Трипуновски: Земјоделското земјиште го заслужуваат вистинските земјоделци

Интервју на Цветан Трипуновски, директор на Државен инспекорат за земјоделство за порталот Денешен.мк.

ВО МОМЕНТОВ ТРАЕ ОТКУПОТ НА ПИПЕРКАТА И ГРОЗЈЕТО? ШТО ВЕЛАТ СОЗНАНИЈАТА НА ИНСПЕКТОРИТЕ ОД ТЕРЕН?

Во моментов се откупува пиперката во прилепскот и струмичкиот регион и во овој дел Државниот инспекторат за земјоделство со посебен план на активности го следи откупот што значи контрола кај откупувачите, но и кај оние нерегистрираните или таканаречените диви откупувачи.

Во делот на откупот на грозјето, инспекторите на државниот инспекторат за земјоделство се присутни на сите откупни пунктови за грозје од првиот ден на бербата. Нивна задача е да го следат предавањето на грозјето и проценката што ја прават откупувачите, со цел да нема отстапување од реалното вреднување на земјоделскиот производ, односно на цената што ќе им биде исплатена на лозарите. За оваа сезона беа набавени широмери, за што беше организирана и специјална обука на инспекторите, со цел прецизно да бидат утврдувани шеќерните единици на грозјето што се откупува. За утврдените неправилности веднаш се реагира и од тој аспект работата на Инспекторатот максимално се одвива во согласност со законските овластувања.

ОСОБЕНО ЗА ПОЗДРАВУВАЊЕ БЕА ВАШИТЕ ЗАЛАГАЊА ОД ГРАДИНАРИТЕ ВО СТРУМИЧКО СО ВОВЕДУВАЊЕТО НЕДЕЛНИ ОТКУПНИ ЦЕНИ. СО ТОА СЕ СТАВИ РЕД УШТЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА СЕЗОНАТА. КАКВА Е СОСТОЈБАТА СЕГА?

Кога зборуваме за пласманот на земјоделските производи посебно во струмичкиот регион треба да кажеме дека најзначајни количински и финансиски остварувања има кај градинарските култури за кои е типично дека во одредени периоди доаѓа до шпицови во кои има поголема понуда од пазарните побарувања. Од тие причини како решение се наметна воведувањето неделни откупни цени. Инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство беа присутни во сите откупни пунктови и генерално можам да кажам дека откупот се одвиваше според очекувањата. Нашето присуство на терен преку земјоделските инспектори резултираше со констатирање нерегуларности кај три откупни пункта во делот со непочитувањето на неделните цени за што Инспекторатот изрече соодветни мерки според законските овластувања.

ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ВО ТЕКОТ НА ЛЕТНИОТ ПЕРИОД ГИ СЛЕДЕШЕ АКТИВНОСТИТЕ ВО ВРСКА СО ОТКУПОТ, НО И НА УВОЗОТ НА ПРОИЗВОДИТЕ И ПРЕПАРАТИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА РАСТЕНИЈАТА. СЕ ПРАВАТ ИНСПЕКЦИСКИ КОНТРОЛИ, СПОРЕД ПОСТОЕЧКИТЕ ЗАКОНСКИ ПРОПИСИ. КОЛКАВ Е БРОЈОТ НА СПРОВЕДЕНИ НАДЗОРИ ПРИ НИВНИОТ УВОЗОТ?

Меѓу нашите обврски е и следење на увозот на производи, односно семенски материјал и препарати за заштита и прихранување на производите. Toa e од клучно значење за да не дојде до нарушување на квалитетот и безбедноста на производите. Во таа насока беа направени 238 контроли при што особено внимание се посветува на оригиналноста на производите за заштита и прихранување, при тоа се води сметка за целосно исполнување на законските одредби кои се усогласени со европското законодавство.

ИНТЕНЗИВНАТА РАБОТА НА ИНСПЕКТОРАТОТ Е ПРИСУТНА И ВО ДЕЛОТ НА ПОСТАПУВАЊЕ СПОРЕД ЗАКОНОТ ЗА ЗЕМЈИШНА ПОЛИТИКА?

Договорите за закуп на земјоделско земјиште постојано се под лупата на Државниот инспекторат за земјоделство, бидејќи е сосема прецизно дефинирано што е тоа што е право и обврска на закупувачот кој се обврзал да ги почитува со самото потпишување на договорот. Отстапувањето од договорот е предмет на детална анализа и постојан инспекциски надзор. Во изминатите месеци бевме фокусирани кон откривање на узурпација на државно земјоделско земјиште. Откриени се неколку случаи во кои непознати лица користеле државно земјоделско земјиште. Последниот пример регистриран во Штипскиот регион беше презентиран и во јавноста, па ќе Ве потсетам: на парцели со државно земјоделско земјиште непознати лица имаа посеано пченица на државно земјоделско земјиште и истата со механизација која беше ангажирана од наша страна е ожнеана, а пченицата е складирана во еден од силосите во сопственост на Република Македонија.

Дополнително кај останати субјекти од овој регион беа констатирани отстапувања од правата и обврските кои произлегуваат од договорите со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство , и во овој дел беа ослободени над 960 хектари земјоделско земјиште.

Ние од Државниот инспекторат за земјоделство и понатаму во рамки на законските надлежности продолжуваме со посебно внимание да го следиме овој сегмент, бидејќи земјоделското земјиште го заслужуваат вистинските земјоделци кои воедно би биле и корисници на сите поволности што ги нуди Владата на Република Македонија во делот на субвенционирањето.

И во оваа прилика сакам да им порачам на сите кои имаат идеја бесправно да користат државно земјоделско земјиште да бидат свесни дека влегуваат во забранет простор, за што безусловно ќе бидат санкционирани.

НА КОЈ НАЧИН МОЖАТ ДА КОМУНИЦИРААТ ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ СО ДИЗ ДОКОЛКУ ИМААТ ПОТРЕБА?

Производителите на различни култури од сите региони во земјава многу добро знаат дека во текот на целата година јас и инспекторите сме постојано присутни на терен и неизоставно го спроведуваме законското решение за работата на оваа институција. Значи, фармерите можат директно да комуницираат со нашите инспектори, а доколку имаат потреба за итна комуникација во Државниот инспекторат за земјоделство постои бесплатниот телефонски број 0800 11 000. Во оваа прилика потсетувам дека во континуитет одржуваме отворени денови на кои непосредно комуницираме со земјоделците. На овие средби фармерите можат да се запознаат со обврските на Инспекторатот, но и да ги запознаат инспекторите со проблемите со кои се соочуваат.

ГОСПОДИН ТРИПУНОВСКИ, КАКВА Е КАДРОВСКАТА ЕКИПИРАНОСТ НА ИНСПЕКТОРАТОТ СО ОГЛЕД НА ОБРВСКАТА ДА ДЕЛУВАТЕ НА ЦЕЛАТА ТЕРИТОРИЈА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?

Кога зборуваме за кадровскиот потенцијал сакам да потенцирам дека стручниот капацитет е основа, а ние континуирано се трудиме нивото на знаење и вештини да го подигнеме на уште повисоко ниво. Не случајно сме дел од Твининг проект на Македонија и Италија „Институционално зајакнување на капацитетите и надлежните служби за спроведување на законодавството на ЕУ од областа на безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика“.

Во континуитет нашите вработени учествуваат на различни видови обуки, со што сакаме да го подигнеме нивото на нашето работење на повисок степен.

10 октомври, 2016 - 13:47