимание на нашата Воена академија "Генерал Михаило Апостолски#, но и на обуки, курсеви и вежби каде нашите припадници може да се стекнат со знаење и обука која ја имаат колегите од останатите армии од Европа и од НАТО-алијансата. Токму и затоа најголем предизвик ми е Воената академија да ја развиеме во една врвна воена академија на знаење и обука. Тоа веќе го правиме со самото тоа што кај нас веќе се образуваат питомци од неколку соседни земји, но истовремено привлекуваме кадри од останатите земји партнери.

Воедно презедовме низа активности за нашите питомци да поминат по еден семестар на високите воени академии во САД и ме радува што од таму веќе се вратија нашите први два кадети со високи оценки. Оваа година добивме понуда за уште пет питомци да поминат еден семестар на еден американски универзитет.

Ме радува што оваа година успеавме да добиеме четиригодишно школување на Воената воздухополовна академија во Колорадо, САД. За следната година добивме право да кандидираме кандадити и во Вест поинт, најпрестижна воена академија во светот, каде е потешко да се влезе и од Харвард. Ја користам можноста да ги поканам младите македонските граѓани да се пријават на отворениот Конкурс за слушатели во Центарот за обука на пилоти и можноста да се пријават на неодамна објавениот Конкурс за номинирање кандидати за упатување на школување на високи воени академии во Колорадо и Вест поинт во САД.
Со ова обезбедуваме најквалитетно образование за идните лидери во АРМ.

Тука можам да ги споменам бројните курсеви, командно-штабните школи во САД, Велика Британија, Турција, Италија, Хрватска, Србија, Бугарија и други држави. Нашите офицери имаат бројни можности за обуки и школувања во странство.

Од првиот ден на преземањето на мојата функција истакнав дека посебно место ќе дадам на зајакнување на најелитниот дел од Армијата, а тоа е Полкот за специјални операции. Обезбедена е заедничка обука со најелитните припадници од САД, воспоставена е блиска соработка со Командата за специјални операции за Европа, формирана е Секција која ги координира потребите на овие единици со Министерството и Генералштабот на АРМ, но и со меѓународните партнери.

Во однос на прием на нови професионални војници во АРМ би сакал да потенцирам дека минатата година Армијата на Република Македонија се пополни со 250 нови професионални војници кои се распоредени во специјалните единици и другите родови на служба. Оваа година нови 125 се веќе распоредени, а нови деведесет ќе бидат примени до крајот на оваа година - процесот на селекција е во тек. Како министер направив одредени промени во процесот на селекција на професионалните војници. Имено, сега сите кандидати имаат можност да учествуваат на селективниот 24-дневен курс. Тие што ќе покажат најдобри резултати, имаат приоритет во приемот.

Дополнително, поради укажаната потреба од стручен кадар од страна на Генералштабот, истовремено распишавме и Конкурс за запишување на цивилни лица со завршен прв циклус на студии за стручно оспособување и усовршување за офицери, за потребите на МО и АРМ како што се доктори, инженери, машински инженери, економисти, инженери по информатички технологии, метеоролог, психолози, инструктори по англиски јазик. Со тоа дополнително ќе се зголеми стручноста и професионалноста на кадарот со кој располага Армијата на Република Македонија. Пополнувањето со нови припадници на АРМ е процес кој трае и кој е во согласност со структурата и пополнетоста на АРМ и во иднина секако дека ќе има нови конкурси за прием на професионални војници.

Многу обвинувања дојдоа на Ваша и на адреса на Министерството за одбрана во однос на модернизирањето на Армијата. Може ли да ни кажете нешто повеќе околу набавките и процесот на Модернизација, зошто нова опрема кога некои експерти од одбраната тврдат дека можеме поевтино да поминеме со користена?

Модернизацијата е еден долг процес кој пред се зависи од потребите да се одговори на современите безбедносни закани, најнапред од потребата за соодветно опремување на АРМ за заштита на територијалниот суверенитет и интегритет на Република Македонија и воедно опрема која ќе биде компатибилна согласно НАТО-стандардите. Но, што значи тоа?

Основа за модернизацијата е Долгорочниот план за развој на АРМ 2014-2023 и останатите стратешки документи, а тоа подразбира развој на поширок спектар на одбранбени капацитети и способности. Се разбира дека се направени одредени помали промени, кои се резултат на анализита што ги направија 12-те интегрирани проектни тимови. Со оглед што деталната анализа заврши во 2015 година се усвоија одредени помали промени, би ги нарекол како дотерувања. Развојот на одбранбените способности и капацитети, интегративните процеси за членство во НАТО и интензивна регионална соработка во иднина ќе влијаат на нашата способност за справување со потенцијалните безбедносни предизвици и закани.

Веќе неколкупати изјавив за процесот модернизација дека по моја наредба во МО во октомври 2014 се формираа 12 интегрирани тимови во кои беа вклучени повеќе од 100 стручни кадри од Армијата. Секој тим имаше задача да работи во одредена област, т.е. да направат анализа на опремата согласно потребите на АРМ, да направат анализа за надминување на потребите, потоа анализа на пазарот на произведувачи за истите и да излезат со соодветни предлог-решенија кои ќе ги содржат информациите како што се: средства, цели, трошоци за набавка и одржување, рок на траење, потреба од обука на персонал итн. Верувајте дека стручноста на лицата кои се дел од Армијата е она што е најважно. Тие го купуваат она кое сметаат дека им ќе им биде најпотребно и најкорисно. Јас им верувам и ќе сторам се што е во моја надлежност Армијата да биде опремена првенствено согласно потребите.Во јавноста беа изнесени неколку конструкции, кои беа компилација на одредени информации кои се од доверлив карактер, но содржеа повеќе невистини и неточни информации. Еден неделник дури два пати требаше јавно да се извинува на вработени во АРМ заради тоа што напиша невистинити факти.

Процесот на аквизиција се врши целосно во согласност со законската регулатива на Република Македонија за овој вид набавки, како и меѓународните практики за набавка на воена опрема. Постојат повеќе процеси кои го гарантираат квалитетот и интегритетот на аквизицијата. Првиот дел од процесот е дефинирање на потребите и техничките карактеристики на средставта што се набавуваат, вториот дел анализа на понудите, и тоа од технички и финансики аспект, и потоа од посебна комисија се следи реализацијата на договорот. Учествуваат само производители, односно компании кои сами ја интегрираат опремата што се набавува, а не трговци. Се води посебна грижа за начинот на кој се доставуваат понудите, односно тие се доставуваат во затворени коверти, кој потоа комисиски, во исто време, се отвораат. Се избира најповолната финансиска понуда, од понудите кои ги задоволуваат техничките карактеристики. Сето ова го гарантира интегритетот на процесот.Но некои обвинувања беа во насока дали да купуваме користена опрема или нова. Верувам дека и малите деца го знаат одговорот. Како ќе извршите процена на користената опрема, колку таа е безбедна за нашите припадници, колку ќе чини сервисот на истата која ќе бидете обврзани да ја сервисирате во конкретни сервиси и на крај повторно ќе имате стара опрема. Па зарем нашата Армија не заслужува да располага со нови орудија и опрема? Зарем нашите припадници не сакате да ги гледате со модерна опрема? Зарем нашите припадници не сакате да бидат максимално заштитени? Кој е гарантот за користена опрема? Јас повторно ќе упатам благодарност до земјите партнери на Македонија кои изминативе години донираа опрема за Армијата, но ќе истакнам дека ние не може да се потпираме само на донации, еднаш и ние сами треба да купиме. Би сакал само да напоменам дека доколку се реализираат овие набавки, особено на оние за нова модерна опрема, во рамки на договорите е и делот за обука на наши припадници од страна на производителите, сервис и одржување на опремата итн. Сепак, нема да оставиме нашите припадници сами да се "снаоѓаат# со новата опрема. Ефектот од овој процес на модернизација ќе го увидат припадниците на Армијата - војници, подофицери, офицери и цивилни лица. Ние како Министерство за одбрана и Влада на Република Македонија ќе продолжиме да преземаме активности за подигнување на стандардот на припадниците на АРМ.

Каква е нашата иднина, ќе продолжиме ли со учество во мисии со оглед дека тешко оди овој процес на станување дел од оваа Алијанса?

Темата членство во НАТО е нешто за што секаде говорам дека граѓаните и политичките партии се обединети по однос на ова прашање како и по прашањето за членство во ЕУ. Ние одамна сме се определиле дека ќе одиме по овој пат и тоа е главен стратешки интерес на Република Македонија. Ние ги споделуваме истите вредности со НАТО и ЕУ. Членството во овие две големи семејства е од особено значење за Македонија, особено од аспект на натамошно јакнење на безбедноста и стабилноста на регионот, но првенствено на безбедноста на граѓаните на Македонија, потоа истото ќе има влијание врз деловната клима, развој на државата и благосостојба на граѓаните.

Нашиот придонес во мисиите е двонасочна авенија. Со учеството во овие мисии, од една страна придонесуваме за стабилноста, безбедноста, мирот и слободата заедно со земјите членки и партнери на НАТО, на европските сили и на мировните сили на Обединетите нации. Со ова се покажуваме како респектабилен партнер на меѓународната заедница. Од друга страна, нашите припадници стекнуваат соодветна обука и квалификации да можат заедно со останатите да партиципираат во овие мисии. Ова е можност за мошне квалитетна обука на припадниците на АРМ. По учеството во овие мисии тие стануваат поквалитетни и подобро обучени офицери, подофицери и војници. Впрочем доказ за високата квалификуваност и подготвеност на нашите претставници говори и фактот што во новата мисија во Авганистан - Одлучна поддршка, Република Македонија е застапена со штабни офицери. Тоа јасно кажува дека е голема довербата на Алијансата да ни довери вакви позиции во оваа мисија. Дополнително, искуството кое нашите припадници го стекнаа во мисијата во Ирак и во Авганистан успешно го применија при справувањето со мигрантската криза каде беше зафатена и нашата земја. Ете зошто е значајно да се биде дел од овие мисии. Ние како министерство сме во континуирана комуникација со претставници од ОН за зголемено учество на нашите припадници во мисиите на ОН. Искрено се надевам дека наскоро ќе бидеме дел, покрај мисијата во Либан, и од некоја друга мисија на ОН.

Повторно ги споменавте мигрантите и мигрантската криза. Како ја оценувате безбедносната состојба во регионот и пошироко и дали може да се повтори немил настан како оној кога кај селото Моин влегоа преку 1.000 мигранти? Има ли капацитети Армијата да се справи со оваа криза со оглед на тоа што ситуацијата во Ирак повторно се комплицира, а онаа во Сирија е далеку од смирување и со криза како што неодамна го погоди нашиот главен град?

Како што напоменав на почетокот, припадниците на Армијата се мошне добро подготвени да одговорат на ситуацијата. И самите видовте и се уверивте дека Армијата и покрај тоа што е само асистент, односно во поддршка на полицијата на јужната граница, и дополнително беше ангажирана од страна на ЦУК и ДЗС во справувањето со големата трагична непогода која го зафати главниот град, успешно одговори и се уште одговара на задачите.

Ситуацијата на јужната граница сега е помирна, но ние континуирано ја следиме состојбата во регионот и пошироко. По затворањето на т.н. "балканска рута# бројот на мигранти е намален, но бројот на илегални преминувања е зголемен. Тоа не ни дава за право да седиме со скрстени раце, напротив нашите припадници успешно се справуваат со овие нелегални преминувања и лицата кои се фатени ги предаваат на колегите од МВР за натамошно процесирање. Војската функционира како што треба, и нашата граница е добро заштитена.

Одлуката на Собранието на РМ за продолжување на ангажманот на Армијата на јужната граница е повеќе од оправдана. Во вакви констелации на активности на Блискиот Исток, како и на секојдневно зголемен број на мигранти на грчко тло, ние едноставно мораме да бидеме подготвени на секое можно сценарио и притоа соодветно да реагираме. Армијата е подготвена да реагира заедно со полицијата, бидејќи ние даваме поддршка на полицијата. Армијата е спремна за секаков предизвик, но, искрено, се надеваме дека настаните на Блискиот Исток ќе почнат да се стабилизираат и се надеваме дека нема да има потреба од било каква поголема реакција од страна на припадниците на Армијата.

27 октомври, 2016 - 12:02