fbpx

Соопштенија

Најавените инвертор клими доцнат 1 година, Заев вети дека граѓаните ќе ги добијат уште лани

 Став на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ

ДАЛИ ГРАЃАНИТЕ КОИ ДОБИЈА СУБВЕНЦИИ ЗА КЛИМА УРЕДИТЕ СО ИНВЕРТОР ЌЕ УСПЕАТ ДА СЕ ГРЕАТ НА ИСТИТЕ ПОСЛЕ ОГРОМНОТО ПОСКАПУВАЊЕ НА СТРУЈАТА ?

И покрај фалбите дека клима уредите со инвертор ќе беа достапни кај граѓаните уште минатата година, Заев дури денес се пофали дека жителите на Ѓорче Петров, Карпош и Центар можеле да ги вратат нееколошките печки, за да земат субвенции за клима уредите со инвертор. Но, како овие граѓани кои добија субвенции за клими со инвертор, сега ќе плаќаат за загревање на своите домови, со оглед дека се работи за греење на струја? Дали планираниот домашен буџет ќе им биде доволен да се греат на струја, бидејќи сите знаеме дека од 1 август наваму струјата за домаќинствата се зголеми за 7,4 %?

Освен фалбите на Заев, не изостанаа и фалбите на Ковачевски, дека АД ЕСМ ги обезбедило овие 10 милиони евра со планско менаџирање на компанијата, значително намалување на трошоците, зголемување на производството. Ако со вакво планско менаџирање имаме 7,4 % зголемување на струјата, тогаш какво ќе беше зголемувањето на цената на струјата ако директорот не менаџираше „плански“?

Меѓу другото, Заев се фали дека на овој начин се заштитувала и животната средина. Не може, а да не се запрашаме како ќе го заштитиме амбиенталниот воздух од згадување, кога оние што ќе се греат на инвертори ќе ја користат струјата од РЕК Битола, а за „добрата“ состојба на овој комбинат многу пати пишувавме. Имено, најчесто околината на РЕК Битола е сведок на честици од прашина и црн дим, бидејќи се додава огромна количина на мазут во јагленот, кој е со слаб квалитет. Исто така долго време ја алармиравме јавноста дека реконструкцијата на филтрите и десулфуризацијата сẻ уште не е завршена, иако раководниот тим на РЕК Битола уште минатата година се сликаше и фалеше дека ќе ја реализира ваквата инвестиција.

Оттаму следува дека ваквите популистички мерки за кои сите ќе плаќаме во иднина уште повеќе, се само замајување на јавноста од вистинските проблеми и сиромаштијата во која народот се повеќе тоне како резултат на економските мерки на СДСМ.

 

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Последни новости