Интервју на Груевски за влијателниот американски магазин „Форбс“: Поминавме низ тешка криза, но земјата сега оди во подобра насока

Водечкото американско економско списание Форбс објави интервју со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ,Никола Груевски, посветено на политичката состојба и на македонскиот успех во привлекувањето инвестиции од водечки американски компании.

Во интервјуто, Форбс најавува дека ВМРО-ДПМНЕ и Груевски ќе победат на претстојните избори. Според Форбс, земјата успеала да ја надмине големата мигрантска криза, а сега излегува и од политичката криза.

Македонија е земја од поранешниот комунистички блок која спроведува пазарни реформи и воведува капитализам од западен вид. Повеќе американски компании го забележаа тоа и отворија свои фабрики во Македонија. За 11 декември се закажани избори кои по се изгледа ќе донесат победа на владејачката партија, и покрај неодамнешниот период на нестабилност. Како и да е, ниту политичкиот застој ниту мигрантската криза од 2015 година не успеаја да и наштетат на оваа мала држава од два милиона луѓе, пишува Форбс во воведот на интервјуто.

Ако економијата напредува добро, зошто тогаш невработеноста е висока?

Ние ја намаливме стапката на невработеност од 38 на 24 проценти. Сепак, невработеноста останува проблем. Но, Владата презема мерки да ја потпомогне домашната економија, да донесеме странски капитал и да создадеме поволна бизнис клима во која вработеноста расте, иако се уште не сме задоволни со нивото кое што го имаме сега. Ниските даноци се клучен фактор во  нашиот план. Тие ги поттикнуваат инвестициските компании да ни го обрнат потребното внимание кога размислуваат каде да се прошират. Воедно, ги намалуваме и даноците на додадена вредност во некои сектори од 18 на 5 проценти. Ова е само мал дел од мерките кои ги преземавме со цел да ја одржиме економијата во услови на политичка криза. Ниските даночни стапки се двигателот на инвестицискиот интерес во Македонија.

Инвеститорите во државни обврзници се сериозно заинтересирани за земји со кредитен рејтинг од ББ во овој период. Но, опозицијата вели дека новиот буџет што е предложен претставува закана за рејтингот на вашата земја.

Буџетот за 2017 година е заснован на проекции на раст на бруто домашниот производ од 3 проценти. Мислам дека тоа е реална проекција, бидејќи ги зема предвид пониските проекции за раст во светот, неизвесните ефекти на Брекзит и разрешувањето на политичката криза во декември. Се очекува капиталните инвестиции да постигнат рекордно ниво со овој буџет, но приоритетот е кон фискалната политика, кон важните инвестиции во инфраструктурата и социјалните програми како образованието и здравствената заштита, за кои сите сме согласни дека ни се потребни. Оттаму, не очекувам да дојде до намалување на кредитниот рејтинг.

На кој начин технолошко-индустриските слободни економски зони и помогнаа на вашата економија да ги надмине двојните кризи – бегалската криза од Азија и Африка и скандалот со прислушувањето?

Во 2015 година од слободните економски зони имавме извоз од околу една и пол милијарда евра, што претставува 36 проценти од нашиот вкупен извоз. Поради тоа, овие зони се многу важни за нас и направија Македонија да биде атрактивна извозна дестинација. Последните податоци од јануари до септември покажуваат раст на извозот за 19,2 проценти во споредба со истиот период минатата година. Компаниите во овие зони силно ја стимулираат локалната економија и помогнаа да се смени структурата на нашиот извоз. Пред шест години, во 2009, зоните извезоа производи за само 22 милиони евра, но во 2015 година имаме 1,5 милијарди евра во извоз, а оваа година очекуваме 2 милијарди. Компаниите кои работат таму се ослободени од личен и корпоративен данок на доход за 10 години, а дополнително ослободени се и од трошоците за градежните дозволи.

Американски компании доаѓаат во Македонија привлечени од ниската даночна стапка. Кои се најновите компании кои инвестираа во вашата земја?

Американските корпоративни инвестиции доаѓаат главно од автомобилската индустрија. Џонсон Контролс отвори две фабрики во Македонија во 2015 година, за време на кризата. Кемет Електроникс од Јужна Каролина исто така е активен во Македонија и отвори фабрика во Скопје. Ки Сејфти Системс, компанија од Мичиген која произведува воздушни перничиња, почна да работи во технолошката индустриска зона во Кичево. Амфенол е компанија во Масачусетс која веќе има две браунфилд постројки и работи на нова гринфилд инвестиција.

Кои се вашите најголеми три трговски партнери?

Најважни за Македонија во оваа година се Германија и Британија. Имаме неколку германски и британски инвестиции во Македонија. На трето место е Србија. Италија, Шпанија и САД се тука некаде.

Какви се односите со Русија, Кина и со САД?

Македонија е мала држава и мораме да бидеме отворени за инвестиции од сите кои се подготвени да работат со нас. Од американските корпорациски инвеститори, во моментов главно доаѓаат автомобилските компании. Кина има фонд за инвестиции во средна и источна Европа и досега видовме како тие инвестиции одат во изградба на автопати. Што се однесува до Русија, ние им извезуваме земјоделски производи и генерички лекарства. Се разбира, увезуваме руска нафта и природен гас.

Македонија беше актуелна во медиумите околу мигрантската криза. Каква е ситуацијата сега?

Ние сме држава од два милиона граѓани, а се соочивме со мигрантски проблем во кој, од почетокот на кризата во летото 2014 година до сега, преку Македонија транзитираа повеќе од милион лица кои претходно поминаа низ Турција и Грција во обид да дојдат до Европската Унија. Ова беше навистина сериозен проблем за нас. Ние не бевме нивна финална дестинација и мигрантите непрестано доаѓаа. Моравме да се справиме со овој проблем, и во моментов веќе не постои отворен пат за мигрантите да поминат низ западниот Балкан, вклучително ниту преку Македонија.

Каков е економскиот импакт од мигрантската криза? Дали кризата се надминува?

Имавме значителни трошоци за справување со предизвиците од мигрантската криза. Не добивме посериозна финансиска помош од надвор. Македонија беше соочена со последици на еден глобален проблем, проблем кон кој ние не придонесовме. Не можам да кажам дали кризата е надмината. Единствено трајно решение е да се постигне мир, политичка и економска стабилност во земјите од каде мигрантите доаѓаат.

Од кои земји доаѓаат повеќето од мигрантите?

Од целиот Блиски Исток и северна Африка, но во септември, најголем дел од тие што се обидуваат илегално да ја минат македонско-грчката граница беа од Авганистан, Сирија и Пакистан. Ова се трите главни држави на потекло. Останатите се пред се од северна Африка и од Ирак.

Што се следните чекори за Македонија?

Следат избори во декември. Точно е, ние поминавме низ тешка криза, која се уште не е целосно завршена. Но, во ниту еден момент не престанавме да работиме со бизнис заедницата. Нашата економија продолжи да расте. Не го нарушивме кредитниот рејтинг. Убедивме неколку нови компании да инвестираат во Македонија. Нема да биде совршено, но мислам дека земјата сега оди во подобра насока. Да видиме што ќе кажат гласачите.

25 октомври, 2016 - 08:56