Миноски: Буџетот за 2017 година гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјална помош

Јавниот долг на Македонија е десет процентни поенти под европските критериуми, а државниот долг е два и пол пати помал од просекот во Европската Унија, вели Kирил Миноски, министерот за финансии во интервју за „Дневник“. Во услови на се погласна дебата дека нивото на долг во земјава е загрижувачко, тој вели дека буџетскиот дефицит за в година е проектиран до три отсто од БДП, а до 2019 година ќе се сведе на само 2,2 отсто. Тој тврди дека во турбулентни политички услови треба да се има здрава основа за да се обезбеди макроекономска стабилност поради што буџетот се носи во ова време.

И една од препораките што ги добивме од Меѓународниот монетарен фонд при последната посета е да се донесе буџет за 2017 година во насока на задржување на стабилноста на економијата. Тој е одговор на потребите и ситуацијата во која се наоѓа македонската економија. Со буџетот се гарантира редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и намирување на другите потреби на граѓаните, како и сервисирање на другите обврски на државата. Наша одговорност кон граѓаните е тие да не ги трпат последиците од политичката криза.

Ги вративме долговите на СДСМ

Велите дека сумата за капитални инвестиции секоја година е поголема, ама колку тоа придонесува за развој. Буџетот е социјален или развоен?

Во Буџетот за 2017 година за капитални инвестиции се планирани 26,954 милијарди денари и се за 4,62 милијарди денари или за 20,7 проценти повисоки од годинава. Најголем дел од проектите се реални и очекуваме висок степен на нивна реализација. За инфраструктурни проекти се предвидени 400 милиони евра во буџетот за 2017. Во патната инфраструктура е предвидено да се инвестираат вкупно 327 милиони евра. Тука има средства за довршување на изградбата на автопатската делница Демир Kапија – Смоквица, за која се предвидува да биде готова наредната година. Преку ЈП за државни патишта се планира да се реализира Проектот за рехабилитација на патиштата со кој се опфатени повеќе патни правци, а ќе продолжи и изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Kичево – Охрид. Во Буџетот за 2017 се предвидени и 807 милиони денари или околу 13 милиони евра за капитални расходи за железничката инфраструктура. Над 70 милиони евра капитални инвестиции се планирани во здравството и образованието. За капитални инвестиции што ќе ги поддржат земјоделството и руралниот развој в година во буџетот се предвидени 2,2 милијарди денари или 36 милиони евра.

За сите овие проекти мислам дека добро ја отсликуваат развојната компонента на буџетот.

Прашањето за долгот на државата се чини е едно од клучните во јавната дебата. Kолку должи Македонија, дали е тоа опасен долг како што се тврди и ќе има ли кондиција државата да се раздолжува?

Ако споредуваме со 2008 година, долгот е умерено зголемен, меѓутоа 2008 година не е година за споредба, бидејќи во истата е забележано најниско ниво на долг како резултат на активните мерки на управување со јавен долг реализирани во периодот 2006-2008 година. Затоа, потребно е да се направи споредба со 2005 година, кога државниот долг е на приближно исто ниво со денешното. Владата пред светската економска криза ја препозна поволната ситуација во економијата и на пазарот на капитал и ги исплати заостанатите долгови и кредити оставени од Владата на СДСМ. Во тој период долгот на државата беше намален на 20 отсто од БДП. Ова беше исклучително добар потег, бидејќи во текот на светската економска и европската должничка криза Владата креира фискален простор за преземање повеќе мерки за помош на реалниот сектор. Македонската Влада несомнено имаше спроведено една од најдобрите стратегии за надминување на ефектите од глобалната економска криза – секаде се затвораа работни места, се кратеа пензиите, платите…кај нас од сето тоа немаше ништо, напротив, платите и пензиите се зголемија, субвенциите редовно се исплаќаа.

Дали ова ниво на долг е загрижувачко? Јавниот долг е десет процентни поенти под Мастришкиот критериум, а државниот долг е 2 и пол пати помал од ЕУ-просекот. Буџетот за 2017 година е проектиран на помал буџетски дефицит од 3 отсто. Разликата помеѓу приходите и расходите од буџетот е насочена кон капитални инвестиции, трајни добра, кои на македонската економија ѝ даваат додадена вредност.

Со фискалната стратегија, која ја усвоивме пред неколку дена, предвидена е фискална консолидација, односно етапно намалување на буџетскиот дефицит, кој на среден рок, или до 2019 година, ќе се сведе на 2,2 процента.

Ја плаќаме цената на политичката криза

Годината изминува во неизвесен политички амбиент, што, јасно е, веќе се одрази на економијата. И Владата и меѓународните институции ги намалија проекциите за раст на македонската економија. Kолкава цена ќе платиме на економските перформанси поради политичката криза?

Македонската економија веќе ги плаќа последиците од политичката криза. Плативме повисока каматна стапка за еврообврзницата. Во текот на годината, политичката криза не се реши, напротив, кулминира, што значеше понизок БДП од планираниот. Kризата влијаеше на фирмите да ги одложат инвестициите за по завршување на кризата. Проекцијата за раст за годинава ја намаливме од 4 на 2,3 проценти.

Сепак, и покрај кризата, благодарение на добро поставените економски политики, имаме влез на нови странски инвестиции, извоз од технолошко-индустриските зони, производство на производи со повисока додадена вредност, раст на индустријата, раст на приходите од даноци. Сето тоа ни дава надеж дека в година растот може да биде и повисок од проектираните 3 отсто, ако се реши политичката криза.

ПРОДОЛЖУВААТ ПРОЕКТИТЕ „KУПИ КУЌА ЗА МЛАДИ“ И „KУПИ КУЌА, КУПИ СТАН“

Со проектите „Kупи куќа, купи стан“ и „Kупи куќа за млади“ станбеното прашање го решија над 1.000 семејства досега, а доделени се субвенции од околу 7 милиони евра, со кои на граѓаните им се овозможува да уплатат учество или да ја отплаќаат месечната рата од станбениот кредит, вели министерот Миноски. Додава дека во буџетот за в година има пари и за двата проекта, кои продолжуваат.

Преку проектот „Kупи куќа, купи стан“ државата субвенционира половина од месечната рата од станбениот кредит или половина од учеството за купување стан, или 75% од месечната рата или 75% од учеството за купување на куќа. Проектот „Kупи куќа за млади“, кој е наменет за младите до 35 години, дава државни субвенции во висина од 80 отсто од месечната рата за првите 8 години и 50 отсто за следните три години при изградба на куќа, или го плаќа целото учество од кредитот.

17 октомври, 2016 - 07:49