СДСМ има хиперинфлација од ветувања

Добро е, гледаме дека СДСМ со тешка мака полека се нафаќа да оди на избори. После 2 години молење, после 2 години надмудрување и перипетии, после 2 пати одложување на изборите, еве, гледаме дека СДСМ некако влегува во кампања.

Малку со маршеви, малку со собири, малку со НВО маскировки, кои имаат строго партиска намена во функција на СДСМ. Од оние, независните. Знаете, тие се партиски, за СДСМ, ама тие се независни и непартиски НВО. Дрвено железо.

Друг индикатор е што СДСМ влезе во фаза на ветувања. И јавно, и во кулоарите. И спрема поединци, и спрема групи. Еве неколку примери.

Значи, во моментов во Скопје лидершипот на СДСМ им ветил барем на 100 луѓе дека ќе бидат министри. Онака, ветено на уво, во 4 очи. Со гаранција, со стегање на раката. Со сигурност, со ветување дека „ќе биде работата“.

И така, тие 100 луѓе си шетаат низ Скопје, пијат кафиња на плоштадот или на улица Македонија, бистрат политика, настапуваат на телевизии. Среќни се што добиле гаранции дека еден ден ќе бидат министри, макар ако почекаат уште 10 години за СДСМ да направи влада или 20 години за СДСМ конечно да победи на избори.

Но, иако тие 100-ина луѓе го добиле ветувањето дека ќе бидат министри во доверба, тивко и дискретно, сепак, голем дел од нив не издржуваат, па мора да се пофалат. Секој од нив не може да издржи да не се пофали барем на 10-ина луѓе. Мора да докаже и покаже дека е актуелен, дека има силна позиција, дека СДСМ смета на него.

И така муабетот се шири. Се слушаат 100 најави, гаранции, „сигурни муабети“. Некои од тие несудени министри на СДСМ веќе почнуваат да „кадровираат“ во своите несудени „ресори“, па самите ветуваат места во своите кабинети. Ветуваат места за шефови на кабинети, за помошници и советници, за директори и началници.

Но, после 1 или 2 месеци, лагата веќе не може да се скрие. Одеднаш испливуваат 5 или 10 министри во некој ресор, „ветено“ со „гаранција“. Секој почнува да се преиспитува, но с` уште верува дека токму тој или таа е личноста на која ~ е дадено „сигурното“ ветување.

Сепак, муабетите се засилуваат. Секоја седмица има по некој нов „кандидат“ во некој ресор. И, самите луѓе што добиле „ветување“ или „гаранција“ од Заев или Шекеринска, всушност, сфаќаат дека се работи за хиперинфлација на ветувања, кон секој и за секого.

На сите им се зборува тоа што сакаат да го слушнат, на сите им се „ветува“ тоа што им треба, на сите им се даваат „силни гаранции“, само да се зголеми бројот на гласови на СДСМ и да се ублажи изборниот пораз на СДСМ.

Да се ќари барем малце, да се има барем малку гласови повеќе, па после да се брани тезата дека е ублажен поразот, дека следниот пат ќе биде подобро и дека еден светол ден навистина ќе дојде победата на СДСМ.

Истава тактика веќе се применува и по општините. На барем 100 луѓе во секој град им се „ветува“, им се „гарантира“ дека ќе бидат подрачни началници, локални директори и раководители. Се даваат ветувања на ангро, на сите страни.

Не е важно ако истата позиција им се „вети“ на 5 или на 10 луѓе, важно е човекот лично да се мотивира со „ветувањето“, без разлика што станува збор за свесна манипулација, поддржана и одобрена од раководството на СДСМ.

Ветувањата не запираат тука. Истата пракса се применува со избирачите и членството на СДСМ, со избирачите, до најмалата улица и најмалата месна заедница.

На секој гласач, од куќа до куќа, од семејство до семејство му се ветува дека секој личен проблем ќе му биде решен. Нешто слично како големата манипулација на СДСМ и Бранко Црвенковски за „едно вработување од секое семејство“ од 15-ти септември 2002 година.

Овој пат истата операција се спроведува од човек до човек, од улица до улица. Се дава лично „ветување“, се дава лична „гаранција“, со намера да се мотивира депресираното членство на СДСМ повеќе да биде активно и така да се ублажи поразот кој станува се повеќе извесен.

Никој од СДСМ веќе не верува во изборна победа, туку намерата е поразот да биде помал. Со помал пораз на СДСМ да се направи нестабилна владата на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа да се продолжи кризата. Најголемиот проблем е што така се наштетува на државата и на економијата.

Сепак, избирачите знаат кому може да му веруваат и на кој може да се потпрат. Знаат кој си стои на зборот, кој се бори, кој се залага, а кој ветува без покритие и без усул.

Луѓето гледаат и споредуваат. Од едната страна има веродостојност и сериозност, а од другата страна има аматеризам, лажни ветувања и јадна манипулација.

До изборите има уште само 57 дена. Брзо ќе поминат. Македонија ќе одлучи.

 

Влатко ЃОРЧЕВ

15 октомври, 2016 - 08:09