fbpx

Соопштенија

Мицкоски и Николоски на средби во Унгарија: Значаен проблем за граѓаните се сиромаштијата и корупцијата, земјата чека предолго пред портите на ЕУ, побарана поддршка за напредок

 Соопштение до јавноста

Денес (19.01.2021 година) претседателот на ВМРО ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски и потпретседателот г. Александар Николоски во Будимпешта остварија работен ручек со Претседателот на комитетот за надворешни работи на Парламентот на Унгарија г. Золт Немет и пратеникот на Фидес г. Габор Домос.

Инаку г. Немет е и еден од основачите на сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, унгарската Фидес, во два наврати државен секретар за надворешни работи, актуелен пратеник и шеф на делегацијата на Унгарија во Советот на Европа.

На средбата се разговараше за актуелните предизвици на државата на патот кон ЕУ, парламентарната соработка на ниво на сестринските партии, како и актуелната здравствена и економска криза.

Од страна на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски беше истакнато дека граѓаните на Македонија премногу долго чекаат на забележителен напредок на патот кон ЕУ, а сето тоа покрај евидентираниот недостаток на реформи, лош стандард и недостаток на правда, е отежнато и со ветото од Бугарија. Друг значаен проблем е катастрофата што се случува во економијата и исклучително високиот степен на корупција која поминува неказнето што е една од причините кочничар за напредок на државата на патот кон ЕУ, истакна Мицкоски.

Мицкоски ја изрази загриженоста од лошата економска состојба и рецесијата во која се наоѓа нашата земја. Граѓаните очекуваат посигурна иднина и можности за развој, наместо тапкање во место.

Од страна на потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ во делот на работата на Парламентот беа истакнати злоупотребите кои се прават од власта во повеќе сфери, како и во делот на употребата на законите со европско знаменце како начин да се замолчи опозицијата и без консензус да се протуркаат клучни законски решенија, како што е законот за попис. Николоски истакна дека сите конструктивни предлози на ВМРО ДПМНЕ врзани за пописот беа одбиени и нема таков случај во Европа каде влада без консензус со опозицијата турка попис што е јасен показател дека власта нема чесни намери. ВМРО ДПМНЕ е за објективен попис кој треба да се спроведе согласно професионалните стандарди применети во напредните европски државни, истакна Николоски.

На средбата беа констатирани добрите односи помеѓу двете сестрински партии како и можноста тие дополнително да се продлабочат. На Македонија и требаат пријатели и размена на искуства и знаења особено во економијата, здравството и другите полиња.

Мицкоски се заблагодари за досегашната поддршка и побара од унгарските пријатели да ги искористат своите позиции за поддршка на европските интеграции на државата.

 Со почит,
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Последни новости