Поквалитетна здравствена заштита е наш приоритет

Интервју со Сашо Стефаноски, директор на Фондот за здравствено осигурување

Дали сметате дека буџетот што го има ФЗО, е доволен и дали тој е правилно распределен?

Фондот за здравствено осигурување на Македонија ја започна 2016 година со историски најголемиот буџет на институцијата, во висина од 25 милијарди и 575 милиони денари. Овој буџет е за 1,4 милијарди денари повисок од оној за 2015 година, а за споредба, речиси е двојно повисок од буџетот што го издвојувала државата за здравството во 2002 година, кога тој изнесувал 13,9 милијарди денари. В година ќе имаме дополнително зголемување на буџетот, за што во тек се постапките за усвојување на новиот буџет за 2017 година во Собранието. Буџетот на Фондот за здравствено осигурување е врзан со растот на економијата во Македонија и од тие причини, ние, како институција, се радуваме и ги поздравуваме сите мерки за привлекување нови странски инвестиции и за отворање нови работни места во државата, оти 92% од приходот на Фондот се прибира од наплатата на придонесот за здравствено осигурување. Така што и порастот на буџетот на Фондот за здравствено осигурување во изминативе години не е случаен, тоа доаѓа како резултат на големиот број отворени работни места. За илустрација, од 2006 година до 2016 година, отворени се нови 150.000 работни места, што значи дека за 150.000 луѓе дополнително се наплаќа придонес за здравствено осигурување, кој како интегрирана наплата преку Управата за јавни приходи завршува во буџетот на Фондот за здравствено осигурување. Буџетот на Фондот за здравствено осигурување е стабилен, ликвиден и исплатите одат редовно. Ова го остваруваме во услови на трет најмал издаток како процент за здравствено осигурување во Европа од 7,3%, во услови кога земјите од поранешна Југославија, на пример Словенија, Хрватска, имаат околу 15% стапка на придонес за здравствено осигурување.
Во однос на распределбата на буџетот, сметам дека буџетот е соодветно распределен на потребите на јавните здравствени установи и на приватните здравствени установи, бидејќи ФЗОМ има склучено договор со околу 3.800 правни субјекти, кои работат на товар на државата, односно државата ги финансира. Секако, во здравството секогаш има потреба од дополнителен буџет и финансиски средства, но со поддршката од Владата и со позитивните проекти што се случуваат во здравството, се разбира, имаме на располагање и дополнителни средства за вложување во здравствениот сектор. ФЗОМ инвестира во нови методи и најголемиот процент зголемување е во јавните здравствени установи за нови методи.

Предвидени се околу 2,5 милијарди денари што Фондот за здравствено осигурување ги определува за лекови на рецепт, а дополнително ги зголемивте и квотите, може ли да ни објасните како е постигнато тоа?

Од пред месец и половина, поточно од 1.9.2016 година, осигурениците имаат повеќе лекови на рецепт во аптеките низ целата држава. Средствата наменети за лекови на рецепт ги зголемивме за дополнителни 80 милиони денари до крајот на годинава, со цел да ја подобриме снабденоста со лекови за граѓаните. Тоа значи дека во финансиска смисла, од 2,46 милијарди денари, кои беа предвидени со буџетот за лекови на рецепти за 2016 година, буџетот за оваа година ќе изнесува 2,55 милијарди денари. Поедноставно кажано, расте буџетот и само за илустрација, ако сега одвојуваме 2,5 милијарди денари за лекови на рецепт, пред 10 години се одвојувале 1 милијарда денари, што е за два и пол пати повеќе. Колку за потсетување, минатата година се потрошени 21 милион лекови на рецепт, кои ги реализирале 1 милион и 300 илјади граѓани. Во 2003 година, оваа бројка изнесувала околу 8 милиони рецепти, а буџетот за лекови во тоа време изнесувал нецели 1 милијарда денари. Да бидеме искрени, во тоа време, граѓаните многу тешко доаѓаа до лек на рецепт и требаше да се јават во аптека да го резервираат лекот, па да чекаат две-три недели и дури кога ќе дојде, да го подигнат. Сега сме во неспоредлива ситуација, а граѓаните знаат да го ценат тоа. ФЗОМ има склучено договор со вкупно 776 аптеки, преку кои се реализираат лековите на рецепт на товар на државата. Последното зголемување се однесуваше на квотите кај 742 аптеки, кои добија по дополнителни 26.000 денари месечно до крајот на годинава.

За годинава најавивте зголемување на капитацијата за матичните лекари и стоматолози. Има ли ефект од зголемената капитација?

За да овозможиме поквалитетна грижа за здравјето на пациентите, од први јули годинава, Фондот за здравство, по анализа на состојбите во примарното здравство, одлучи да го зголеми капитациониот бод за матичните лекари од 50 на 55 денари, што, всушност, значи зголемување од 10 отсто. За потсетување, финансирањето на примарната здравствена заштита во дејноста општа медицина, односно финансирањето на матичните лекари, е по метод на капитација. Покачувањето на капитациониот бод за матичните лекари има цел да овозможи поквалитетна грижа за здравјето на пациентите. Кај матичните стоматолози, ја покачивме капитацијата од 1.1.2016, а кај матичните лекари - од 1.7.2016. Парите се обезбедени од буџетот на Фондот и изнесуваат околу 265 милиони денари за годишно ниво за матичните лекари и за матичните стоматолози. Придобивките од овие мерки - зголемување на капитациониот бод за матичните лекари и за матичните стоматолози ќе ја почувствуваат повеќе од 2.800 тима на матични лекари и стоматолози што работат во приватни здравствени установи што се во договор со Фондот, односно се во мрежата на здравствени установи. Особено нè радува што по објавување на мерката за зголемување на капитацијата за матичните лекари, имаме дополнителни 40 нови тима лекари што склучија договор со Фондот за здравство и на товар на државата да лечат што повеќе пациенти. Исклучително е важно затоа што на тој начин се зголемуваат распространетоста и достапноста на здравствената заштита низ Македонија.

Инвестирате во електронски услуги и резултатите се евидентни, скративте многу бирократски и административни процедури и веќе нема шетање со документите по шалтерите. Дали планирате осигурениците да добиваат и други услуги електронски?

Фондот продолжува да работи на остварување на целта, е-Фонд, со цел осигурениците, овластените лица од компаниите, здравствените работници да добиваат ефикасна, навремена и професионална услуга кога им е потребна таа. Со најновиве 15 електронски услуги што ги нуди Фондот за осигурениците и за правните лица, сега над 90% од сите услуги и права на Фондот можат да се добиваат електронски. Веќе се чувствуваат придобивките и од информатичкото поврзување на Фондот со другите институции како УЈП, АВРМ, МВР, со кои на дневна основа разменуваме податоци. И сите оние процеси за кои во минатото имаше потреба или граѓанинот да доаѓа или од овие институции да доаѓаат, сега тоа е елиминирано и најголемиот дел од податоците се разменуваат електронски, што значи и намалена потреба на граѓаните да доаѓаат на шалтерите на Фондот за здравство, што се гледа и од нашите посети во подрачните служби. Редовите и турканиците од минатото се веќе заборавени, дополнително инвестираме во подобрување на информатичкиот систем на Фондот и размислуваме во иднина за нови проекти и за нови мерки, кои дополнително ќе го подобрат секојдневното работење и ќе значат зголемена ефикасност, прецизност и брзина, како што се укинувањето на здравствената книшка, укинувањето на хартиениот упат.

Фондот има политика на отворена врата и транспарентен однос кон јавноста. Каква ќе биде работата во иднина?

Фондот воспостави пракса секоја година да има отворени денови и тие се спроведуваат во сите 30 подрачни служби на Фондот. Целта е да ја отвориме институцијата за осигурениците. На овој начин, тие директно од одговорните лица од Фондот ќе се информираат за своите права, ќе можат да претстават некој проблем што го имаат во врска со стекнување на правата од здравственото осигурување, а, наедно, имаат можност да дадат свои идеи или предлози, кои се однесуваат за унапредување на работата на Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Фондот континуирано работи да има информирани осигуреници, кои претставуваат вреден ресурс на повратни информации за активностите и новините што ги воведуваме ние. Осигурениците, наедно, се и активни учесници во процесот на креирање политика за подобро функционирање на Фондот за здравствено осигурување. Средбите со осигурениците се начин да ја согледаме перцепцијата на осигурениците за нашата работа, но и да добиеме предлози за надминување на "тесните грла" во работењето.

Направивте многу измени и олеснувања за паровите што сакаат да имаат деца, а се соочуваат со тешкотии во зачнувањето. Што значат овие мерки за осигурениците, дали имате зголемен интерес за оваа нова мерка?

Да, со задоволство можеме да информираме дека од средината на ноември 2015 година, согласно со законските измени што стапија на сила, осигурениците што сакаат да остварат право на ин витро, ослободени се од плаќање на учеството од 6.000 денари за користење на здравствените услуги во постапките за ин витро за добивање прво, второ, трето и четврто дете, најмногу до трет неуспешен обид за оплодување. Партиципацијата сега ја надоместува Фондот, а тоа значи дека во целост се покрива оваа услуга и нема трошок за нив. Покрај ослободување од партиципацијата, втората новина што ја воведовме е правото на бесплатно ин витро, освен за прво и за второ, веќе и за трето и за четврто дете, најмногу до трет неуспешен обид за оплодување, што претставува огромна придобивка за двојките што имаат желба за формирање поголемо семејство. Нашата цел е да излеземе во пресрет на сите барања на осигурениците што сакаат да имаат деца, а имаат тешкотии да го остварат тоа. Оваа мерка функционира од 2010 година и можам да кажам дека до крајот на 2015 година, околу 6.000 двојки го искористиле правото да добијат ваучер од државата за здравствено осигурување за да добијат принова по вештачки пат, бидејќи имале проблем да го направат по природен пат. Над 6 милиони евра издвои и исплати ФЗО за овие мерки изминатите години.

17 октомври, 2016 - 14:45