fbpx

Интервјуа

Муцунски за Фокус: На прво место нудиме силни институции и фокус врз евроинтеграциите

Интервју на Тимчо Муцунски дадено за Фокус. 

Искрено веруваме дека ќе бидат исполнети највисоките стандарди за здравствена заштита и се надеваме дека ќе успееме да ги мотивираме нашите граѓани да излезат и да го дадат нивниот глас за партијата и коалицијата на која и веруваат дека им нуди нова и за нив прифатлива визија за развој на Македонија, вели во разговор за Фокус Тимчо Муцунски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ. Тој посочува дека во програмата што ја нудат пред граѓаните на прво место е зајакнување на институционалните капацитети на државата, што, според него, ќе резултира со подобрување на бизнис-климата и пораст на БДП. Муцунски смета дека крајно време е да се вложат дополнителни напори во градење на, како што истакнува, цврста и единствена национална платформа и стратешки пристап во насока на ослободување од стегите на „попустливата надворешна политика“.

ФОКУС Со оглед на специфичните околности поради корона вирусот, постојат ли поволни услови за организирање на изборите и за мобилизација на гласачите?

МУЦУНСКИ Доколку сакаме да бидат спроведени легални, легитимни, фер, демократски и кредибилни избори потребно е сите заееднички силно да ги почитуваме здравствените протоколи и препораки од здравствените експерти, со што ќе им се гарантира на учесниците во целиот процес на спроведување на кампањата и изборните денови висок степен на здравствена безбедност, бидејќи нема ништо поважно од заштитата на животот и здравјето на нашите граѓани. Тоа практично би значело дека е неопходно гласачите, членовите на избирачките одбори и набљудувачите да се чувствуваат максимално безбедни и без никаков страв да пристапат во спроведувањето на нивните обврски и остварувањето на уставното избирачко право. Искрено веруваме дека ќе бидат исполнети највисоките стандарди за здравствена заштита и се надеваме дека ќе успееме да ги мотивираме нашите граѓани да излезат и да го дадат нивниот глас за партијата и коалицијата на која и веруваат дека им нуди нова и за нив прифатлива визија за развој на Македонија. За да успееме во наведената насока, сите политички партии ќе мораат да вложат два пати поголем напор отколку во било кои претходни изборни циклуси.

ФОКУС Каква кампања ќе води ВМРО-ДПМНЕ за претстојните парламентарни избори?

МУЦУНСКИ Нашата кампања ќе биде целосно прилагодена на новите услови и со силно почитување на превентивните мерки за заштита на здравјето, при што практично ќе се обидеме да направиме комбинација од остварување на безбедни непосредни контакти (на соодветна дистанца, со носење на маски и висок степен на хигена), со истовремено користење на сите возможни алатки за комуникација преку медиумите, интернетот и социјалните мрежи.

ФОКУС Кои прашања ќе доминираат во текот на кампањата? Дали клучно ќе биде справувањето со здравствената и економската криза или ќе се обидете да наметнете и други теми?

МУЦУНСКИ Проектот Обнова на Македонија опфаќа мерки и планови кои се изготвуваа повеќе месеци од врвни експерти од земјава и странство, базирана на директните потреби на граѓаните кои ја синтентизираат нашата визија за реализиација на голем број проекти со конкретно поставени рокови кон кои како политичка партија и коалиција се обврзуваме дека ќе ги исполниме во наредниот период од четири години. Во рамките на нашата програма која ја нудиме на граѓаните на прво место е зајакнување на институционалните капацитети на државата, што упатува кон подобрување на ефикасноста на сите институции и државната администрација. Токму засилувањето на тој капацитет очекуваме најнепосредно да влијае кон значајно подобрување на бизнис климата, зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, кон засилување на финансискиот пазар, кон пораст на производството, зголемување на извозните активности и пораст на БДП. Сето ова неспорно ќе даде силен импулс и кон најзначајниот сегмент, а тоа е подобрувањето на условите за живот и севкупниот стандард на сите наши граѓани. Очекуваниот напредок во претходно споменатите области ќе создаде услови и соодветна клима за наше забрзано интегрирање кон ЕУ и истовремено зацврстување на кохезивноста на нашето мултикултурно, мултиетничко и мултирелигиско општеството, како и на мирот, стабилноста, безбедноста и непречениот економски просперитет на Република Македонија и сите нејзини граѓани.

ФОКУС Колку ќе се обидете да ги актуализирате договорите за решавање на спорот за името со Грција и за добрососедство и пријателство со Бугарија, кои жестоко ги критикувавте?

МУЦУНСКИ Како политичка партија сметаме дека едностраните решенија прифатени и имплементирани од страна на Владата на СДС, без демократски дијалог, консултација со релеватнтните политички субјекти и пошироката експертска јавност и нанесоа сериозна штета на нашата држава. Заради наведените причини сметаме дека е крајно време да вложиме дополнителни напори во градење на цврста и единствена национална платформа и стратешки пристап, како вистински патоказ за ослободување од стегите на попустливата надворешната политика, чии сведоци бевме во последните три години. И најголемите проблеми можат да се решат и најголемите грешки може да се поправат и за тоа се потребни проактивни и јасно поставени дипломатски приоритети, активности и мерки насочени кон барање на прифатливи и достоинствени решенија, со взаемна решеност и воља на соседните држави и нашите стратешки партнери на меѓународната политичка сцена.

ФОКУС Какви се вашите планови и решенија на надворешно-политички план?

МУЦУНСКИ Идната Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и партнерите во Коалицијата за обнова на Македонија ќе стави силен фокус кон развојот на евро-интеграцискиот пат и ќе посвети големо внимание кон заштитата на идентитетските прашања, во согласност со меѓународните норми, принципи и стандарди и на максимално принципиелна основа, по примерот на најразвиените демократски држави во Европа и светот. Отворањето на дијалог за сензитивните идентитетски прашања не би требало да биде својствено за овие модерни времиња, кога го живееме 21-от век, во кој се соочуваме со редица други тешки предизвици, а од кои во голем дел зависи и нашиот одржлив развој. Во наведената насока, градењето на силни добрососедски односи, засновани на постојан дијалог, меѓусебно почитување и респект кон заедничкото минато и различитости, може да бидат силен поттик за развој на економската, надворешно-трговската, финансиска, туристичка и инвестициска соработка, како и во нашето понатамошно инфраструктурно и енергетско регионално поврзување.

ФОКУС Каков резултат очекувате на изборите и кои се главните фактори кои ќе определат кој ќе победи на изборите и кој ќе успее да формира влада?

МУЦУНСКИ Меѓу главните фактори кои ќе го определат победникот на овие предвремени парламентарни избори секако се реалните програмски определби на коалициите и политичките партии кои се учесници во изборите, а во кои граѓаните ќе веруваат дека можат да бидат остварени во целост или во најголем дел. Од суштинско значење за гласачите е дали можете да им понудите интегрирана, стабилна и безбедна држава, која реално ќе ги решава проблемите со кои се соочуваат граѓаните како последица на здравствената и економската криза, постоење на стабилни државни институции и ефикасна администрација со нулта толеранција кон криминалот и корупцијата, дигитална трансформација, силна економија со модерна и брзо адаптабилна индустрија, слободен и конкурентен пазар, квалитено и модерно образование, нов концепт на земјоделска политика, атрактивен и модерен туризам, современ здравствен систем, поголема заштита на животната средина, поголема грижа за ранливите категории, за работниците, пензионерите и посебно за младите, унапредување на културата, уметноста и поголемо значење на спортот.

ФОКУС Имате ли посакуван или компатибилен коалициски партнер меѓу, условно кажано, албанските партии?

МУЦУНСКИ Доколку се оценува понуденото и реализираното на претходната влада и она што нашата коалиција и политичка партија го има поставено како реална и целосно остварлива визија во програмата, веројатно нема да биде тешко да се произведе заклучокот кој ќе биде победникот. Нашите очекувања се дека граѓаните ќе ни ја дадат довербата и дека ќе освоиме доволно пратенички мандати, кои ќе ни овозможат да ја формираме идната македонска влада, која ќе ја предводи проф. д-р Христијан Мицковски, а во која ќе има отворено место за сите потенцијални постизборни коалициони партнери кои ќе ја прифатат нашата пограма за обнова на државата. Искрено веруваме во граѓаните дека ќе ни ја дадат довербата и заеднички да ја градиме стабилна, безбедна, креативна и просперитетна Република Македонија, со силен потенцијал за целосно исполнување на нашите долгорочни стратешки политички, економски, социјални и надворешно политички приоритети.

Последни новости