fbpx

Интервјуа

Ние доаѓаме да направиме комплетен рестарт

 Интервју на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 4 за порталот Прес24

Доста време Македонците живееа во ПР приказни за реалноста, мора да се соочат со вистинската реалност која е далеку од розева за каква ја прикажува онаа цела војска на маркетинг експерти вработени по сите институции. Во Македонија т.н. „транспарентност“ се претвори во алатка за политички маркетинг и искривување на фактите, вели во интервју за Прес24, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на опозицијата во изборната едница 4, Александар Николоски.

Откако, лидерот на партијата, Христијан Мицкоски се одлучи да биде шпицен кандидат за премиер, улогата на директно соочување со Зоран Заев ја презема токму Николоски, кој е убеден дека „Оновата на Македонија“ е реалност која ќе се случи по 15 јули.

-Обновата подразбира целосен рестарт на системот. Рестарт на правниот систем, економијата, образованието, стопанството, здравството, сѐ она што живот значи за граѓаните, вели Николоски во интервјуто за Прес24.

Тврди дека актуелната власт води политика заснована на нереален ПИ АР, плешејќи ги граѓаните со ВМРО-ДПМНЕ како зло во државата.

-Немајќи никаква визија за државата и реалните проблеми на граѓаните, тонејќи во својата безидејност и криминал, смсислуваат приказна за некакво заплашување на народот. Навистина не знам на кој европски пат е вратена Македонија, доколку некој мисли дека „европскиот пат“ подразбира криминал и рекет од страна на Заеви тогаш може слободно да каже дека е на европскиот пат. Но европскиот пат е сосема нешто друго, тој не подразбира криминал, корупција, уцена, замолкнати медиуми, заплашени граѓани и репресија врз сите неистомисленици, па следствено на тоа не може да се заклучи дека има тука некакви демократски процеси туку напротив, Македонија е во хибриден режим, вели Николоски.

-Во здравството изминативе месеци повеќе гледавме врвен ПР отколку врвно менаџирање со кризата. Ваква светска здравствена криза кај нас се искористи за промоција на политичари. Истата таа ПР машинерија по наредба на властите ги обвини граѓаните за ширењето на вирусот. Според Заев и СДСМ од 7 милијарди жители на планетава само Македонците се криви и недисциплинирани.Ние доаѓаме да направиме комплетен рестарт на ова, вели Александар Николоски, носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во И.Е.4

ПРЕС 24: На почетокот сме од предизборната кампања, а како нејзина увертира беа серија на аудио снимки. Што да очекуваме во следните 20 дена? Понуда или „бомбашка забава“?

НИКОЛОСКИ: ВМРО ДПМНЕ ќе се обиде на граѓаните да им ја презентира својата програма, ние ќе допреме до секој граѓанин и ќе му го претставиме она кое го имаме зацртано за наредните 4 години. Валканите кампањи и т.н. „бомбашки забави“ се одлика на ова раководство на СДСМ кое во голата борба за власт ја урнисаа Македонија и нејзините позиции. Но ВМРО ДПМНЕ не може да го премолчи она што е јавен интерес, не може да премолчиме кога секојдневно кај нас пристигнуваат граѓани и стопанственици кои немајќи доверба во институциите на системот се одлучуваат доказите за нивните голготи да ни ги достават нам. Нема една фирма која не е изрекетирана, нема еден човек кој не е уценет, ние влеговме во политика за ова да го промениме а не да го премолчиме. Така што, ние во кампања одиме со понуда за обнова на Македонија, но и со презентирање на владиниот криминал на јавноста.

ПРЕС 24: Можно ли е да се води нормална кампања во ваков дијаметрално спротивни политики меѓу власта и опозицијата. Во ситуација кога политичката битка се претвора во политичка омраза?

НИКОЛОСКИ: Секако дека политиките се дијаметрално спротивни, од едната страна имате детална програма за обнова на Македонија, од другата страна имате брутален криминал и уцена, и граѓаните ќе мора да изберат едно од овие две нешта. Без разлика на можностите ние влегуваме да ја урнеме криминалната политика која, како што кажавте и вие, е дијаметрално спротивна од нашата политика. Омразата не е присутна само во политиката, тоа семе на раздорот СДСМ го посеа и помеѓу граѓаните, нашето општество е поделено и по најтривијални прашања и ова е последната шанса да се задржи хомогеноста во нашето општество. Кога една Влада континуирано по сите прашања работи дијаметрално спротивно од желбата на граѓаните таа влада треба да биде отстранета.

ПРЕС 24: Кој ќе биде таргетот на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори, СДСМ или програмата со понуди како коцепт?

НИКОЛОСКИ: Таргетот на ВМРО ДПМНЕ на овие избори, како и на сите досегашни, се граѓаните. Во политиката и во доктрината на ВМРО ДПМНЕ во центарот секогаш се наоѓа граѓанинот. Програмата која ја презентираме ширум Македонија се однесува токму на граѓаните и нивните проблеми и потреби. Секако, логично е СДСМ да биде нашиот таргет, тие се нашиот политички опонент кој треба да биде разголен пред јавноста. Доста време Македонците живееа во ПР приказни за реалноста, мора да се соочат со вистинската реалност која е далеку од розева за каква ја прикажува онаа цела војска на маркетинг експерти вработени по сите институции. Во Македонија т.н. „транспарентност“ се претвори во алатка за политички маркетинг и искривување на фактите.

ПРЕС 24: Одите со слоган “Обнова на Македонија“. Што подразбира тоа, за каква обнова станува збор?

НИКОЛОСКИ: Станува збор за сето она кое беше урнато во изминатите 3 години, но и за сите грешки и погрешни чекори кои беа повлечени во изминатите 30 години. Обновата подразбира целосен рестарт на системот. Рестарт на правниот систем, економијата, образованието, стопанството, здравството, сѐ она што живот значи за граѓаните.

Сите слаби точки во системот за кои беше критикувана ВМРО ДПМНЕ во нејзиниот претходен мандат не само што не беа исправену туку напротив, владата предводена од СДСМ ги презема тие практики и ги надгради. И денеска она т.н. „сваровски судство“ го гледаме надградено во „трас, трас“ судство, уште полошо, уште покорумпирано, уште поштетно за граѓаните и државата. Економијата е целосно девастирана, додека граѓаните се презадолжени, додека буџетот е во дупка, додека се отпуштаат работници како во времето на транзицијата, додека луѓето едвај врзуваат до први во месецот, додека сме комплет банкрот Заеви преку своите фирми испумпуваат пари од буџетот. Не знаат да кажат една странска инвестиција која ја донеле. Не знаат да посочат еден пат кој го изградиле.

Додека СДСМ беше во опозиција на најбрутален начин го искористи револтот на студентите и средношколците, ги презема студентските протести и ги претвори во класични партиски протести, за денеска да сме сведоци дека УКИМ, кој е најстар и најголем универзитет во Македонија, е последен во Европа и постојано паѓа на ранк листата.

Во здравството изминативе месеци повеќе гледавме врвен ПР отколку врвно менаџирање со кризата. Ваква светска здравствена криза кај нас се искористи за промоција на политичари. Истата таа ПР машинерија по наредба на властите ги обвини граѓаните за ширењето на вирусот. Според Заев и СДСМ од 7 милијарди жители на планетава само Македонците се криви и недисциплинирани.

Ние доаѓаме да направиме комплетен рестарт на ова.

ПРЕС 24: Ако се гледа низ призмата на власта, тогаш и овде има дијаметрални позиции. Власта тврди дека во овие три години ја вратила Македонија на европскиот пат и демокрастките процеси, следствено на тоа Вашата Обнова ја толкува како враќање во времето на претходната власт. Тоа ли е таа обнова?

НИКОЛОСКИ: Нема тука никакво толкување, тоа се оние ПР алатки за кои зборував погоре. Што прави власта? Немајќи никаква визија за државата и реалните проблеми на граѓаните, тонејќи во својата безидејност и криминал, смсислуваат приказна за некакво заплашување на народот. Навистина не знам на кој европски пат е вратена Македонија, доколку некој мисли дека „европскиот пат“ подразбира криминал и рекет од страна на Заеви тогаш може слободно да каже дека е на европскиот пат. Но европскиот пат е сосема нешто друго, тој не подразбира криминал, корупција, уцена, замолкнати медиуми, заплашени граѓани и репресија врз сите неистомисленици, па следствено на тоа не може да се заклучи дека има тука некакви демократски процеси туку напротив, Македонија е во хибриден режим.

ПРЕС 24: Економија или патриотизам, што ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди на овие избори?

НИКОЛОСКИ: Економијата е всушност патриотизам, тоа се сврзани садови, патриотизам е да имате побогати граѓани, поспокојни и посреќни граѓани. Ние секогаш сме фокусирани најмногу на економските прашања во општеството, во наредниот период Македонија ќе треба да се извлече од оваа бездна во која се наоѓа и потребни се сериозни напори и знаење да се покрене целокупната економија. Во нашата програма ги имаме детално претставено сите чекори кои ќе ги повлечеме во наредниот период во економијата. Почнувајќи од враќањето на рамниот данок кој ќе го доведеме на 8%, стабилизирање на буџетот, преку засиленото привлекување на странски и домашни инвестиции, до реално зголемување на платите и пензиите.

ПРЕС 24: Анкетите кои досега беа објавени покажуваат некаква изедначеност. Тоа само по себе најавува партијата која ќе добие мандат за формирање влада ќе зависи од постизборна колаиција. Имате ли идеја како да стасате до 61 пратеник во Собранието?

НИКОЛОСКИ: До денот на изборите јавноста ќе биде сведок на секакви анкети, правени и од сериозни истражувачки куќи, но и онакви кои власта ги користи за дневно покривање. Ние секако ќе победиме на овие избори и ќе направиме влада. Имаме точно зацртан план по кој се движиме и чекорите ги влечеме во таа насока.

ПРЕС 24: Идејата на ДУИ, за прв премиер Албанец, вака на прва звучи како смислено сценарио за уцена токму на партијата која ќе треба да го формира тоа мнозинство во Собранието. Како ВМРО-ДПМНЕ би одговорила на евентуален ваков предизвик?

НИКОЛОСКИ: ВМРО ДПМНЕ веќе го има јавно кажано името на премиерот и јавноста веќе го знае, Христијан Мицкоски ќе биде новиот премиер на Република Македонија и тоа прашање е веќе затворено.

 

Последни новости