fbpx

Прес конференции

Власта водејќи политика на понижувања, отстапки и предавства дојде до неуспех, Заев да си даде оставка и формирање на Влада за национален спас

Интегрален текст од прес конференција за медиуми - Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

          Политичката кариера на Зоран Заев се темели на две клучни ветувања, првото е живот за сите кое што еве гледаме дека не се случува во изминативе четири години и Македонија се задолжи преку две милијарди евра. А, 455.000 граѓани живеат со под две евра дневно. Тоа е тотална сиромаштија и беспарица.

          И, второто ветување за кое што повеќе сакам да зборувам денес е интеграцијата на Република Македонија во ЕУ. После четири години јасно е дека проектот ветување на Заев за ЕУ завршува со целосно фијаско за жал. И ова го констатирам не со радост, туку со огромна жал за сите граѓани кој што овој човек им потроши четири години од нивните животи, ветувајќи дека нешто ќе дојде, а тоа никако да дојде.

          Четири години лажни ветувања дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Четири години Зоран Заев и неговиот тим ветуваат дека ќе почнат преговори, ама никако да кажат на кој датум ќе почнат преговорите за членство во ЕУ. Четири години немаме одговор на едноставното прашање кое што го поставува ВМРО-ДПМНЕ кој е датумот на кој што ќе почнат преговорите со ЕУ.

          И во таа насока би сакал да дадам една ретроспектива на сето она што се случуваше во изминатиов период.

          Точно е дека Република Македонија голем, огромен проблем во противењето на Бугарија за отворање на преговори со ЕУ. Но исто така е точно е дека тоа е само дел од проблемот, а другиот дел од проблемот е неиспорачувањето во делот на реформи и во делот со борба на организираниот криминал и корупција.

          Да ја потсетам македонската јавност дека Владата предводена од Заев во 2017-тата и 2018-тата година требаше да реализира сет на реформи од т.н. план 3-6-9, степенот на тие реформи беше само 40%. Паралелно со тоа некаде во април месец 2018-тата година апелирав да не се прави грешка и да не се прават тајни договори, договори позади завеза за влегување на Македонија во иста група со Албанија. Тоа за жал се случи и во 2018-тата година во јуни месец Македонија не доби датум за почеток на преговори со ЕУ. Затоа што немаше доволен степен на реформи и влезе во иста група со Албанија.

          ЕУ даде три услови кои што требаше да се реализираат до јуни 2019 година. Тоа беше реформа на  администрацијата, реформи во безбедносните служби и борба со организираниот криминал и корупција. Во јуни 2019 година владата на Заев не испорача по однос на овие три прашања, реформа во администрацијата немаше, реформи во безбедносните служби благодарение на поддршката на ВМРО-ДПМНЕ се случија но само на  хартија, а не и во пракса, а за борба со организиран криминал и корупција не сакам ни да зборувам.

          Во јуни 2019 година Македонија повторно не доби датум за почетокот на преговорите и тогаш не беше проблем противењето на Бугарија, тогаш беше проблем рекетот, криминалот и корупцијата затоа што да ја потсетам македонската јавност  некаде од април, мај месец почна да се слуша за случајот „Рекет“ во кој што врвот на власта рекетира бизнисмени во Македонија.

          Понатака се одложи истото за октомври 2019 година со барање да се реализираат реформи, но наместо да се реализираат реформите се случи дополнително фијаско во борбата со организираниот криминал и корупција кога власта се обиде да го заштити врвот на криминалната пирамида во случајот „Рекет“ и се договори само ситните риби да одговараат во истиот.  Тоа беше причината и во октомври 2019 година Македонија да не добие датум за почеток на преговори со ЕУ затоа што премиерите и претседатели на земјите членки на ЕУ не сакаат да седат на иста маса со корумпиран човек.

          После сиот овој сплет на околности кога нашиот источен сосед Бугарија виде дека Македонија не напредува во делот на реформи и борба со организирам криминал и корупција реши да ги постави и своите позиции. Така бугарското собрание во октомври 2019 годна усвои заедничка позиција на сите политички партии во однос на условите кои што треба Македонија да ги исполни за членство во ЕУ, услови кои што се спротивни на интересите на македонскиот народ кој што го задираат македонскиот јазик и македонската посебност. Уште тогаш претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски понуди да се направи средба помеѓу клучните политички фактори во Македонија и слична декларација со македонски позиции, да се усвојат македонското собрание како би можело Македонија со консензус да ги постави своите позиции. За жал истото беше одбиено. Потоа следуваше март 2020 година кога Бугарија успеа овие позиции како објаснувачки меморандум да ги направи составен дел на одлуката на ЕУ по однос на почетокот на преговори на Македонија.

          Тогаш беше атмосфера на предизборие и власта се обиде да го скрие овој документ. Две недели го криеја документот, за потоа да биде презентиран од медиумите, да биде презентиран и од ВМРО-ДПМНЕ.

          Тогаш јавно повикавме на лидерска средба, на која што заеднички ќе заземеме став и ќе одговориме на овие позиции и предупредивме, дека доколку Македонија тоа не го направи, последиците ќе бидат далекусежни и дека е многу веројатно дека Македонија нема да ги почне преговорите со Европската унија.

          За жал, тоа наше барање се одби, се одби барањето за лидерска средба, власта продолжи самата да ги води процесите, верувајќи дека ќе може на тој начин да се претставува како единствен фактор кој што ја движи државата напред, а сите останати се, нели, ретроградни сили. Но, во суштина се случи обратното и еве сме на крајот на ноември 2020-тата година, скоро на крајот на 2020 година Македонија е соочена со блокада во однос на почетокот на пристапни преговори со Европската унија.

          Сета оваа хронологија покажува дека оваа Влада, предводена од Заев нема нити волја, нити капацитет да направи реформи, да се бори со организираниот криминал и корупција, а уште помалце знае да ги решава отворените прашања. Затоа што единствената политика која што ја знаат, е политика на национални отстапки, на национално понижување и на национални предавства.

          Затоа ден поскоро, час поскоро треба да заминат! Зоран Заев и оваа Влада да поднесат оставка и да се формира Влада на национален спас, која што ќе даде одговори на оваа голема криза во која што се наоѓа Македонија. Криза во однос на блокадата на евроинтегративниот пат, но исто така здравствена и економска криза со корона вирусот.

          Тоа е нашиот апел, тоа е нашето барање кое што очекуваме СДСМ и останатите политички партии од власта да го послушаат, заеднички да поддржиме Влада на национален спас, која што ќе ја извади Македонија од, можеби, најголемата криза од нејзината самостојност.

            Прашање: Дали господин Мицкоски ги повика како што најави лидерите на опозициските партии на средба ако не кога ќе ги повика? Дали мислите дека има можност и треба да има лидерска средба и со лидерите на владејачките партии? За што конкретно би се разговарало на тие средби?

            Одговор:  Во однос на средба со опозиционите партии ние сме во постојана комуникација со сите опозициони партии а во однос на средба деновиве прво ќе заседава највисокиот извршен орган извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на кои што ќе ги утврдиме позициите на партијата и после тоа ќе следуваат покани за ваква средба. Во однос на лидерска средба апсолутно сметаме дека ден поскоро час поскоро е потребна лидерска средба. Гледаме дека претседателот на државата закажува Совет за национална безбедност, се шпекулира низ медиумите дека ќе се прогласи кризна состојба, најмалку што треба да се направи е да се свика една лидерска средба на која ќе се разговара во однос на три прашања. Првата работа е здравствената криза предизвикана од корона вирусот, втората е економската криза предизвикана од корона вирусот и третата е блокадата на Македонија во однос евроинтегративниот пат и барањата од Бугарија за национално обезличување на Македонија и на Македонците. Така што таа средба очекуваме да се случи, повикуваме да се случи, тоа е начинот на кои што работат паметните држави. Со ова мислам дека ги кажав и темите на кои што би требало да се разговара и клучната тема на која што треба да се разговара на лидерска средба е формирање на Влада за национален спас која што ќе даде одговор на најголемата криза со која што Македонија се соочува во овие 30 години, здравствена криза, економска криза и национална криза.

Последни новости