09.10.2023

Мизрахи: Сали и Спасовски ќе сведочат први за случајот со Онкологија, нема да дозволам притисок врз Анкетната комисија од ниту еден политичар или партија

Прв седнува поранешниот министер за здравство Беким Сали, а по него министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вели Рашела Мизрахи пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и претседателка на Анкетната комисија што ја формираше Собранието за скандалот на Онкологија во денешното гостување во емисијата Анализа на ТВ 24.

Мизархи посочи дека како политичка партија поднеле дури 44 сведоци кои ќе треба да сведочат во врска со случајот со Онкологија.

Ние изготвивме листи на сведоци и до секоја пратеничка група и пратеник беше доставено писмено барање за листа на сведоци и листа на материјали кои би ги побарале институциите. Рокот денеска беше до денеска до 10 часот и доставија ВМРО-ДПМНЕ, Левица и СДСМ. Сублиматот е кој ќе бидат сведоци, а комисијата го задржува правото да доставува дополнителни сведоци кои ќе произлезат од сведоците. На барање на ВМРО-ДПМНЕ има 44 сведоци, а од Левица, само еден, тоа е Даријан Петров кој е дел од граѓанската иницијатива и организатор на протестите, а СДСМ има 27 сведоци. Во овој список има и бивши министри и оние кои биле директорски позиции на други институции, не само на Онкологија. Од ФЗО се бараат Миле Гугарев, Фатон Ахмети, Ден Дончев, Ефти Насков, Орхан Рамадани, Стево Крстевски и Магдалена Грашковска, Цвете Серафимовски од списокот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мизрахи.

На прашање дали има информации за притисок или можно влијание, Мизрахи посочи дека сега за сега нема информација, но доколку се случи такво нешто ќе се известат медиумите и јавноста, бидејќи како што рече нема да дозволи никој да ја попречува работата на Анкетната комисија.

Доколку било што такво се случи, веднаш ќе ги известам медиумите и јавноста како одбранбен механизам на пратениците на Анкетната комисија. Нема да дозволам никој на ниту еден начин, од ниту една партија да прави притисок на Анкетната комисија, бидејќи целта е една и единствена, да покажеме пред се дека Собранието има поголемо значение од оној 1 процент доверба и да покажеме дека можеме да си ја завршиме работата, додаде таа.