fbpx

Вести

170-те амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ се реалните потреби и барања на граѓаните

„Во ребалансот на буџетот поднесени се вкупно 186 амандмани. Од кои повеќе од 170 амандмани се амандмани поднесени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Амандманите се поднесени со цел истите да бидат прифатени. Тоа се реални потреби и барања од граѓаните кои што се артикулирани на листа хартија од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ“, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ  и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски при гостувањето во емисијата „Бизнис поенти“.

Мицевски посочи дека очекува овие амандмани да бидат сериозно разгледани и прифатени од парламентарното мнозинство.

„Имаме различни амандмани од  суштински аспект, и амандмани кои што се локални кои што ги бара локалната заедница. Така, да еве би споменал од делот на образование, имаме поднесено амандман за компјутери за 40.000 деца, компјутери за наставниците во основното и средното образование. Зголемување на средствата за наставно - научно истражувачката работа, средства за обука на наставниот кадар и нивните асистенти. Во делот на животната средина субвенционирање на велосипеди, тротинети, енергетска ефикасност, да им се доделат средства на општините кои што ќе можат да ги прераспределуваат во општините со најголемо загадување. Тука се и филтри за индустриски капацитети и слични проекти“, потенцира Мицевски.

Мицевски додаде дека се поднесени и амандмани во делот на здравството, во делот на проектите за опремување на инфективните одделенија. Реконструкција и санација на повеќе здравствени домови, зголемување на бодот кај стоматолозите се дел исто така од поднесените амандмани на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во делот на земјоделието веќе не знам која година по ред го поднесуваме амандманот за издвојување на пари за интервентниот фонд во земјоделие кое што Заев го најави со Програмата во 2017-тата година. А, се уште за жал го нема. Обезбедување на средства односно пари, субвенции за оризопроизводителите, за грозјето, за јаболката, и за сите други земјоделски сектори. А, во делот на транспортот имаме проекти од рехабилитација на локални патишта, патниот правец  Кичево – Охрид, патниот правец Градско – Прилеп, реконструкција на железничкиот сообраќај. Во делот на културата зголемување на средства за археолошки ископувања, тука се Скопското, Виничкото Кале и многу други проекти кои што се вметнати во овие 170 амандмани од страна на опозицијата“, појасни Мицевски.

Мицевски не очекува дека парламентарното мнозинство ќе биде транспарентно и дека ќе прифати дел од понудените амандмани. Дури потсети дека амандманите кои што се поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, се дадените а заборавени ветувања на СДСМ.

Последни новости