fbpx

Статус на денот

Тоне ли извозот и извозните компании?

Проф. д-р Дарко Лазаров, Претседател на комисија за економија, инвестиции и туризам

Прогнозите се дека македонскиот извоз годинава може да падне за 20 отсто. Можеме ли и кога да се вратиме на старите патеки на раст на извозот кој значајно придонесуваше за македонскиот БДП?
Македонија има системски проблеми со извозната конкурентност и во периодот пред кризата. Ако ги погледнеме извозните перформанси на македонската економија во 2019 година ќе забележиме продлабочување на трговскиот дефицит за 13% или во апсолутен износ зголемување за 228 милиони евра. Тоа е резултат на поголемиот раст на увозот во однос на извозот, што е сигнал за губење на извозната конкурентност на земјата и потврда за лошите економски политики на оваа Влада во изминатиот период. Таквите негативни тенденции продолжија и во првите два месеци од 2020 година кога беше забележана најниска стапка на раст на извозот од само 3.4% (3 пати помала од истиот период лани), наспорти растот на увозот од 5%, што предизвика дополнително продлабочување на јазот во нето-извозот.
Појавата на кризата само ги засили тие негативни тенденции и тоа многу порано и многу посилно од првичните очекувања. Имено, веќе во месец март имаме огромен пад на извозот кој се очекува да биде најголем во вториот и третиот квартал од годината, што значи дека очекувањата и проценките за падот на македонскиот извоз од 20% може да бидат оптимистични. Како и кога ќе се консолидира извозниот сектор ќе зависи од тоа колку брзо ќе се врати светската побарувачка во нормала, но истовремено и од тоа колку успешно ние ќе се консолидираме. Имајќи во предвид дека единствена развојна алтернатива на македонската економија е градење на конкурентен извозен сектор, целиот фокус на економската програма на ВМРО-ДМПНЕ е токму во насока на системска поддршка на домашните извозни компании кои можат да ја подигнат македонската економија во пост-кризниот период. Ова треба да биде ера на еден нов развоен модел кој конечно ќе обезбеди сериозен исчекор во подобрување на животниот стандард на македонските граѓани, но не со флоскули и празна реторика како што некој сега се обидува, туку со јасно дефинирана стратегија и прецизна методологија.

Треба ли да се креира посебна мерка за помош на странските инвеститори кои беа клучни во креирањето на извозот?
Од информациите кои излегоа во јавноста видовме дека дел од странските инвеститори во ТИР зони се корисници на средства од вториот сет на мерки за субвенционирање на плати за месец април. Но, тоа со сигурност нема да биде доволно со оглед на фактот што ударот врз извозот допрва ќе следи во вторниот и третиот квартал од годината за кој период Владата нема предвидено никаква поддршка. Дополнително, од брањата на Советот на странски инвеститори во земјата видовме еден сет на предлози кои можат да бидат исклучително корисни во амортизирање на последиците од кризата. Но, со оглед на политичката состојба во која влегуваме, мала е веројатноста дека во оваа фаза може нешто да се направи во таа насока. Затоа ние често пати апелиравме дека Владата реагира многу бавно и задоцнето во креирање на некакви мерки, повеќе под притисок на јавноста и засегнатите стране, отколку како сопствена иницијатива да се помогне вистински на економијата.
Во тој контекст, она што загрижува е тоа што Владата нема никаков план за поддршка на домашните извозни компании кои се многу поранливи (немаат сигурно пазари и партнери, имаат помала ликвидност и пониско ниво на конкурентност) поради што ќе бидат многу повеќе погодени од кризата. Имено, наместо популистички да најавува и ветува сеуште недефинирани мерки за индустријата кои наводно ќе важат од септември, Владата требаше веќе да има операционализирано план со конкретни мерки за поддршка на домашните извозно ориентирани компании со оглед на фактот што извозот веќе во месец март бележи пад од 26.8%, а тој пад ќе биде многу поголем во месеците кои следат.

Има ли услови за намалување на вредноста на денарот - девалвација?
И покрај тоа што сме сведоци на одредени шпекулации во јавноста во изминатиот период, сепак такви услови за намалување на вредноста на денарот или девалвација на девизниот курс не постојат. Имено, Народната Банка има силен механизам преку девизните резерви да ја одржи стабилноста на девизниот курс, а со тоа и макроекономската стабилност на земјата. Тоа значи дека сите граѓани и бизнис секторот треба да бидат спокојни и едноставно треба да останат смирени без било каква паника која би можела да биде само контрапродуктивна.
Сепак, постојат одредени предизвици кои треба внимателно да се следат со оглед на непредвидливоста на кризата од аспект на нејзината јачина и временскиот период на нејзино траење. Во последниот извештај и проекции на Народната Банка беше нотирано дека ќе се продлабочи дефицитот во тековната сметка, при што, се очекува во 2020 година да порасне на 3.2% од БДП. Таквиот дефицит во најголема мера ќе биде резултат на влошување на трговксата размена и зголемување на трговскиот дефицит, но истовремено и резултат на намалување на дознаките од странство. Истовремено, треба да очекуваме сериозно забавување на приливот на странски инвестиции со оглед на фактот што дел од компаниите ги имаат пролонгирано своите инвестициски активности, додека други потенцијални инвеститори е тешко да се очекува годинава. Да не заборавиме дека и лани имавме пад на СДИ за повеќе од 100% споредено со 2018 година.
Таквото забавување на СДИ ќе има негативно влијание врз финансиската сметка и заедно со трговскиот дефицит и падот на дознаките ќе ја влоши позицијата на платниот биланс, што ќе мора да биде компензирано преку заемите што државата планира да ги направи од странски извори. Ова само укажува дека најголемиот терет ќе падне врз јавниот долг кој до крајот на годината ќе достигне едно критично ниво.

https://www.facebook.com/komisiinavmrodpmne/posts/134629514887208

Последни новости