Интегрален текст од обраќање на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Интегрален текст од обраќање на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Aирлија избори!!!

Aирлија избори!!!

Победуваме!!!!

Дојде времето за избори и дојде времето да го слушнат гласот на народот! Гласот кој долго време го игнорираа! Го потценија! Го исмеваа! Народот кој памети, кој е мудар и добро знае што е што, што точно се случуваше, и која е крајната цел!

Дојдовме до тоа што долго време го чекаа македонските граѓани, дојдовме до посакуваната цел, која треба да значи почеток на крајот на кризата, дојде време за одговорот кој граѓаните им го спремаат веќе две години. Откако ја воведоа државата во невидена криза и на работ на внатреетнички, но и можност за меѓуетнички конфликт, посакуваа крвопролевање, сакаа да не закрват до крај за да може без вољата на народот да дојдат на власт, затоа што така смислиле, но силата и мудроста на овој народ е многупати низ историјата докажувана, трпението на овој народ е неговата најсилна доблест, иако многумина го сметаат за хендикеп.

Не!

Со тоа трпение нашиот, народ чекор по чекор дојде до посакуваната цел. Изборите. Моментот кога власта се враќа кај него и тој одлучува на кого ќе даде доверба да го води, кој може да ги решава неговите секојдневни проблеми, кој може да направи подобро за народот и за државата, кој нема да ги изневери и кој ќе го чува нивниот грб. Време е за крај на кризата!

Време е конечно целосно да почнеме да се фокусираме со сето внимание на реалните проблеми на граѓаните. Да говориме за економијата. За новите работни места, за земјоделците за нивните проблеми, за образованието, здравството, инфраструктурата, за напредокот во секој поглед и во секој сегмент, за новите перспективи на земјата и сите граѓани во неа, нови можности нови шанси, за нови инвестиции,...Нималку наивни дека тие овде ќе престанат, но свесни дека токму со овие избори ќе се покаже една јасна и недвосмислена волја на нашиот народ за напредок на својата татковина, но и порака до сите дека оваа земја е земја на граѓаните на Македонија, на народот на Македонија и тие одлучуваат за нејзината иднина, никој друг не може да крои прекројува како што се туѓите интереси, туку за оваа земја одлучуваат нејзините граѓани, нејзиниот народ  и тие најдобро знаат кој треба да ги застапува кој може да им помогне во секојдневните проблеми, и кој може да го чува нивниот интерес.

Тоа што се обидуваа да го направат е да не тргнат од темата која ве тишти секојдневно. Економијата, новите работни места, иднината и можностите за развој, инвестициите тие не држеа во заложништво со мрачни теми на поделба на конфликтност, додека ние и покрај се, се обидувавме да работиме на програмата на тоа што сме ви го ветиле, и на темите за кои вие, граѓаните на Македонија, народот на Македонија,  сте најмногу заинтересирани.

Пред да појаснам кои се можни сценарија за развој на политичката ситуација, мора да се осврнам на работите кои се дел од реалната политика и кои мора да се вратат како прироритет во политичката дебата и како најголем фокус на политичарите. Да потсетам на тоа што успеавме во изминатиов период да направиме и покрај кризата во која не втурна опозицијата, предводена од СДСМ.

Нашата најголема заложба останува борбата против невработеноста. Додека ја имаме одговорноста пред граѓаните отворивме нови 160 илјади работни места, за толку повеќе граѓани на Р. Македонија да имаат работа. Особено ме радува што со мактрпна и беспоштедна работа успеавме да ја намалиме невработеноста и за време на најголемата политичка криза. Тоа го говорат и бројките. Невработеноста во време на СДСМ, кога дојдовме на власт, беше 38%, на крајот во втората половина на 2014 падна на 27,6%, кризата не не поколеба и ние продолживме да отвораме нови работни места, дури и за време на траењето на кризата. Невработеноста покрај се со што се соочи нашата држава продолжува да паѓа, до овој период падна на историски најниска 24%. Во последните двеиопол година имаме пад на невработеноста од 3.6%, во време на најголемата политичка криза во Македонија. Во месеците кога на опозицијата и беше најважно да ја разградува државата, нам ни беше најважно да обезбедиме економски просперитет, за нашиот народ, за нашата држава.

Токму тоа е периодот кога се спроведуваше и проектот Македонија вработува, еден од најуспешните проекти кој беше наменет пред се кон поддршка на домашното стопанство и преставуваше значително олеснување и финансиска поддршка на фирмите, но и голема шанса за илјадници невработени луѓе во Република Македонија. Од овој проект конкретен корист видоа 5 категории на лица, и тоа невработени млади до 35 години, долгорочно невработени лица од 35 до 50 години, невработени лица над 50 години, невработени лица над 58 години, како и невработени лица со различни видови социјален ризик и поранешни професионални војници. Преку овој проект кој стартуваше во април 2015та година за точно една година се вработија дури 19 илјади невработени луѓе во Македонија, во сред криза, при што 10 138 фирми ги искористија поволностите кои се нудеа. Затоа пред некое време овој проект го продолживме и започна со реализација проектот Македонија вработува 2 при што досега се нововработени над 1500 лица, односно тоа се 1500 семејства со обезбедена конкретна егзистенција за своите семејства, токму од овој проекти кој произлезе и се одвиваше за време на политичка криза.

Во борбата против невработеноста особено во периодот на политичката криза остана наш приоритет стимулирањето на новите инвестиции, привлекувањето на странски компании и охрабрување на наши компании да одат напред. Ова нешто е скоро неверојатно во ситуација кога државата се мачи со тежок политички проблем наметнат од опозицијата, но ние не се откажавме од нашите намери и ние покрај се овозможуваме нови инвестиции, а тие пак нови работни места.Само во последните 7 дена се одбележаа 4 големи инвестиции за над 2700 нови вработувања. Се потпиша договор за инвестирање на нова фабрика на германската компанија од автомобилската индустрија СТС текстајл во Велес и тоа преку рестартирање на дел од капацитетите на некогашната Свилара. Официјално отпочна со работа германската компанија Костал во Охрид и тоа во просториите на некогашниот загубар ЕМО, а грчката компанија Цераметал официјално објави дека ќе инвестира во капацитет во Битолско Жабени. Најнова е инвестицијата од Холандија на Инофрут и тоа токму преку превземање на пропаднатиот комбинат Агро Лозар од Богданци, со најавени нови инвестиции во нов капацитет за откупно дистрибутивен центар за земјоделски производи како и производство и извоз на земјоделски производи и нови работни места.

Во претходните двеипол години, многу други компании се одлучија да инвестираат, или отпочнаа со работа, или ги проширија своите капацитети.

Американската компанија Аутомотив во текот на 2015 година започна со работа во ТИРЗ Скопје 1. Инвестицијата е во вредност од 15 милиони евра за најмалку 400 нови работни места. Американската компанија Делфај Електроник во текот на 2015 година ја објави својата одлука за инвестирање. Компанијата започна со работа во 2016 година во ТИРЗ Скопје 1 и финалната бројка на вработени ќе биде 500 нови работни места. За десетина дена започнува првата фаза од инвестицијата на италијанската компанија Јуроп Шок Абсорберс дел од групацијата Монтанте, производител на амортизери за шински возила, камиони и автобуси, вкупната сума ќе изнесува 10 милиони евра за нови 100 вработувања, со изгледи оваа бројка да достигне до 400 нови вработувања.

Оваа година се започна со градба на фабрика во ТИРЗ Скопје на првата домашна компанија Хај Тек, чиј капацитет се очекува да биде функционален до крајот на оваа година или најкасно на почетокот на другата година. Инвестицијата изнесува над 20 милиони евра и ќе овозможи вработување на над 300 лица. Истовремено се потпиша договор и со Технопласт која исто така е домашна компанија која ќе почне да гради до крајот на годинава.

Италијанската Технохозе оваа година го отвори вториот инвестициски проект во Македонија со дополнителни 11 милиони евра инвестиции, кој предвидува дополнителни 150 вработувања. Италијанската компанија Макдиа, дел од групацијата Диатек, за производство на производи за дигитално печатење и хартија за текстилна индустрија во 2015 година започна со производство во ТИРЗ Скопје 1, вкупниот број на вработени  ќе достигне 200 луѓе.

Герман Електро Мехатроникс компанија за електрични уреди за обновлива енергија потпиша договор за инвестирање на почетокот на оваа година. Изградбата на фабриката е во тек, а вработувањата ќе следуваат во текот на наредната година. Планирана е инвестиција од 15 милиони евра и 200 вработувања.

Белгиската Ван Хол, во април оваа година започна со реализација на нивната втората фабрика, инвестиција од дополнителни 15 милиони евра и уште 400 нови вработувања,  а во моментот постојниот капацитет работат над 800 луѓе. Германската Техникал Текстајлс на крајот на 2015 година започна со производство во новоизградениот објект во ТИРЗ Штип, инвестиција која носи 1000 нови работни места. Италијанската компанија Кондево во 2015 година започна со изградба на производствениот објект во Штип, каде инвестицијата се проценува во висина на 40 милиони евра. Изградбата е завршена и се очекува да започне со работа во првиот квартал на 2017 година. Во наредниот период е предвидено вработување на минимум 250 лица.

Во јули оваа година во Прилеп почна со работа и компанијата Гентерм.  Инвестиција е 20 милиони евра.  Моментално  се вработени над 550 лица, а до крајот на годината се очекува бројот да се зголеми на 650 вработени, по што финалната цел е оваа бројка да достигне  2000 вработувања. Исто во Прилеп во завршна фаза е и изградбата на фабриката на германски Акомпласт. Инвестицијата е во износ од 3 милиони евра и 150 нови работни места.

Оваа година во Кичево почна со работа и еден од најголемите светски производители на сигурносни производи за автомобилската индустрија Ки сејфти Систем која ќе вработи 1000 вработени и веќе ги регрутираше неколку стотина. Покрај ова се привршува и градбата на фабриката на Германската ОДВ Електрик во ТИРЗ Охрид- Струга, инвестиција од околу 1000 вработувања и планот за околу еден месец да почнат со преселување од адаптираниот објект во кој сега работат околу 200 вработени, во новоизградената фабрика во зоната.

Американската компанија од автомобилската индустрија Џонсон Контролс  која ќе донесе 1500 нови вработувања оваа година почна со градба на фабриката во Струмица. Американската компанија од автомобилската индустрија Леар, по пробното производство во изнајмен постоечки објект во Гостивар  од втората половина на 2016 година работи во производствен погон во ТИРЗ Тетово. Тековно се вработени 450 лица, а планирани се вкупно 2500 вработувања.

Исто така канадската компанија One Contact минатиот месец почна со работа отворајќи кол центар во Скопје при што планира да вработи 200 лица. Германската компанија Кеслер на почетокот на годината објави дека ќе отвори центар за истражување и развој во Македонија. По извршениот процес на селекција, првите инженери веќе се испратени на обука во центарот на Кеслер во Германија. Американската компанија Амфенол која има две фабрики во Кочани и три производствени погони, почнуваат со подготовка за градба на нова 3та фабрика и четврт погон кој треба да биде готов наредната година. Вкупната бројка на вработени треба да достигне 2500 луѓе во сите 4 погони.

Бугарска компанија за производство на транзистори Филкаб финишираше со градба на својот капацитет и во наредниот период ќе започне со носење и внесување на опремата во халата, и ќе бидат ангажирани за почеток најмалку 100 луѓе. Во 2015та година започна со работа и ирската компанија Баракуда лидер во истражување и развој на деловен банкарски софтвер, како и Епл Ленд од Дубаи отвори во Ресен, нов откупно дистрибутивен центар за овошје.

Имавме инвестициски циклус и во македонското рударство. Имено, компанијата „Сардич MЦ“, по двегодишни истражувања почна со изградба на својот рударски комплекс во Казандол, Валандово. Ова е првпат по 40 години во Македонија да почне да се гради рудник. Инвестицијата е вредна 35 милиони евра. Инвеститорот е заинтересиран и за дополнтелни истражувања за два нови капацитети каде истражувањата се во тек и се со планови за инвестиции за експлатација на руда и за овие две концесии. Се рестартираше и рудникот за олово и цинк во Пробиштип, а следен е и рудникот Тораница, многу наскоро. Се очекува согласно најавите да почне и градбата на Иловица, инвестиција во која ќе се вложат 500 милиони евра.

Ова се само дел од инвестициите само во периодот од кога почна политичката криза во Македонија. Да, додека се справуваме со деструкцијата и манипулациите  на СДСМ и нивните НВО, паралелно работевме турбо, со сите сили да ги исполниме ветувањата.

Во контакт сме и со повеќе други компании од различни сфери со кои разговараме за нови инвестиции. Ова покажува дека ние не се откажуваме, не застануваме, ја водиме земјата напред. Политичката криза иако го забави процесот, ние продолжуваме да се бориме за секоја нова инвестиција, за секое ново отворено работно место во Македонија. Еве сега неколку нови работи, кои за првпат ќе ги соопштам:

Прво, Можам да соопштам дека една западно европска компанија го извести неодамна економскиот тим, поконкретно Бил Павлевски,  дека има донесено интерна одлкука да инвестира во Македонија. Таа е компанија за производство на електрични уреди кои се употребуваат во секојдневието во домаќинството и преставува познат бренд. Се очекува да отворат нови 1000 директни вработувања во град во пелагонискиот регион. Од разбирливи причини не можам да ги соопштам деталите, додека самиот инвеститор не го направи тоа.

Второ, германска компанија која е добавувач на постоечки голем странски инвеститор во зона во Скопје, донесе одлука да инвестира во нов производствен погон во Македонија, нова фабрика која треба да почне да се гради и да биде готова во средината на наредната година и во која ќе се обезбедат стотина нови работни места.

Трето, особено радосна вест, Американска компанија која се занимава со специфична индустрија одлучи да инвестира во еден помал град во централниот дел на Македонија. Во моментот се во процес на купување на земјиште, а по изградбата се планира производството да започне во втората половина на наредната година. По целосното комплетирање и заокружување на инвестицијата ќе се вработат 200 лица. Оваа инвестиција е од исклучително значење за градот во кој се планира да се реализира, бидејќи станува збор за помал град.

Четврто, можам да соопштам дека италијанската компанија Технохозе по изградбата на втората фабрика оваа година, ќе започне со градба на трета фабрика во зона во Скопје. Градбата ќе почне во наредниот месец до два. Тоа е инвестиција од дополнителни 5 милиони евра и над 100 нови вработувања.

Ова се 4 нови инвестиции. Нека е со среќа со 4-те нови инвестиции.

Почитувани присутни, и покрај се ние продоживме да работиме и на другите полиња.

Македонија продолжи да гради успешна бизнис клима и во текот на најголемата политичка криза и беше рангирана минатата година во октомври на 6 место во Европа и на 12то место во светот според Дуинг бизнис на Светската Банка, и прва во светот според извештајот на ИБМ за новоотворени работни места по глава на жител, како резултат на директни инвестиции.

Од друга страна продолживме со грижата за социјално загрозените. Во периодот на политичката криза обезбедивме зголемување на социјална помош и тоа во 2015 за 10 % и во 2016 за 5 %, а социјална помош од 2006 до денес е зголемена за цели 62%. Во овој период на криза продолживме со зголемувањето на пензиите. Минатата година тие се покачија за 5%, а исто толку ќе се покачат и оваа година со исплатата на ноемвриските пензии во декември оваа година. Од 2006 до денес во просек се зголемени пензиите за 70 %.

Исто така во период на политичка криза се продолжи со изградба на патишта. Се градат три нови автопати, Демир Капија-Смоквица кој треба да биде готов наредната година, најдоцна до мај, автопатот Скопје-Штип и автопатот Кичево-Охрид. При крај е изградбата на експресниот пат Велес-Кадрифаково- Штип, а активно се гради и експресниот пат Градско-Прилеп. Во последните неколку години завршени се 404 локални патишта со должина од околу 750 км и инвестиција од околу 65 мил. Евра. Набавивме 150 нови вагони од различни типови за товарен превоз вредни 15 милиони евра. Извршивме набавка на 6 нови патнички возови за што се вложија нови 25 милиони евра. Во тек е и фазната изградба на пругата кон Бугарија. Тука е и проектот за реконструкција на 10 железнички станици.

Активно се работи и на гасификацијата. Започна изградбата на втората делница од националната гасоводна мрежа од Штип до Неготино во должина од 36 километри која треба да заврши следната година. За неа се инвестираат околу 16 милиони евра. Се изгради гасоводот Клечовце/Куманово – Штип, а чија вредност е 75 милиони долари. Паралелно со изградбата на оваа делница скоро, во следните 2-3 месеци се очекува да започне и изградбата на гасоводните делници Неготино/Кавадарци – Прилеп – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар со што ќе се заокружи првата фаза од изградбата на националната гасоводна мрежа.

Во делот на здравството се изгради детската болница Козле, се отпочна со градба на Клиничката болница во Штип, инвестиција вредна цели 56 милиони евра.Се реконструира и доградува болницата во Струмица, во болницата во Битола се врши комплетна надворешна реконструкција на болницата, во тек е реновирање и адаптација на објектот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо во Охрид. Исто така во тек е постапка за избор на изведувач на градежни работи за изградба на нов Ургентен центар во Општа болница Куманово. За период од само две години, се набавија вкупно 11 најсовремени дигитални мамографи за исто толку јавни здравствени установи низ државата. Клиниката за државна кардиохирургија функционира во комплетно нов простор, а се изгради и современ Пет Центар.

Предвидените средства за субвенции за земјоделците како што ветивме така и се исплаќаа. Дополнително на тоа излеговме во пресрет со нова поддршка на сточарите кои претрпеа штети од болеста син јазик, а тука бевме да помогнеме на сточарите и годинава кога се соочија со штети и опасност од болеста јазлеста кожа. Подадовме рака на производителите на домати кога им беше тешко преку воведување на дополнителната финансиска поддршка, не им го свртевме грбот и на сите оние други кога беа во потешкотии како лозарите, каде што неодамна Владата даде дополнителни стимулации, исто како што искрено помогнавме на оризопроизводителите со дополнителна поддршка кога им беше најтешко. Како што излеговме во пресрет и на производителите на пченица за кои дефиниравме и дополнителна субвенција по хектар и поддршка за складирање. Подадовме рака и помогнавме на земјоделците чии посеви беа опфатени од поплавите кои се не беа случиле во таков обем цели 40 год. Ветивме и резлизиравме 100 процентно обесштетување за земјоделците. И сето ова во време кога бевме под силен удар на политичката криза, предизвикана од нашиот политички опонент СДСМ. Така ВМРО-ДПМНЕ помага на земјоделците. Ние сме тука за земјоделците секогаш и кога е најтешко сме тука да им помогнеме.

Продолжија инвестициите во образованието. Во последните 2 години се отворија 11 нови училишта од вкупно 74те нови кои ги изградивме, како Живко Брајковски во Бутел, Невена Горгиева Дуња во Кисела Вода, Димитар Поп Горгиев Беровски во Ѓорче Петров и многу други.

Почитувани присутни,

Ние и покрај целата криза го направивме ова, и многу други проекти. И убедени сме дека кога сето ова ќе помине и кога со изборите ќе се испрати јасна порака до сите за тоа кои се прироритетите на нашите граѓани, тогаш со уште поголемо темпо ќе продолжиме кон она за што сме одбрани и кое граѓаните го очекуваат од нас нови можности за сите во сите свери, нови работни места, поголеми плати, инвестиции и проекти, но ние ќе даваме како и досега само реални ветувања за сето тоа, а не од ракав исфрлени ветувања кои подоцна нема да се реализираат како што прави опозицијата не водејќи сметка за тежината на зборот кој го даваат пред вас, затоа што дадениот збор за нив нема вредност.

Овие избори ќе бидат и своевиден референдум, референдум против она што опозицијата го правеше, референдум за враќање на позитивните теми проекти и развој, кои се дел од секојдневните проблеми што ги тиштат луѓето во Македонија.

Тие избори ќе бидат  Референдум за Македонија каква што ја сакаме сите, а не Македонија каква што сакаат да ни ја скројат.

Ние во меѓувреме промовиравме низа на проекти кои ќе ги реализираме по победата на следните избори. Само мал дел промовиравме. Останува во иднина уште многу да промовираме.

Гледам нашите противници се потсмеваат, но како и за многу други проекти за кој ширеа скептицизам и неверување откако се направија и реализираа тие  молчат. Ние по изборите ќе изградиме 140 детски градинки.  Ќе започне да се доделуваат субвенции и низа поволности за купување на електрични автомобили за граѓаните и компаниите, како и субвенции за вградување на плински уреди за автомобилите на бензин со што значително ќе се влијае за намалување на загадувањето на животната средина и секој ќе направи и финасиски заштеди од тоа. Дополнително ќе се започне со набавка на нови 50 електрични автобуси во Скопје. Ќе се отпочне и со проектот за субвенции за греење на пелети со што семејствата кој ќе го изберат овој начин на затоплување ќе може да искористат низа поволности. Објавивме и дека ќе се започне и со нов сет на мерки во земјоделието. 80 процента поддршка при вградување на систем капка по капка и поддршкка при ископ на бунари, како и исто толку поддршка при набавка на високоприносен добиток, при што приносот, односно исплатливоста и заработка на земјоделецот може неколкукратно да се зголеми. Ќе започне да функционира и проектот за професионални земјоделски советници при што земјоделецот освен субвенции и поддршка која ги нуди државата во производството ќе добие и поддршка со совети следејќи ги најсовремените светски искуства и практики. Исто така ќе се реализира и проектот за изградба на Агро берза во близина на Неготино со што ќе овозможи собирање на свежото земјоделско производство и негова дистрибуција кон крајните потрошувачи, во и надвор од државата. Ќе се започне и со реализација на проектот од град во село со што ќе се даваат низа поволности меѓу кој пари за купување или изградба на куќа и можност за користење на државно земјоделско земјиште  за оние кои ќе се одлучат да се вратат да живеат на село. Освен овие проекти ќе започне примената на мерките за поддршка во спортот, за кои неделава веќе поминаа сите неопходни измени и дополни на закони во македонскиот парламент и од 1 јануари следната година ќе почнат да се применуваат.

Освен тоа во изминатиот период излеговме и со 40 нови проекти за млади во Македонија. Дел од нив започнаа да се реализираат и пред она што беше планирано и ветено, а вие најдобро знаете дека ќе ги реализираме сите кои се предвидени. Онака како што и во минатото правевме.

Нашата програма е готова, и таа е најобемната програма досега. Содржи бројни конкретни проекти и многу позитивни изненадувања за граѓаните, за бизнис заедницата, посебно за малите и средни бизниси, за синдикатите, за земјоделците, за здравствените работници, за студентите, пензионерите, работниците, невработените...

Содржи мерки, со конкретни буџети, чекори и реформи кои ќе им донесат на нашите граѓани многу нови и многу позитивни работи, кои ќе им го променат секојдневнието, ќе им го олеснат животот, ќе им отворат нови можности и нови перспективи, нови шанси во животот.

Почитувани присутни,

Во оваа криза имаше и некои други работи кои испливаа на површина:

Имаше многу луѓе кои велеа дека СДСМ долго не добил шанса да биде во власта и да видиме што ќе направи и како ќе се однесува.

Од тој аспект видовме што двајцата министри, тројцата заменици министри со право на вето, директорот на информативната програма на МТВ направија и како се однесуваа. Бараа 6 месеци, со одлагањата и другите играрии добија 9 месеци власт.

СДСМ доби шанса да види народот како работат и што ќе направат кога би ја имале долгорочно власта. Дали некој во оваа држава виде некој корисен проект за народот од овие луѓе? Дали некој виде поспособни кадри од оние кои ние ги нудиме, или напротив три класи послаби и целосно безидејни? Видовме луѓе кои со месеци беа фокусирани на тоа кој во каква кола ќе се вози, кој повеќе роднини ќе вработи, кој со колку повеќе партиски кадри ќе го наполни неговиот кабинет, кои се далеку од професионални и стручни, видовме едни алчни за власт и моќ луѓе и гарнитура, една безидејни екипа која го гледа исклучиво својот личен и партиски интерес, еден куп деструктивци и манипулатори, лажговци, луѓе кои денес зборат едно, утре сосема друго, го видовме лицето на СДСМ 10 години по нивниот пораз во 2006тата, и по нивното остранување од власта од страна на народот.

Тогаш ги казнија и отстранија затоа што беа такви. Сите што мислеа дека се промениле, дека извлекле поука од поразите и народните казни, на дело, корпус деликте, се уверија дека оваа партија која се нуди како алтернатива за водење на Македонија, не само што не напредулава, туку и дополнително уназадувала сиот изминат период.

И знаете што? Најпоразително беше кога ја донесоа одлуката за нивни предлог за тоа кој да биде шеф на информативната програма на МТВ. Ја превртеа државата во овие десет години со тезата дека немало слобода на медиумите, дека медиумите ги контролирала и диригира нашата партија, дека партиски известувале новинарите и што ли уште не. Сите можни НВО од светот за медиуми ги активираа и преплавија со писма и со кодошење се со цел да се најде земјата во колку е можно полоша меѓународна позиција во делот на медиумската слобода. Лажеа, конструираа, местеа, клеветеа со сите сили, и морам да признаам дека во голема мера успееја да ја оцрнат земјата на тој план. За тоа ги бива, особено со парите од надвор користени преку формата на НВО. Прашањето за слобода на медиумите стана едно од клучните во забелешките на ЕУ кон Македонија.

И ете, дојде време тие да добијат власт во медиумската свера и тоа на две позиции.

На првата онаа во МТВ, јас знаев што ќе направат, бидејки си ги знам луѓето од СДСМ, ама речиси сите неопределени, непартиски луѓе очекуваа дека ќе видат непартиска личност на чело на информативната програма на МТВ, некоја независна некоја професионална личност, некоја промена, нешто што ќе ги изненади.

И оддеднаш излегува Заев со објава дека на тоа место ќе дојде поранешниот најблизок соработник и шеф на кабинет на потпретседателот на СДСМ во тоа време и Министер за надворешни работи Илинка Митрева. Треба ли да потсетувам за срамните интервјуа со претходно дадените прашања и по шест пати враќање да се сними личноста која треба да му помогне на СДСМ, со тоа што за нас ќе се обиде да создаде перцепција дека сме биле криминалци и незаконски сме работеле. Толку од независното новинарство на СДСМ и толку од слободата на медиумите како што тие ја разбираат. Па потоа сите платенички новинари на СДСМ потрчаа оваа мизерија да ја оправдуваат и да ја вадат од кал.

Браво, си го покажаа лицето.

Втората позиција беше ад хок телото за медиуми. Тука без губење време им дозволивме мнозинство бидејки ем знаевме дека без тоа нема да излезат на избори, ем знаевме дека уште еднаш ќе си го покажат вистинското лице, а не лажните опозициски маски и јалови ветувања. И што имаме од тогаш? Секои 10 дена партиското адхок мнозинство на СДСМ ги казнува телевизиите кои не ги ставиле во нивна партиска функција, односно кои не им се сервилни, и не ги фали нив, а ги фалат партиските телевизии кои што цело време кажуваат добри работи за  СДСМ и само негативно за ВМРО-ДПМНЕ. Во Америка секој медиум има право  јавно да подржи партија или политичар, тука казнија телевизија оти во една дебата, новинарот во еден момент малку поостро го прашал нешто преставникот на СДСМ, а фалат друг медиум каде секоја вечер оди дебатна емисија во која не се знае кој повеќе го плука ВМРО, гостите или новинарите водители. Едните ги казнија заради малку повишен глас, а другите ги фалат.  Ако некогаш говоревме за проектот и аферата ,,фабрика,, на СДСМ во сферата на медиумите, денес тие и нивните подржувачи можат слободно да го наречат денешниот нивни медиумски проект како ,,меѓународна индустриска зона,,. Тоа не е веќе фабрика, она што денес го прават е индустриска зона со многу фабрики во неа.

Сакам да им порачам: ви благодарам што си го покажавте правото лице пред народот, да знае овој народ а и самите новинари, што ги чека во сверата на медиумите ако во декември гласаат за СДСМ. Бидејќи има многу луѓе кои можеби ќе поверуваат на нивните лажни и слаткоречиви ветувања.

Се покажаа и какви ќе бидат во правосудниот систем, не само медиумите. И за таму многу критикуваа, партизирани биле обвинителите, судиите и слично.

СЈО, кое се формираше со добра намера, да се расчистат работите од креираните матерјали, не е толкав проблем што луѓето таму се очевидни подржувачи на СДСМ, не е толкав проблем што бесрамно си доделија тројно поголеми плати од останатите нивни колеги, туку се нафатија да бидат главен инструмент на СДСМ и Заев во битката на доаѓање на власт со сила и без вољата на народот, а преку партиска инструментализација на оваа државна институција,

Одржаа еден куп спектакуларни прес конференции со покренување на истраги и обвиненија, без да имаат барем еден валиден доказ.

И доправа, според она што Заев наоколу ги храбри неговите демотивирани сопартијци, доправа планираат да станат актер во оваа кампања, верувајќи дека ако не преплават со канења на распити за кои, се разбира, однапред се информирани телевизиите кои што и да направи СДСМ и СЈО го подржуваат,планираат дека доколку не преплават со спектакуларни прес конференции за истраги и обвиненија, покани да се појавуваме во суд без никаква правна основа,  дека на тој начин ќе го сменат мислењето на народот, СДСМ да ги добие изборите.

Јас ќе им порачам на сите кои сакаат на нечесен начин, со интриги, манипулации и замајувања да дојдат на власт, дека не само што нема да ја остварат таа цел,  не само што убедливо ќе изгубат на следните избори во декември, туку, колку повеќе се обидуваат на вакви начини, со злоупотреби на институции во партиски цели да дојдат на власт, толку поголема ќе биде победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија.

Почитувани присутни,

Oна што сакам да го потенцирам со овие примери е што со давањето на можност да имаат извршна власт на СДСМ се даде и можност на неопределените граѓани кои го подзаборавиле нивниот начин на работа и функционирање, да се потсетат и уште еднаш да видат и да направат разлика кај СДСМ од она што го говори и она што го ветува, до она што го прави.

СДСМ добија власт и добро е што добија, за народот да ги види во позиција на власт, да го види и нивното  партизирање на институциите, и односот во сверата на медиумите, и во сверата на правосудството, и во партиските и роднински унапредувања и наградувања, и во алчноста по скапи коли, мебели и слично, во неспособноста да направат барем една реформа или проект со која ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните или на компаниите, и во депрофесионализацијата и партизацијата на полицијата, и во кочењето на проектите како што Ременски се обидуваше да ги закочи отворањата на веќе изградени градинки, и во блокирањето на нормалното функционирање на буџетот и во многу други свери, слика и прилика за народот да знае што може да очекува од овие луѓе.

Знам дека многу од вас, членовите на ВМРО-ДПМНЕ бевте разочарани или лути што им отстапивме за еден временски период министерски, заменички, директорски места, контрола врз институции.

Ич да не сте разочарани! Затоа што ова беше една добра прилика народот да ги види нивните вистински лица. Можам да кажам, ептен им фала на СДСМ во тој поглед, а на сите оние кои им помогнаа во нивните заложби привремено да добијат извршна власт.

Штетата што ја направија на државата со своето неработење, кочењето на проекти, и деструктивното однесување за се, на овие луѓе во овие месеци во кои практикуваа власт, кои така замислуваат дека може да дојдат на власт, ќе ја надокнадиме по изборите со уште поголема посветеност, со уште поголема работа, со освежувања во нашиот тим, со извлечени поуки од нашите грешки во минатото, и со визија, стратегија, реформи и многу работа.

Поминавме низ сите нивни лудории, како оние од типот дека имало 500 илјади фантомски гласачи, па незнам што со медиумите, па ваков-онаков закон за избори, закон за влада, па во ДИК да имале доминација под превезот дека ќе имало таму неутрални членови, министри, заменици со право на вето, се поминавме за на крај да кажат зошто сето ова го правеле, дека требало да ја редефинираат државата, сега му било мајката.

Ептен им фала и за тоа, што си ги кажаа намерите и ветувањата кои некому му ги дале.

Почитувани присутни,

Што може да очекуваме на политички план во наредниот период.

Во периодот до изборите од опозицијата и нивните структури и помагачи не може да очекуваме ништо поразлично од она што веќе го правеа. Хаотичност, деструкција, обиди за провокација кон нас преку најразлични механизми, на улица, СЈО. Но силата им ја видовме. Тоа ќе биде веќе нешто видено. Аргументи немаат, поддршка од народот немаат.

Ќе сторат се за да не испровоцираат, или да фрлат сенка врз изборите, или ќе се обидуваат да ги прогласат за неважечки или да не го признаат поразот, само за да се одржат во политички живот, затоа што на некои луѓе таму многу им зависи од тоа дали се на чело на таа партија или не се.

Но, тоа нема да им помине. Ќе ги издржиме уште малку. Се гледа крајот на агонијата. 11-ти декември е за 8 недели од денеска. 2 години ги трпевме, на глава ни се качија, уште 8 недели ќе поминат, и ќе се соочат со реалноста и со вољата на народот во Македонија.

Исто така во меѓувреме, во моментите кога нема да се занимаваат со деструкција, клевети, лаги, црна кампања, ќе се обидат и да ветат по нешто. Лидерот нивни е познат по ветувањата, го знаеме, исто како што е познат и по лагите и по тоа дека денес едно кажува утре сосема друго, знаеме колку му вреди зборот на тој човек.

Се сеќавате нели не го познаваше Верушевски на почетокот. така тврдеше. Еве ги сега гушнати маршираат низ Скопје.

Велеа Чаушот не бил нивни член, па се покажа дека исто како и Верушевски, Заев со Чаушот се најдобри другари.

Велеа има фантомски гласачи. Лицитираа со бројки. Се им се сруши како кула од карти.   Државната изборна комисија потврди дека по прочистувањето направено според методологијата која што ја бараше опозицијата на Избирачкиот список, дека на тој избирачки список има запишано гласачи, практично исто колку во 2014 година кога имаше избори.

И така си маршираат, си кажуваат мислејќи дека народот не памети и лесно може да се излаже.

Епа ќе видиме на 11-ти декември дали може да го излажат народот. На 11-ти декември народот ќе им го даде одговорот и ќе прати јасна кристално јасна порака, дека нема играње со нашиот народ, дека му е преку глава од сето ова што се случуваше и деструкцијата во која опозицијата не втурна и ќе одберат опција на која може да се потпрат и која знаат дека ќе работи и ќе создава дела и ќе ги решава ниовните проблеми, и ќе ја води земјата напред.

Драги пријатели,

Знам дека 11 декември е денот кога целиот народ ќе покаже дека Македонија има сила. Дека Македонија има лојални граѓани кои си ја сакаат државата. Дека граѓаните во Македонија добро ја знаат вистината за Македонија, ама баш вистината, а не лагите што некој сака да ги претстави како вистина. Вистината за тоа кој и мисли добро на оваа држава. Кој работи за оваа држава и кој создава дела и проекти.

11 декември е денот кога нашите граѓани ќе покажат дека Македонија има политичка зрелост и капацитет да процени, да оцени, да награди, но и да казни. Да ги награди тие што искрено работат за Татковината, но и да ги казни оние во чиј ум не постои искрена мисла за Македонија, оние кои со години мислат, мозгаат и коваат црни планови како да ја уништуваат државата. Е тоа кај овој народ нема да им мине. Тој филм тие нема да го видат. Овој народ си ја сака оваа држава. Овој народ досега поминал низ многу искушенија и многу премрежја, но секогаш сме излегле посилни. Така ќе биде и на 11-ти декември кога  сите ние заедно нема да дозволиме филмот на заевци и верушевци да стане реалност.

11 декември е многу важен ден за иднината на Република Македонија, бидејќи тоа е денот кога секој ќе има можност да покаже во каква Македонија сака да живее. После овие две години мислам дека на секој од Вас му е повеќе од јасно значењето на овие избори.

И затоа на овие избори не е потреба само победа. Туку е потребна поддршка за 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија, потребни се 63 пратеници за стабилна и сигурна Макердонија. 63 пратеници кои ќе значат силна порака до сите оние кои мислат дека можат да го заобиколат народот. 63 пратеници кои ќе значат силна порака до оние кои со години го делат и навредуваат народот. 63 пратеници кои ќе значат крај на црните и мрачни сценарија на заевци и верушевци.

63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија, кои ќе значат и мнозинство кое никој нема да има право и можност да го уценува. Спремни се за многу работи, спремни се да отстапат многу нешта. Ова го велам од причина што ги гледате како се спремни на се, само да се дограбат до пратеник повеќе. Спремни се и за целосна двојазичност во државата да воведат само да освојат пратеник повеќе. Спремни се и кичма да виткаат и интереси државни да распродаваат. Е затоа е потребно да ги победиме со 63 пратеници. Затоа е важно да не им се остави ниту малку простор, ниту малку надеж во нивниот забеган филм дека можат нешто да се пазарат, да се ценкаат, да лицитираат, да разградуваат и наддаваат. Со победата со 63 пратеници ќе им покажеме дека нема во Македонија ценкање , нема пазарење со иднината на нашата држава, со државните и националните интерси. Дека Македонија не е за пазарење. Тоа ќе им го покажеме со 63 пратеници.

Победата со 63 пратеници ќе значи полесно и поефикасно спроведување на проектите и мерките, ќе значи побрзо враќање на патот на реформите и посигурно чекорење на патот кон нови работни места во Македонија и економски раст и развој на државата. Победата од 63 пратеници ќе значи полесно спроведување на проектите за младите. Полесно реализирање на проектите за пензионерите, земјоделците, здравствените работници и административците. Таквата победа ќе значи полесно спроведување на нови проекти во образованието, во социјалата, во спортот и културата... Поефикасно спроведување на проекти мерки во сите области и сите сфери... Проекти и мерки кои ќе значат продолжување на градбата на нашата држава. Нови дела и нов напредок кои ќе ја направат подобра, поуспешна и попросперитетна Република Македонија.

 А тоа е нашиот интерес. Тоа е нашиот заеднички интерес. Тоа нашата заедничка искрена цел. Успешна и просперитетна Република Македонија. Затоа се потребни 63 пратеници, затоа е потребна таа голема победа. Тоа ќе биде голем трумф на народот во Македонија.

Почитувани,

Опозицијата слушам дека се надевала дека иако и се случи да изгуби, значи свесни биле дека ќе изгубат, ќе формирале Влада со останатите партии. Каков лузерски пристап е тоа... и затоа нивниот лидер ветува двојазичност, брза промена на името, верувам дека нема ни да преговара човекот, туку ќе биде “дај шта даш” и слично, комплетно редефинирање на македонската држава, како што и самиот тој впрочем кажа.

Значи човекот ветува нова држава, некоја Нова Македонија.

Вие знаете кој одговор треба да го добие. Затоа што вашиот одговор сега кон него ќе виси и над нашите глави, и никој понатаму нема да се дрзне да прави чекори без да го праша народот или без да го слушне и почитува неговото мислење, мислењето на народот на Македонија. Значи ова е уште една и верувам клучна причина зошто опозицијата треба да претрпи огромен пораз на овие избори.

Се говори и за некои широки коалиции.

Јас сум убеден дека нашата победа ќе биде голема и нема ни да помислат да го спомнат тоа, а камо ли да прашаат. Инаку и за тоа веќе лобирале кај странците. Која е поентата на изборите ако е тоа така,победил, изгубил да бидеш во власт. Ова е уште една причина силно да се казни опозицијата, затоа што веруваат и си прават филмови дека туку така ќе помине и народот ќе заборави на сето ова што го направија.

Сакам да кажам и уште една работа.

Со следните избори времето на поделби мора да помине. Ние како одговорна власт по изборите, иако некој можеби мисли поинаку и посакува поинаку, нема да се фокусираме на реваншизми и на продлабочување на поделбите, туку ќе правиме максимум да се променат работите кон подобро. Ќе работима на подобар живот на граѓаните, ние ќе одиме напред , а не назад.

Мора да престанат кавгите по улиците, меѓу соседи и пријатели по партиска основа. Деструкцијата и поделбите мора да престанат.

Сакам да ве информирам дека почнуваме силно на терен, како никогаш досега. Ќе пробаме да допреме до секој еден граѓанин, до секое едно семејство за да ја пренесеме нашата порака, да ве погледнеме во очи и да ви кажеме кои се нашите планови и идеи како да го направиме вашиот живот подобар, како да ја направиме нашата татковина попросперитетна и подобро  место за живеење. Ние ја имаме таа обврска и никој не може да ја сака нашата татковина повеќе од нас самите кои тука живееме.

Ние имаме план и програма со конкретни чекори, ја имаме најобемната програма досега фокусирана на нови работни места и многу нови инвестиции и проекти во повеќе области од земјоделие, млади, здравство, образование, социјала и пензии, инфраструктурата и тн

Ние почнуваме.

Многу работи се случија изминативе 2 години на перманентна криза и дестабилизација, обиди за разорување на државата, но ние заеднички со вас, како што викаат старите кроце по кроце, стигнавме до изборите кои сите ги посакувавме и кои ќе бидат крај на кризата.

Затоа на овие избори ќе бараме најмасовна поддршка до сега, затоа што мора да се испратат повеќе пораки до повеќе адреси.

Вие сте столбот на нашата држава, народот на Македонија, кој остана цврст и покрај сите предизвици изминатиов период. Сетете се само низ што се поминавме. Време е за одговорот! Време е за заедничкиот одговор!

Ние почнуваме

Да живее Македонија! Да живее суверена, самостојна и независна Македонија!

Нашиот бисер балкански!

Да сте здрави и живи сите, да работиме сите заедно на новите страници на нашата заедничка историја! Да одиме фуриозно напред, да им кажеме и докажеме на сите, дека граѓаните на оваа земја се горди и достоинствени луѓе и си ја сакаат нивната земја и знаат да правилно проценат!

Да живее Македонија!

16 октомври, 2016 - 16:53