fbpx

Прес конференции

Владата отсутна од реалноста: турка "нормалност" без решение за згрижување на децата од 6 до 10 годишна возраст

Интегрален текст од прес конференција и Одговори на новинарски прашања - Ели Панова, пратеник во Собранието на Република Македонија

Почитувани,

Насилството на власта врз граѓаните е безмилосно. Некоординираноста создава небулозни состојби кои што на родителите на децата од предучилишна и возраст од 6 до 10 години, наместо да им излезе во пресрет, предизвикува хаос.

Или  со други зборови, во истата влада се носат одлуки кои што се контрадикторни со одлуките на одделни министерства, како на пример Министерството за образование, Нинистерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика.

Почитувани

Согласно последната одлука на владата, сите родители на деца кои досега беа ослободени од работните обврски, се враќаат на извршување на работните задачи од 23-ти септември. Меѓу нив се и родителите на децата до 6 годишна возраст, но и на родителите чии деца од 6 до 10 годишна возраст се вклучени во воспитно – образовниот процес во училиште. Притоа, внимавајте, цитирам  „Без разлика на начинот (со физичко присуство или од далечина) на кој детето ќе ја следи наставата во училиштето“.

Власта целосно го занемарува фактот дека согласно здравствените протоколи, училишните часови ќе бидат скратени за 10 минути, односно за оние ученици до 10 години часовите ќе траат по 30 минути, а се уште нема никаква одлука за функционирањето на дневниот престој во училиштата. Според информациите од училиштата, првата смена за настава за учениците до 10 години ќе трае од 8 часот до 10 часот и 15 минути, додека втора смена почнува во 10 и 30 часот, а ќе трае до 12 и 45 часот.

Е па почитувани, власта креира целосен хаос и крах на системот.

Родителите, граѓаните се оставени на избор - дали да дадат откази на работните места или децата до 10 годишна возраст да ги остават сами на себе? Ако се посетува физичка настава, децата од прва смена по 10 часот и 15 минути треба да бидат оставени само на себе. Ако пак треба да следат онлајн настава, треба да бидат оставени  сами дома, незгрижени и внимавајте сами да се снаоѓаат пред компјутер со целосно нов некаков приод кон онлајн учење?

Истото се однесува и за оние деца кои што ќе бидат втора смена- кој ќе ги однесе до училиште во 10: 30 часот или пак кој ќе ги земе во 12:45 часот? Тука станува збор за деца од 6, 7, 8, 9 и 10 години.

Е па Зоран Заев и неговите пулени Филипче, Шахпаска и Царовска треба да одговорат:
Дали владата намерно турка систем во кој што децата од 6 до 10 години ги остава незгрижени?
Ова ли е тоа општество и власт кои што се грижат за добробитта на децата?
Ова ли се мерките кои што ќе произведат, оние што со сила ги враќаат на работа, целосно безгрижно да се посветат на работата?
Овие ли се вистинските мерки за децата и вистински воспитно образовен процес, со два до три часа физична настава, а потоа децата да останат незгрижени, затоа што државата нема решение за згрижување на децата од 6 до 10 годишна возраст?

Мила Царовска, како поранешна министерка за труд и социјална политика, а сега министерка за образование, треба да е свесна дека ова се вистинските проблеми  кои што задираат во правата на децата, задираат во принципите на заштита на правото на живот и развој на детето, заштита на најдобриот интерес на детето, почитување на правото на слобода и безбедност на личноста, услови за здрав живот.

Дури и да е во ред епидемиолошката состојба, а не е, ваквото однесување на власта кон вработените и севкупно кон граѓаните е ништо помалку од насилничко.  Заборавени и фрлени во неволја се цели групи на граѓани, еднородителски семејства, семејства кои што немаат каде да го остават децата на згрижување, уште повеќе семејства кои што доволно приходи за да плаќаат некој за секојдневно да се грижи за нивните деца.

Пред да се донесе мерката  владата не пристапила сериозно кон собирање на релевантни податоци за тоа дали и колку од ова заради нивната мерка ризична група на деца од 6 до 10 години, има или може да се потпре на помош од поширокото семејство, ниту пак дали воопшто би требало да се бара помош од ризична група заради животно загрозувачкиот вирус кој што се уште пламти.  Но, најголемиот проблем е што владата донесе одлука без да обезбеди државата на било кој начин да ги згрижи децата на возраст од 6 до 10 години.

Забеганата власт вака испраќа порака дека децата и нивната добробит не и се важни.

Инсистираме, Владата да ја повлече оваа избрзана одлука, да отвори јавна дебата и пред носење на нова одлука да ги земе предвид барањата и потребите на родителите и пред се во фокусот да ја стави грижата за добробитта на децата.

И овој пат, изборот е или мафијата или Македонија.

Ви благодарам на вниманието

Новинарско прашање: Имаше предлог закон за измени во Изборниот законик што се однесуваа на отворени листи на советници на локалните избори. Дали ВМРО-ДПМНЕ ги подржува, имајќи предви дека тогаш имаше критики?

Одговор:  Во однос на отворените изборни листи, како што рековме и вчера, тоа е добра основна точка за разговор за промена на изборниот законик, но исто така мораме да потенцираме дека од СДСМ треба да се изјаснат дали ова е нивни конечен став, бидејќи еднаш веќе беше разговарано, постигнато заклучок и повеќе пати го менуваа мислењето и се предомислуваа. Воедно уште еднаш го потенцираме и нашиот предлог за еден изборен круг за локалните избори,  со цел да се заштеди пари и време на граѓаните, како и еднаш засекогаш да се регулира гласањето на дијаспората.

Новинарско прашање: Исто така имаше во процедура и закон за попис на население кое немаше успех и не се усвои, владата најави дека пак тој предлог закон за пописот ќе биде во собранието дали ќе го подржите овој пат?

Одговор:  Пописот треба да биде статистичка, а не политичка работа. Од оваа Влада можеме да очекуваме единствено политичка операција која ќе биде предмет на тргување, што е тотално погрешно и не се согласуваме со тоа, бидејќи оваа Влада нема капацитет да го сработи пописот како статистичка операција. Затоа уште еднаш потенцираме дека пописот треба да биде статистичка операција и веќе се имаме произјаснено во минатото по ова прашање.

Новинарско прашање: Како ги коментирате вчерашните навреди од страна на Костадин Костадинов пратеник од СДСМ упатени кон пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Гордана Силјановска Давкова?

Одговор: Говорот на колегата Костадинов, кој што е и прилично помлад од професорката Силјановска е крајно навредлив и што е најважно за јавноста, не е прв пат некој од колегите на СДСМ  да се однесува вака. Го осудуваме говорот на омраза кој е навредлив за женскиот пол и оттука може да се види само примитивизам во изразувањето на пратениците, што морам да потенцирам дека не е изолиран случај само од пратеникот Костадинов од СДСМ, туку имало и други случаеви во минатото. Најмалку што може Костадинов е да се извини на професорката Силјановска Давкова и на сите жени за неговиот говор и никогаш повеќе да не се осмели да ги навредува жените, бидејќи сите тие се нечии ќерки, мајки, сопруги, сестри итн.

Последни новости